Македонија
Државна вечера во чест на Штајнмаер, Пендаровски наздрави за заедничка европска иднина
Дозволете ми со оваа крената чаша да ве повикам да наздравиме во чест на македонско-германското пријателство, соработката и заедничката европска иднина, порача во здравица претседателот Стево Пендаровски за време на државната вечера по повод посетата на претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмајер.
Шефот на македонската држава потсети дека неговата прва билатерална посета по стапувањето на должноста во 2019 година била токму Германија, а од тогашната прва средба со Штајнмаер во Берлин во изминатите три и пол години во континуитет е остварена интензивна комуникација која прераснала и во лично пријателство.
Пендаровски нагласи и дека живееме во турбулентно време во Европа и во светот. Нападот на Украина од страна на Руската Федерација не само што е флагрантно прекршување на меѓународното право, туку е и напад врз основните вредности на Европа што ги воспоставивме по завршувањето на Втората светска војна. Таквата политика нема никакво оправдување, а агресијата не смее да се релативизира ниту да се наоѓаат изговори за неа, рече Пендаровски на свечената вечера.
Тој му заблагодари на Штајнмаер за силната и конзистентна поддршка на патот на Македонија кон ЕУ.
„Вие и германската држава сте едни од најсилните промотори и застапници за европската интеграција на Северна Македонија и на нашиот регион. Од суштинско значење за нас во овој сензитивен период е успешно завршување на првата скрининг фаза од процесот на преговори за да почнеме со следната фаза на конкретни преговори во рамките на кластерите и поглавјата. На тој пат, како и досега, ја очекуваме Вашата поддршка и поддршката на Германија во различните области од реформите што следат. Сакам да Ве уверам дека од наша страна посветено ќе ги исполнуваме преземените обврски и ќе бидеме доверлив партнер во овој процес“, рече Пендаровски.
Додаде дека Германија е нашиот најголем економски партнер и еден од најзначајните инвеститори во нашата држава. Нашата економска соработка не се состои само во трговска размена туку и во пренесување на германската технологија и знаење што е од непроценлива важност за социоекономскиот развој на Северна Македонија, заклучи претседателот.
На вечерата присуствуваа претставници од државниот врв, пратеници, претставници од политичките партии, како и стопанственици од бизнис-секторот коишто остваруваат економска соработка со германската држава. Воедно, поканети беа и претставници од граѓанското општество и поединци коишто имаат придонес во градење на македонско-германските образовни и културни врски во изминативе години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„СДС и Алексовска Стојановска да одговорат дали судијката ги финансирала или пак тие ја подмитувале“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„СДС го партизираше правосудниот систем во Македонија. СДС во Струмица ги бираше судиите кои после изборот, наместо по закон, судеа по партиска директива и тоа секој ден, се повеќе излегува на површина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Блискоста на СДС со судиите се гледа и во примерот со судијката Даниела Алексовска Стојановска, која им отстапила дел од својот дом за партиски општински штаб.
Се поставува прашањето дали со ваквиот гест, судијката Даниела Алексовска ја финансирала СДС, или пак додека СДС биле на власт ја поткупувале, односно ја подмитувале, нејзе со кирија?
За ова одговори треба да дадат судијката Даниела Алексовска Стојановска, како и претседателот на СДС, Венко Филипче кои треба да кажат како е уреден односот за користење на просторот од страна на СДС во куќата на судијката во Ранковце.
Треба да се даде одговор дали СДС плаќала кирија за закуп на дел од семејната куќа на судијката и ако плаќала, колку таа изнесувала? Исто така, треба да се одговори дали СДС киријата ја плаќале на сметка или на рака, во готово?
Или пак, доколку СДС не плаќале кирија за изнајмување на просторот, истите треба да одговорат дали пријавиле донација од страна на судијката, во форма на отстапување на користење на деловен простор без паричен надоместок?
Ова е сериозно прашање кое ја поткопува независноста на судството и ја покажува страната на тесната испреплетеност на судиите со политиката и за тоа што поскоро треба да се изјаснат и да дадат одговори СДС и судијката Алексовска Стојановска.
Од друга страна пак, Судски совет веќе треба да почне да работи и да донесе одлука со која ќе ја разреши истоимената судијката, која полнолетен нарко дилер испратила во поправен дом, наместо да го испрати директно во затвор.
