Македонија
Заврши партизирањето што го спроведуваше СДС, ги враќаме довербата и професионалноста во безбедносните служби, вели ВМРО-ДПМНЕ

„СДС се видени и прочитани дека единствено што знаат на власт е да лажат, манипулираат, да ги злоупотребуваат и партизираат институциите. А, во тоа македонските граѓани повторно се уверија и во изминатото нивно седумгодишно владеење. Не за џабе кај народот се познати како симбол на лаги, манипулации и партизирање на државата и институциите на системот“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС покажаа и докажаа дека се симбол на злоупотреба на државните ресурси за приватни и партиски цели, а институциите на системот ги претвори во партиски штабови.
Од нивната лакомост да злоупотребуваат и партизираат не ги поштедија ни едни од најклучните институции, кои се столбовите за државната безбедност, меѓу кои и Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Поранешниот директор на АНБ назначен, Виктор Димовски беше долгогодишен партиски функционер и тоа на највисоките тела на СДС, меѓу кои на нивниот Извршен одбор.
Тоа го потврдуваат и фактите кои ги потврдуваме со фотографии на кои убаво, јасно и прецизно се гледа Димовски меѓу останатите членови на ИО на СДС. Од фотографиите во прилог можеме да видиме дека освен во ИО, Димовски беше член и на нивниот Дипломатскиот совет. Партиските ангажмани на Виктор Димовски не завршуваат тука, тој учествуваше и во креирањето на политиките на СДС кој учествувал на јавни настани и на партиски дебати.
СДС ја партизираше и Агенцијата за разознавање со назначувањето за директор Еролд Муслиу, кој злоупотребувајќи ја позицијата, агенцијата ја претвори во нивен партиски штаб. Потсетуваме и за партизацијата на УБК кога СДС за директор го постави Миле Зечевиќ, кој своевремено беше висок партиски функционер, кој потоа стана и генерален секретар.
Затоа пак, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е одлучна да ја врати довербата на граѓаните во институции и затоа приоритет е стручноста, професионалноста и компететнтноста на кадрите. Така се постапува и при изборот на раководните кадри во во безбедносните служби, кои ќе го вратат професионализмот и интегритетот во служби и истите ќе работат независно за заштита на државните интереси“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АРМ ќе реализира тактичко-технички активности во Охридското Езеро

Во периодот од 09 до 11 јуни, од 10 до 16 часот, на плажата „Бафало бич“ во близина на езерската полиција, припадници на Армијата на РСМ ќе реализираат тактичко-технички активности.
Притоа, припадниците на Баталјонот за специјални сили, во водите на Охридското Eзеро, ќе употребат артифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема.
„Сите активности во рамките на тактичко-техничките активности, покрај воено ќе имаат и полициско обезбедување што ќе го извршуваат припадници на полициската станица Охрид и полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ (Езерска полиција). Апелираме до граѓаните, да ги почитуваат насоките на службените лица задолжени за обезбедување на овој значаен настан“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Салиу: Не чувствувам вина за пожарот во Кочани

Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, кој е опфатен со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, вели дека не чувствува вина.
„Верувам во нашата држава, верувам во институциите, во судните органи дека правилно ќе ги согледаат аргументите и сите останати посебни моменти од тој случај. Јас сум правник по вокација, 18 години сум бил адвокат, оставам на совеста на државата да одлучи дали имам јас вина или немам. Лично, со душа и со срце и одговорно максимум тврдам дека немам вина во тој случај“, рече Салиу.
Поради потребите на истрагата, министерот без ресор и претседател на партијата Демократска сила на Ромите извесен период помина и во ефективен затворски притвор. Оттаму беше пуштен кон крајот на мај, кога притворот му беше заменет со мерки на претпазливост.
Македонија
Мисајловски на состанок на НАТО во Брисел: Единството на Алијансата е на највисоко ниво

Mинистерот Владо Мисајловски заедно со министрите за одбрана на сојузничките земји денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествуваше на состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО.
„Единството на Алијансата е на највисоко ниво. Ја потврдивме нашата заедничка заложба за одвраќање и одбрана на целата територија на НАТО“, рече министерот и додаде дека Алијансата е обединета по трите нејзини основни задачи – одбрана и одвраќање, колективна безбедност и менаџирање на кризни состојби.
Мисајловски порача дека на состаноците се отворило прашањето за инвестициите во одбраната наменети за одбранбени и цивилни капацитети кои ќе ја зајакнат безбедноста и сигурноста, но и општествената отпорност.
„Иако одбраната е клучната задача на Армијата и Министерството за одбрана, потребно е целокупното општество да се вклучи во зголемувањето на нашата отпорност, заштитата на мирот, стабилноста и безбедноста на секој поединец“, подвлече тој.
Министерот на состанокот даде целосна поддршка на напорите за зајакнување на Алијансата и ја потврди посветеноста на земјата кон колективната безбедност.
Во попладневните часови се одржа и состанокот на Советот НАТО – Украина, на кој земјите-членки на НАТО ја потврдија определбата за континуирана, долгорочна поддршка за Украина. На оваа сесија учествуваше и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. Министерот Мисајловски учествуваше и на состанок на Групата за нуклеарно планирање на НАТО.
Овој состанок е последна подготовка пред Самитот на НАТО во Хаг, што ќе се одржи на 24 и 25 јуни 2025 година.