Македонија
ДОМ: Стагнацијата во борбата против корупцијата е директна закана за демократијата и иднината на државата
Демократска Обнова на Македонија (ДОМ) со загриженост ги следи податоците објавени од страна на „Транспаренси Интернешанл“ за перцепцијата на корупцијата во 2025 година, според кои Македонија е рангирана на 84-то место од 180 земји.
Со скоро идентични поени како и минатата година овој извештај покажува дека нема суштински напредок во справувањето со овој децениски проблем во нашата земја, велат од ДОМ.
„Корупцијата продолжува да биде системски предизвик за нашето општество кој ја поткопува правната држава, економскиот развој и довербата на граѓаните во институциите.
Стагнацијата во реформите, недоволното спроведување на законите, слабата отчетност на функционерите, а особено и недоволно транспарентната процедура на измените на Кривичниот законик ја оставаат нашата земја заглавена во површни резултати и покрај тоа што транспарентноста и отчетноста треба да бидат темел на една модерна демократска држава.
Потсетуваме на нашите јасни позиции од изминатиот период дека борбата против корупцијата мора да биде врвен приоритет, а не само декларативна заложба. Тоа значи:
🔹 Воведување строги и јасни механизми за проверка на интегритетот на јавните службеници и функционери, вклучително автоматско објавување на имотните листи, судири на интереси и обврска за суспензија при основано обвинение.
🔹 Формирање на независен антикорупциски инспекторат со реални институционални овластувања и санкции.
🔹 Јавно достапни истраги и пресуди за случаи на висока корупција кои ќе бидат без политички притисоци и без селективни практики.
🔹 Реформи во судството и обвинителството кои ќе овозможат целосно и професионално спроведување на законот.
ДОМ оценува дека без суштински реформи, транспарентност и отчетност, Македонија ризикува уште повеќе да се продлабочи недовербата на граѓаните во институциите и државата воопшто, особено на младите кои веќе масовно ја напуштаат државата поради недостаток на перспектива.
Корупцијата не смее да се релативизира туку треба да се препознае како сериозна општествена болест која ја загрозува довербата, слободата и иднината на граѓаните. Во пресрет на ваквите предизвици ДОМ ги повикува сите политички субјекти, здруженија и граѓани на заедничка, принципиелна и ефикасна борба против корупцијата, со конкретни промени кои ќе донесат видливи резултати наспроти декларативните заложби кои постојано ги слушаме од сите владејачки гарнитури“, се наведува во соопштението на ДОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

