Македонија
За прв пат после шест години, учениците во основните училишта ќе имаат учебници по сите странски јазици, вели Јаневска

„Наместо училиштата да им делат парталави и неупотребливи учебници на учениците, треба да ги пријават во електронскиот систем на Министерството за образование и наука и истите ќе бидат заменети со нови пред почетокот на новата учебна година. За оваа намена обезбедени се буџетски средства и нема потреба да ги разочаруваме ниту учениците, ниту нивните родители кои оправдано реагираат до министерството дека нивните деца добиваат учебници без корици и искинати страници“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната прес конференција посветена на набавката на учебници за основци и средношколци за новата учебна 2025-2026 година.
„Овој предизвик воопшто не треба да постои. Секое училиште има комисија за учебници која лесно може да процени дали еден учебник може или не може да се употребува и тоа што не е за употреба, не смее да се враќа во библиотечниот фонд и потоа некому да се доделува. Треба да се извести Педагошката служба при министерството и потребниот тираж ќе биде надополнет“, рече Јаневска, изразувајќи очекувања за поголема ажурност на членовите на училишните комисии за учебници.
Потсети дека учебниците од прво до трето одделение секоја учебна година се печатат во полн тираж, па така ќе биде и оваа, со оглед дека станува збор за таканаречени „работни учебници“ кои содржат материја што се пополнува со пишување, боење и сечење.
„Нови учебници со надградена содржина ќе има и за седмо одделение, затоа што од септември започнува примената на нови наставни програми. Се сеќавате дека ја модифициравме Kонцепцијата за основно образование на претходната Влада, која предвиде интегрирање на предмети како историја и географија, хемија и физика во седмо. Ги одвоивме, на барање на пошироката јавност, а најмногу на барање на наставниот кадар и затоа имаме нови наставни програми и нови одобрени учебници кои наскоро влегуваат во процес на печатење“, рече Јаневска.
Министерката информираше дека за прв пат после шест години, учениците во основните училишта ќе имаат учебници по сите странски јазици.
„Цели шест години, не беа набавени учебници по англиски, француски, германски и така натаму. Како нова Влада се заложивме уште минатата година, да го спроведеме овој процес и ќе успееме да го завршиме. На 1 септември, за сите странски јазици во основните училишта ќе има нови учебници“, потврди министерката.
Нови учебници по дел од предметите ќе има и во гимназиското и во средното стручно образование. Јаневска рече дека ова е втора учебна година по ред во која ќе има навремена испорака на учебници, што, како што нагласи, не беше пракса седум претходни години.
Според министерката, учебниците се еден од клучните фактори за квалитет на образовниот процес, покрај мотивираните наставници, наставните програми и инфраструктурата. Изрази благодарност до сите вклучени во постапките за нивна изработка, набавка и навремена испорака.
Годишно во просек за набавка на учебници, министерството издвојува околу 660 милиони денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Пријави се до 20 јули и биди практикант во Општина Центар

Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека во тек е вториот јавен повик за практикантска работа во Општина Центар. На овој повик, можат да се пријават студенти и апсолвенти од Градежниот и Архитектонскиот факултет, кадешто во текот на следните шест месеци практикантите ќе добиваат месечен надоместок од 15.000 денари.
„Ги повикувам сите студенти од овие факултети кои се заинтересирани да се пријават, ајде заеднички да работиме на наш поубав Центар. Ова е одлична можност за студентите, покрај теоретското знаење кое го стекнуваат на факултет, тие ќе се стекнат и со практична работа која може да биде шанса за ново вработување”, вели Герасимовски.
Јавниот повик ќе биде отворен до 20 јули, новите практиканти ќе почнат со работа на 1 август. Од првиот повик, четворица практиканти се веќе почнати и секојдневно во секторите на општината ја извршуваат својата практикантска работа.
Заинтересираните кандидати треба да достават барање за практикантство, доказ дека се студент или апсолвент, копија од лична карта, број на трансакциска сметка и кратка биографија.
Документите се поднесуваат во архивата на Општина Центар, барака број 6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.
За дополнителни информации, јавете се на телефонските броеви : 02/3203-600 и 02/3203-655, на е-мејл адреса: [email protected],
или на веб страница на Општина Центар.
Македонија
„Пожарите беа цел на група лица што не ѝ мислат добро на Македонија, СДС, освен што е некрофилски, тој е и пиромански“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Пожарите кои беа чести изминатава недела, беа организирани од група на лица кои не и мислат добро на Македонија, СДС освен што е некрофилска е и пироманска. За среќа, оваа слика исчезна со брзата реакција на Владата и институциите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Прашањето е дали оваа група на луѓе, која палеше низ државата, имаше за цел да создаде хаос низ Скопје и Македонија?
Прашањето е сосема легитимно, бидејќи на местата на пожарите беа најдени дрва, бензин, гуми, ракавици. Ова не е случајно, туку намерно.
Добро е што институциите веднаш ги реагираа и приведоа неколку лица, кои ги започнале пожарите, но жално е што овие лица се поврзуваат со опозицијата, односно СДС и ДУИ.
Дали СДС и ДУИ посегнаа по најлошото средство за дестабилизација и паника низ државата? Нам ова не не чуди, но е за секаква осуда. Да се посегне по палење на државата и опозицијата да се сити на истото е крајно безобразно и е кривично дело.
Ако ова и била намерата на опозицијата, веднаш треба да одговараат. За среќа, спремноста на кадарот, брзата реакција на институциите и опремата која благодарение на претседателот Мицкоски е ставена во употреба го прекина овој хорор“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Влен“: Коридорот 8 се гради со забрзано темпо

„Еден по еден, проблемите можат да се решат, треба да се решат и ќе се решат! Тоа е ангажманот на ВЛЕН, а овој ангажман доби конкретна форма со пуштањето во употреба на дел од автопатот Кичево–Охрид, како дел од Коридорот 8, еден од најстратешките проекти за развој на државата“, велат од „Влен“.
„Овој капитален проект, кој со години стагнираше и стана симбол на институционална неспособност и сомнежи за злоупотреби, денес конечно се движи напред – со ново темпо, без сомнежи, без застои и со целосна транспарентност, затоа што сега ВЛЕН е на власт.
Коридорот 8 не е само автопат. Тој е столб на економскиот развој, регионалното поврзување и европската интеграција на Република Северна Македонија. Тој директно ќе придонесе за зголемување на протокот на луѓе и стоки, олеснување на транспортот и поттикнување на туризмот и трговијата.
Со овој нов автопатски сегмент, кој значително го скратува времето на патување до границата со Република Албанија, инвестицијата се претвора во конкретна придобивка за граѓаните. А ова е само почетокот.
Зашто нашите граѓани, сите ние, заслужуваме, и ќе имаме, европска инфраструктура, тука, во нашата земја.
ВЛЕН останува цврсто посветен на унапредување на секој важен проект, обезбедувајќи ефикасност, одговорност и правична распределба на развојот – за сите граѓани, во секој дел од државата“, се наведува во соопштението на „Влен“.