Македонија
Заев на заедничка прес-конференција со Туск: Преговорите за членство во ЕУ би можеле за завршат до 2025 година

Датумот за преговори е признание за неповратниот европски курс на Република Македонија – ова беше истакнато на заедничката прес-конференција на премиерот Зоран Заев со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск во Брисел.
Заев ја поздрави одлуката за датум за преговори со Европската Унија – јуни 2019 година, заедно со препораката за скрининг на процесот до стартот на отворањето на поглавјата за преговори, и истакна: „Нашата земја го заслужи тоа. Лидерите на Европската Унија рекоа: Да, земјата го заслужува тоа. Европскиот Совет прифати дека Република Македонија од заробена држава, киднапирана од авторитарен режим, за само една година направи пресврт.
За само една година Република Македонија е земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи, на инклузивност и општествен дијалог. Со политичка волја за решавање на споровите со соседите, и јасно изразена визија за европска иднина. Денес, Република Македонија е слободно општество, со еднакви можности за сите, по моделот на Европа за почитување на културната разноличност. Патот на реформи и градењето на нашата земја како држава по европски правила, е неповратен процес на кој ЕУ му даде соодветен импулс со одлуката за преговори за Република Македонија. Следното проширување, во кое ќе биде вклучена и Република Македонија, е – во суштина – консолидацијата на ЕУ.
Таа консолидацијата, која, со право, ја бараат лидерите на земјите членки на Европската Унија, ќе биде потполна кога таа ќе ги прифати во своето семејство земјите од Западен Балкан, што ќе ги исполнат условите – се разбира. Процесот на пристапување во ЕУ не завршува со отворање на поглавјата за пристапување. Напротив. Според досегашното искуство преговорите, во просек, траат речиси седум години. Ако ја прифатиме оваа динамика и за Република Македонија, произлегува дека преговорите би завршиле со членство во 2025 година. Токму како што предвидува Стратегијата за веродостојно проширување од февруари оваа година“, рече Заев.
Според него, ова е доволно време Република Македонија да ги реализира преостанатите фази од реформите паралелно со преговарачкиот процес. „Пред нас имаме конкретна цел. Сега нам ни преостанува самите да ја завршиме последната домашна задача и потоа гордо да влеземе низ портите на ЕУ. Искуствата од другите земји кои во последните 20 години се зачленуваа во ЕУ и НАТО говорат за поголем економски раст и поголем пораст на продуктивноста на трудот. Со зачленувањето во ЕУ расте и напредокот во структурните реформи за развој на приватниот сектор. ЕУ е најголем трговски партнер и придонесува за побрз раст на извозот за земјите членки. Земјите членки на ЕУ покажуваат поголем напредок во однос на институционалната демократија и доброто владеење – слободата на изразување, политичка стабилност, квалитетот на регулаторите, ефективноста на владата, владеење на правото и контролата на корупцијата. Ова ќе бидат големи придобивки за сите наши граѓани“, истакна премиерот Заев.
Претседателот на Владата во својата изјава за медиумите на заедничката прес конференција со претседателот на Европскиот Совет Туск, потенцираше дека оваа генерација македонски граѓани одлучи да решава предизвици, за себе, за идните генерации, заради иднината, и дека од таа предодреденост на 17 јуни е потпишан Договорот со Република Грција со кој го надминавме тридеценискиот македонско-грчки спор за името на нашата држава.
„Граѓаните на Република Македонија, повторно во духот на европските демократски манири кога станува збор големи национални одлуки – на референдум ќе се изјаснат за иднината на нашата земја. Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение, и без ниту еден грам сомнеж да бидеме сигурни: Со полн и меѓународно признаен македонски национален идентитет, заштитен и зајакнат, еднаш засекогаш, ја внесуваме нашата земја во семејството на стабилни и развојни земји. Нема назад“, нагласи Заев.
Тој додаде дека со оваа одлука „ЕУ не ја пропушти можноста цврсто да вгради уште една алка во синџирот од вредности што ги афирмираме, чуваме и негуваме заеднички“.
Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск истакна дека одлуката за преговори на ЕУ со Република Македонија е резултат на реформите и на храброто лидерство во Владата и дека проширувањето на Европската Унија е значајно и за безбедносните прашања на унијата.
Заев во Брисел е придружуван од Радмила Шекеринска, заменик претседател на Владата и министерка за одбрана, Бујар Османи, заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања и Никола Димитров, министер за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мухамед Елмази до Арсовска: Ќе барате ли од вашите партнери да се откажат од бесправните објекти, ќе побарате ли и тука дигалка или ќе свртите глава

