Македонија
ДУИ: Итна институционална реакција против урбаниот хаос во Чаир, државата не смее да молчи пред овој градежен криминал

„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за алармантната ситуација што се одвива во Општина Чаир, каде според Градот Скопје, само во последните две години се изградени над 150 бесправни објекти, претворајќи една од најгусто населените урбани зони во Европа во неподносливо и опасно место за живеење на над 62 илјади граѓани“, велат од ДУИ.
„Објавените снимки од самата градоначалничка на Скопје, кои прикажуваат градби покрај училишта, приватни куќи и тесни улички во старите маала, се потресен доказ за еден хаос кој е или поддржан или толериран од институциите.
Денешниот Чаир изгледа како мозаик од случајни градби – без план, без логика, и пред сè, без никаква грижа за јавната безбедност.
Отворање темели без заштита, високи згради кои го блокираат светлото на еднокатните куќи, објекти до училишни дворови што го загрозуваат животот на децата , ова е сликата на реалноста што бара итен одговор.
Државните институции не реагираат. Нема сигнал од инспекциските служби, ниту интервенција од надлежните структури задолжени за надзор на законитоста.
Оваа неактивност е неприфатлива и претставува директен неуспех на системот да го заштити јавниот интерес и урбаниот ред.
Нереагирањето стана дел од проблемот.
ДУИ бара надлежните институции веднаш да преземат мерки за да ја истражат и сопрат оваа опасна појава.
Државниот молк не смее да биде штит за оние што систематски го уништуваат единствениот животен простор на жителите на оваа општина.
Ова повеќе не е само урбанистички проблем , ова е криза на јавната безбедност и на граѓанското достоинство.
ДУИ цврсто стои на страната на жителите на Чаир и бара враќање на законитоста, институционалната одговорност и почитувањето на секојдневниот живот на луѓето кои заслужуваат да живеат во безбедна и достоинствена средина“, се наведува во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Во Гази Баба се гради огромна дива депонија без никакви дозволи, објави Арсовска

Во општина Гази Баба, фирма затекната од инспекторат на град Скопје при вршење нелегални активности, правење огромна дива депонија со градежен и опасен отпад и бесправна експлоатација на земјиште, без лиценци, елаборати, дозволи и одобренија, што претставува сериозна опасност по здравјето на граѓаните и животната средина, објави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Апелираме до Министерството за внатрешни работи да постапи, бидејќи неказнивоста и непостапувањето предизвикува сторителите на вакви дела да мислат дека се недопирливи пред законот. Фирмата која прави дива депонија и каде се експлоатира, го има поткопано 110kV кабловски и воздушен далновод кој го напојува со електрична енергија градот Скопје. На ова земјиште сопственост на Република Македонија се прави сериозна штета на главниот далновод, известени се сите надлежни институции за кои очекуваме да не се кријат и да постапуваат“, вели Арсовска.
Македонија
Кривични пријави против двајца угостители од Берово и од Пехчево за бесправно градење

Полицијата поднесе кривични пријави против правно лице – угостителски објект од Пехчево и против С. П. (43) од Пехчево и против правно лице – угостителски објект од Берово и В. К. (32) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела бесправно градење.
Пријавениот С.П., сопственик и управител на правното лице од Пехчево, на катастарска парцела во Пехчево во државна соспственост, без одобрение за градење издадено од надлежен орган, изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект и вршел угостителска дејност.
Пријавениот В.К., сопственик и управител на правното лице од Берово, на катастарска парцела, сопственост на Т.К. и М.К., на земјоделско земјиште, надвор од урбанистички план за град Берово, бесправно изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект во кој вршел угостителска дејност.
Македонија
Проектите што се реализираат не се на ВМРО-ДПМНЕ или на СДС, туку на македонските граѓани, реагира ВМРО-ДПМНЕ

СДС мора да почне да се однесува како сериозна партија, а не како мало дете на кое му ја земале играчката, велат од ВМРО-ДПМНЕ, на обвинувањата од СДСМ дека проектот за изградба на патот Охрид – Св. Наум е нивен.
„СДС мора да прифати дека проектите кои се реализираат, не се во нивна или наша сопственост, туку за граѓаните и за државата.
Исто така, многу е важно да се напомене дека проектите кои се почнуваат мораат и да се завршат. Е сега, разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС е во тоа што ние кога работиме и остваруваме, се е во временски рок, јавно и транспарентно, а додека пак СДС, ако отпочне некаков проект, тој проект потоа е корумпиран, со тендери договорени во 4 очи, поскапи цени двојно од набавните, класифицирани договори или пак, проекти кои остануваат така да блеат во празно, и никој за ништо да не одговара.
Проекти кои СДС ги има до крај завршено се, проектот за златната виза на Филипче, пари од ископ на јаглен на фирми на Филипче и Заев, проектите за уништување на Македонија, како што беа името, знамето, идентитетот и Уставот, потпишувањето на Преспанскиот и договорот со Бугарија, проектот Француски предлог и многу други проекти слични на овие.
За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ вистински работи на реализација на проектите, без разлика која Влада ги започнала и ги решава на брз и ефективен начин во интерес на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.