Македонија
„Дури ни Груби првично не се пожалил на безбедносен ризик – ДПМНЕ преку АНБ и МВР без проценка го испратија дома“, велат од Левица
„Фарсата на ДПМНЕ и Артан Груби оди дотаму што, првично, дури ни самиот Груби не пријавил дека се чувствува небезбедно. Директорот на истражниот затвор јавно соопшти дека нема поплаки, дека е извршен лекарски преглед и дека неговата безбедност е гарантирана. Само неколку часа подоцна, Министерството за внатрешни работи на чело со Панче Тошковски и Агенцијата за национална безбедност со Бојан Христовски, презентираат проценки без воопшто да направат каква било проценка, дека неговата безбедност не може да се гарантира, по што обвинителството го прифаќа тоа како клучен аргумент за замена на притворот со куќен притвор“, велат од партијата Левица.
„Ова отвора сериозно прашање за кредибилитетот и мотивите зад ваквата „проценка“. Ако не постоела конкретна пријава, ако надлежните во затворот тврдат дека безбедноста е обезбедена, тогаш од каде произлегува драматичната промена на наративот во рок од неколку часа? Очигледно, станува збор за конструирано алиби за поблага мерка. Јавноста има право на јасен и аргументиран одговор, не на контрадикторни изјави, а сега и молк од МВР и АНБ.
Но, дури и хипотетички да постои одреден безбедносен ризик, обезбедувањето сигурност во притворските установи е директна надлежност и обврска токму на државните институции. Ако тие проценуваат дека постои ризик, тогаш нивна должност е да го неутрализираат преку засилени мерки на обезбедување, изолација или посебен режим во рамки на затворот, а не магично да ја укинуваат мерка. Во спротивно, државата испраќа порака дека не е способна да го спроведе сопствениот систем на притвор, или дека не сака да го спроведе кога станува збор за високи функционери.
Особено загрижува што станува збор за лице кое 14 месеци беше во бегство и за кое е распишана меѓународна потерница, осомничено за злоупотреби во милионски износи. По секоја правна логика, тоа е отежнителна околност. Наместо тоа, добиваме повластен третман заснован на флоскули од институции под раководство на ДПМНЕ. Прашањето што се наметнува е едноставно: дали истиот стандард би важел за обичен граѓанин? Колку притвореници без политичка тежина добиле куќен притвор затоа што државата не можела да им гарантира безбедност?
Левица оценува дека ваквата одлука создава опасен преседан безбедносните служби да станат инструмент за релативизирање на притворот кога станува збор за политички елити. Безбедноста не смее да биде изговор за привилегија. Ако државата не може да обезбеди сигурност во сопствен затвор, тоа е пораз на институциите. Ако може, а сепак одлучува поинаку, тогаш станува збор за селективна правда. Во двата случаи, одговорноста директно посега по ДПМНЕ“, соопштува Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВЛЕН: Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби?
„Ништо повеќе не е исто како порано. Почнува внатрешната пресметка во Мала Речица. Од една страна се Али Ахмети со групата поранешни функционери кои глумат невини и чесни, а од друга страна е Артан Груби на кого овие првите додека беше во бегство лично го натоварија за сите политички и коруптивни зла на ДУИ“, велат од ВЛЕН.
„Вистина е дека Артан Груби не е ‘обичен’ поранешен функционер, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата подвижна архива на една партиска шема што со години се криеше од јавноста. Кога “црната кутија” еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот.
Затоа во ДУИ владее паничен страв. Заплетот влегува во фаза во која соопштенијата и пресовите на ДУИ повеќе не вршат работа, туку фактите. Институциите почнуваат да копаат по вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа буџетските пари.
Дали стравот од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува и ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги, тера некого да користи мафијашки методи на заплашувања? Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби? Кој во ДУИ бара од Груби да го почитува мафијашкиот код “омертаʼ” за молчење и несоработка со институциите“, прашуваат од ВЛЕН преку соопштението.
Македонија
СДСМ за Груби: Режирана претстава на границата, фалеше само црвен килим
На граѓаните им веќе јасно и знаат сè. Разоткриенo е секое делче од договореното сценарио и политичките дилови со кои се урна правата држава. Режирана претстава на границата. Со наочари, насмевка, лисици. Фалеше уште црвен килим за Груби, велат од СДСМ преку соопштение.
„Смислено сценарио и пречек со медиумска поддршка на 40% од медиумите под контрола ВМРО преку Орбан.
Потоа крешендо со одредување куќен притвор од обвинителството и сдуството под контрола на ВМРО-ОКГ.
И на крај целосно разобличување.
Обвинителството соопшти дека МВР на Тошковски и АНБ на Христовски дале проценка дека Груби „не бил безбеден“ во „Шутка“, па затоа предложиле куќен притвор.
Излезе директорот на затворот Шутка, го демантираше Обвинителството. Јавно рече дека ниту МВР ниту АНБ не се обратиле и не побарале мислење.
Нема подобра потврда од ова дека сè е договорено и дека јавноста само се лаже.
Сè е договорено.
Можеби ваквите сценарија им поминуваа со години наназад, но повеќе не поминуваат – разоткриени се“, се вели во соопштението на СДСМ.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.