Аргументите се многубројни и на очиглед на целата македонска јавност и Судски Совет веќе не може да се прави дека не ги гледа. Која и да било ситуација да е точна од овие поставени дилеми, сериозно ја поткопува работата и независноста и само поради тоа Даниела Алексовска Стојановска повеќе не смее да биде судијка.
Народот очекува и веќе одговорност во Македонија мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Меџити се сретна со конгресменот Адерхолт: „Поддршката на САД е гаранција за иднината на Северна Македонија“
Претседателот на Демократското движење и прв вицепремиер, Изет Меџити, оствари значајна средба со републиканскиот конгресмен од Алабама, Роберт Адерхолт.
На средбата се разговараше за повеќе клучни прашања кои ги засегаат односите меѓу Северна Македонија и САД, со посебен акцент на зајакнувањето на стратешката соработка меѓу двете земји. Двете страни се согласија дека продлабочувањето на овие односи треба да остане заеднички приоритет.
Меџити ја потврди непоколебливата заложба на Северна Македонија за европска интеграција, истакнувајќи дека земјата останува фактор на стабилност во регионот. Тој ја нагласи важноста на сојузништвото со САД како неопходна поддршка за развојот и безбедноста на земјата.
„САД се нашиот главен стратешки партнер и нивната континуирана поддршка останува гаранција за иднината на Северна Македонија. Ја цениме силната и натпартиска посветеност на Соединетите Држави во поддршката на нашиот евроатлантски пат“, истакна Меџити.
Конгресменот Адерхолт, од своја страна, ја потврди посветеноста на САД за зајакнување на партнерството со Северна Македонија и поддршката за нејзината интеграција во евроатлантските структури.
Македонија
Претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски ја поздрави одлуката на Мицкоски: 15 милијарди денари – историски најголема инвестиција од централната власт во општините досега
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, ја поздрави одлуката на премиерот Христијан Мицкоски за реализирање на историски најголемата инвестиција од централната власт во општините во вредност од 15 милијарди денари. Тој истакна дека ова претставува значаен чекор напред во поддршката на локалната самоуправа, што директно ќе влијае на подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Средствата ќе бидат наменети за изградба на капитални проекти, како што се училишта, градинки, паркови, водоводни и канализациски мрежи, со што ќе се решаваат долгогодишни проблеми во општините низ државата.
Следната недела ќе биде објавен вториот јавен повик, што ќе им овозможи на општините да аплицираат за нови проекти, надоврзувајќи се на првиот повик, при кој беа одобрени 288 проекти за 78 општини во вредност од над 73 милиони евра.
„Ова е вистински начин да им се помага на граѓаните. Вака се помага и се сака татковината“, истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека за првпат во историјата на државата, Владата е вистински партнер на локалната самоуправа, без селективност и поделби.
„15 милијарди денари – историски најголема инвестиција од централната власт во општините досега! Како претседател на ЗЕЛС, во име на сите колеги градоначалници од Македонија, ја поздравувам одлуката на премиерот Христијан Мицкоски за објавување на вториот повик за финансирање на капитални инвестиции кои ќе бидат во интерес на граѓаните.
Благодарение на премиерот и Владата на Република Македонија, со овие 15 милијарди денари средства кои ќе бидат на располагање на општините, директно ќе се влијае врз подобрување на животот на граѓаните и обезбедување на повисок стандард.
Средствата ќе се искористат за изградба на капитални проекти како што се: училишта, градинки, паркови, водоводна и канализациона мрежа итн, со што ќе се решаваат децениски проблеми на нашиот народ ширум државава.
Ова е втор повик, додека на минатиот, првиот, 288 проекти беа одобрени на 78 општини со вкупна вредност од повеќе од 73 милиони евра. Дополнително и преку Министерството за транспорт, отприлика околу 800 милиони денари коишто се средства кои со посебна програма беа доделени за финансирање на проекти во општините.
Ова е вистински начин да се помага на граѓаните. Вака се помага и се сака татковината.
Горд сум што конечно имаме влада која е партнер на граѓаните, на единиците на локалната самоуправа, неселективно и без никакви поделби. Првпат во историјата на државата имаме Влада и премиер од народот, кој го дава својот последен атом да помогне токму нему – на народот. Граѓаните го препознаваат тоа, продолжуваме силно напред“, изјави претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.