Мухамед Елмази од „Влен“ на прес-конференција денеска, упати неколку прашања до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Денес сме тука да поставуваме неколку прашања за госпоѓата Арсовска. Госпоѓа Арсовска дали знаете кој е сопственик на оваа зграда? Дали објектот е де факто на вашите коалициони партнери во Градот и во бизнисот?
На какво земјиште е изграден, на државно или приватно?
На чие земјиште е изграден – државно, општинско или приватно? Дали имало располагање со државно земјиште без валидна јавна постапка?
Кој е вистински сопственик на оваа зграда?
Дали во документацијата се води на друго име за да се сокрие вистинскиот сопственик?
Ако да, зошто инспекциските служби не отвориле постапка за лажно пријавување? Дали овој објект го има во урбанистичките планови?
Дали деталниот урбанистички план (ДУП) воопшто предвидува ваков објект на оваа парцела? Ако не, кој и кога дал согласност за отстапување од планот? Дали вие сте учесник во тоа?
Дали е спроведен инспекциски надзор од Општина Сарај? Дали Градежниот инспекторат има издадено решение за уривање или забрана? Ако не – зошто бројните пријави од локалното население останале без одговор“, праша Мухамед Елмази на денешната прес-конференција.
„Г-ѓо Арсовска, пред да продолжите да зборувате за „дивоградби“ и „заштита на јавниот интерес“, одговорете: ќе барате ли од вашите партнери да се откажат од бесправните објекти? Ќе побарате ли и тука дигалка или ќе свртите глава затоа што станува збор за ваш пријател и коалициски партнер? Попатно, прашајте го и Димитар Апасиев?
ВЛЕН ќе инсистира на: Итно постапување на сите градежни инспекциски служби; Итно постапување на финансиската полиција за откривање на скриениот имот за политичарите од ДУИ; Отпочнување кривична постапка за злоупотреба на службена должност и урбанистички криминал против Арсовска; Јавна објава на сите локации во Скопје каде фирми или лица поврзани со кланот на ДУИ градат или поседуваат диви објекти.
Доколку градоначалничката и надлежните служби продолжат да молчат, ќе ги искористиме сите правни и демократски механизми за да го заштитиме интересот на граѓаните. Ќе го спречиме ширењето на бизнис империјата на кланот на ДУИ, во која припаѓа веќе и Арсовска“, изјави Мухамед Елмази.
Македонија
Арсовска до Мухамед Елмази: Дали си ти криминалец од ДУИ или од ВЛЕН?

„Таман мислиш не може да демонстрираат поголем очај за криминалот во кој се фатени, тие наоѓаат нов првенец од ДУИ! Мухамед Елмази беше член на Совет на град Скопје во овој мандат и истакнат член на ДУИ до септември 2024 година, кога претрпе магична трансформација и стана ВЛЕН за да го постават директор на државното НОМАГАС“, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Вчера барав на седница да се зборува за нелегални дивоградби во сите 10 скопски општини, ама Мухамед, иницијативата за дивоградбите од Сарај твоите коалициски партнери од ВМРО ја покренаа и сами си ја повлекоа.
Изгледа си пропуштил вчера на седница на совет кога побарав да се испитаат незаконските легализации на дивоградби во сите скопски општини вклучително Чаир и Сарај. Затоа што сакаш да глумиш политичар и на национална база да го сведеш ВАШИОТ криминал, читај тука: ЈАС ЗБОРУВАМ СО ФАКТИ И ЗА СЀ ИМАМ ДОКАЗИ.
Сега Мухамед да те прашам:
1. Дали си ти криминалец од ДУИ или од ВЛЕН?
2. Дали знаеш дека од 150 дивоградби од Чаир кои ги имаме фатено и сме известиле во изминативе 3 години, знаеме во која имаш ГРАТИС стан и живееш во истиот.
3. Дали знаеш дека следен тој предмет ќе го носам во јавното обвинителство бидејќи империјата на ТВОЈАТА УРБАНА МАФИЈА ќе ја срушам и воопшто не ми е гајле од која партија доаѓа!“, додаде Арсовска.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Република Кореја, Ким Донгбае

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Кореја со седиште во Софија, Ким Донгбае.
Посакувајќи му добредојде на амбасадорот Донгбае, таа изрази задоволство од пријателските односи и од конструктивната соработка меѓу двете држави, по воспоставувањето на дипломатските односи во 2019 година. Оцени дека постои волја и посветеност за искористување на потенцијалите и интензивирање на соработката во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката ја посочи важноста од развојот на соработката, потенцирајќи дека корејската економија нуди големи можности за партнерство во повеќе области, особено во информатичката технологија, дигитализацијата и обновливите извори на енергија, а од друга страна, нашата држава со стратегиската локација во срцето на Балканот, нуди поволни услови за корејските инвеститори и компании.
Таа изрази уверување и подготвеност за натамошен развој на соработката на мултилатерален план, особено во рамките на Обединетите нации. Малите и средни земји, според неа, треба да дејствуваат единствено, можат да понудат знаење и заслужуваат да имаат посилна улога во одлучувањето за глобалните прашања.
Обајцата ја истакнаа потребата заеднички да работат на отворање на резидентни амбасади во Скопје и во Сеул.
Сиљановска-Давкова, во духот на начелото на реципроцитет, побара да се укинат визите за македонските граѓани, со оглед на фактот на нивното непостоење за граѓаните на Република Кореја.
Амбасадорот Донгбае оцени дека по воспоставувањето на дипломатските односи пред шест години, двете држави станаа успешни партнери и изрази спремност за нивно продлабочување и проширување. Тој го посочи развојот на економската соработка како приоритет во неговата работа.
Претседателката Сиљановска-Давкова упати честитки по повод изборот на Ли Џе-Мјунг за нов претседател на Република Кореја на вчерашните вонредни претседателски избори.
На амбасадорот Ким Донгбае му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска мисија.