Македонија
Димитровски: Билатералните прашања за историјата и за идентитетот мора да останат надвор од процесот на пристапување
Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска во Белград, учествуваше на вториот дел од Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите учеснички на Централно европска иницијатива (ЦЕИ), во рамки на српското претседавање со иницијативата.
Фокус на овогодинешните дискусии беше ставен на стратешката важност изнаоѓање на модалитети за зајакнување на регионот на земјите членки на ЦЕИ преку поврзаност, иновации и евроинтеграција.
Истовремено, беше потенцирано дека проширувањето на ЕУ не е само технички процес – тоа е геополитичка неопходност. „Процес кој е предвидлив, базиран на заслуги и со поголема вклученост на земјите-кандидатки во политичките дијалози, програми и иницијативи на ЕУ, би дал посилна политичка порака и ќе може да се спротивстави на фрустрацијата и скептицизмот кај граѓаните во регионот“, нагласи Димитровски.
Посебно акцентирајќи ја нашата позицијата, Димитровски укажа дека нашата земја има потреба од поверодостоен, конзистентен и сигурен процес на пристапување.
„Владата останува целосно посветена на европскиот пат, барајќи конструктивни решенија базирани на компромис преку дијалог со нашиот сосед, Република Бугарија. Целосно се согласуваме дека билатералните договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни“, истакна заменик министерот.
Тој додаде дека билатералните прашања за историјата и идентитетот мора да останат надвор од процесот на пристапување, а проширувањето мора да остане базирано на заслуги и Копенхашките критериуми.
„Потребен е целосен ресет во дијалогот со Бугарија, со цел обновување на довербата и напредно ориентиран пристап. Комуникацијата и соработката во рамките на проектот „Коридор 8“ е добар пример за билатерална соработка”, заклучи Димитровски.
Во смисла на регионалната соработка, за време на состанокот, министрите уште еднаш ја потврдија улогата на ЦЕИ, како иницијатива која придонесува за ефективно решавање на актуелните регионални прашања и истовремено претставува цврста основа за понатамошно продлабочување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши: Ниедно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот европски пат
Ниту едно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот европски пат. Ние остануваме подготвени за принципиелен дијалог со сите соседи, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, на 8. Пленарна конференција – Национална конвенција за ЕУ.
„Моја должност е да нагласам дека меѓу главните забелешки во извештајот беа уставните измени, кои несомнено остануваат и главен предизвик во оваа фаза од процесот. Знаете дека уставните процеси и билатералните теми создадоа значителни политички тензии, но сакам повторно да подвлечам дека ниту едно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот европски пат. Ние остануваме подготвени за принципиелен дијалог со сите соседи“ рече тој.
Според Гаши, напредокот на Албанија и Црна Гора е доказ дека политиката на проширување е жива и дека нашиот регион може да се движи напред.
„За нас, ова е момент за мотивација, а не за притисок“, рече Гаши.
Според него, интеграцијата во ЕУ не ниту луксуз ниту опција, туку неопходност за безбедноста, стабилноста и за развојот на земјата.
„Исто како и пред една година, денес би сакал да повторам уште еден важен елемент. Во еден турбулентен свет, со конфликти во Украина, Блискиот Исток и пошироко, интеграцијата во ЕУ не е ниту луксуз ниту опција, туку неопходност за безбедноста, стабилноста и за развојот на земјата. Со членството во НАТО, создадовме заштита, додека со пристапувањето во Европската Унија се стремиме кон изградба на стабилност и одржлив економски, институционален и демократски развој“, рече тој.
Гаши нагласи дека Собранието на Република Северна Македонија ќе продолжи да биде доверлив партнер во овој процес.
„Ние сме посветени на унапредувањето на реформите, зајакнувањето на дијалогот, развивањето консензус и одржувањето на институционалната зрелост во време на предизвици. За нас, европската интеграција не се гради во Брисел, ниту во главните градови на регионот, туку се гради тука, во Скопје, во нашите институции, во нашите одлуки и во нашата подготвеност да ги надминеме политичките разлики во служба на државниот интерес“, рече Гаши.
Македонија
Градоначалникот на општина Гази Баба се откажува од користењето службено возило
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, објави дека се откажува од користењето на службено возило
„Никогаш немам дозволено личните привилегии да бидат мотив или водилка во мојата работа. Поради тоа, сакам да ја информирам јавноста дека и во мојот втор мандат се откажувам од користењето на службено возило кое е предвидено за користење на градоначалникот, како и од средствата за репрезентација од буџетот на општината“, вели Стефковски.
Како и во изминатите четири години, додава тој, така и во следните четири, сите службени обврски ќе ги реализирам со моето приватно возило, а службеното возило го отстапувам на администрацијата со цел поефикасна работа на терен.
„Додека сум јас градоначалник во буџетот на општина Гази Баба нема да има место за непродуктивни трошоци. Средствата од буџетот мора да се користат одговорно, домаќински и исклучиво за потребите на граѓаните и за развој на нашата општина“, вели Стефковски.
Македонија
Мицкоски тврди дека немало напад врз Владимир Перев
Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека немало напад врз новинарот и публицист Владимир Перев, кој пријавил во полиција дека бил нападнат во Скопје.
„Апсолутно отфрлам дека каков било напад е направен врз ова лице“, рече Мицкоски.
Тој обвини за конструкции и инженериг од страна на Бугарија и вели дека тоа не е ништо ново.
„Некој може да накисне на дождот надвор и тоа да биде хибриден напад од страна на Владата со кој се загрозува интегративниот процес. Ако некој одлучил да се самоповреди и тоа да го прикаже како хибриден напад или не знам каков друг напад, тоа е друга работа. Не очекувајте дека ние ќе имаме црвен тепих и дека нема да се прават конструкции и инженеринг. Тоа е тоа, ние сме навикнати на тоа. Инаку, апсолутно отфрлам, а и имав консултации во текот на вчерашниот ден, дека каков било напад е направен врз ова лице“, одговори Мицкоски на новинарско прашање како ги коментира реакциите на МНР на Бугарија и на бугарскиот претседател Румен Радев, кои, по објавата за нападот на Перев, побараа институциите во земјата да спроведат ефикасна истрага.
80-годишниот Перев пријавил во полиција дека на 21 ноември бил физичи нападнат од едно лице во маркет на подрачјето на Центар.

