Македонија
Зоран Димитровски: Не размислуваме, ниту поддржуваме идеи за отворање кампови за враќање одбиени баратели на азил
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, вчера и денес (21-22 октомври 2025) учествува на годишната конференција за миграции во Виена (Vienna Migration Conference), во организација на Меѓународниот центар за развој на миграциските политики – ИЦМПД.
На десеттата виенска конференција за миграции присуствуваат повеќе од 250 носители на одлуки, владини претставници, експерти од областа на миграцијата, меѓународни организации, академската заедница и цивилното општеството, кои прават напори за поврзување на миграциските текови со најсоодветните стратешки политики и решенија.
Во рамките на конференцијата „Западен Балкан: Регионални перспективи за миграцијата и партнерствата“, заменик-министерот Димитровски учествуваше во разговор еден на еден со генералниот директор на ИЦМПД, Михаел Шпенделегер, посветен на предизвиците и можностите што ги носи променливата миграциска слика во регионот.
За време на разговорот беше нагласено дека Западен Балкан се наоѓа на уникатна пресвртница во управувањето со миграциите како регион што истовремено е место на потекло, транзит и сè повеќе дестинација за мигрантите. Овој динамичен контекст отвора нови предизвици, но и можности за економски развој, особено во услови на зголемена побарувачка за работна сила и недостиг на работници во клучни сектори.
Заменик-министерот Димитровски посочи дека нашата земја активно се приспособува на новата реалност преку развивање политики за управување со легалната миграција, кои одговараат на демографските и на економските потреби на земјата. Притоа беше истакната и важноста од градење партнерства со земјите на потекло за развој на одржливи модели на работна мобилност, подобрување на системите за враќање и намалување на нерегуларната миграција.
Во разговорот беше истакнато дека овие процеси се во согласност со европските иницијативи, како што се пактот за миграција и азил, како и акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кои го потенцираат значењето на соработката со земјите на потекло во делот на мобилноста, развојот на вештини и управувањето со враќањето на мигрантите.
Беше нагласено дека Северна Македонија, како и земјите од Западен Балкан, е дел од Европа и нејзините политики, а не простор надвор од нејзините граници. Во таа насока, нашата држава ниту размислува ниту поддржува идеи за отворање кампови за враќање одбиени баратели на азил.
На маргините на конференцијата заменик-министерот Зоран Димитровски оствари повеќе средби и разговори со истакнати владини претставници и министри, кои учествуваат на конференцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Касами ќе го спасува криминалецот Дехари од ДУИ во Кичево“, велат од партијата Левица
„Јавно изразената поддршка на Билал Касами за кандидадот за градоначалник од ДУИ во Кичево претставува директна заштита и амнестија на криминалните мандати на Фатмир Дехари! Додека Мицкоски и провладините медиуми во паника постојано ја оцрнуваат Левица, токму оној кој ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ во Тетово сега ќе го спасува Дехари од губење на власта во Кичево“, велат од партијата Левица.
„Дали премиерот Мицкоски вака ќе расчистува со криминалите на ДУИ – додека неговата партија го поддржа сепаратистот Касами во Тетово, токму тој во вториот круг ќе го спасува Фатмир Дехари од губење на градоначалничката функција?! Иако ВМРО-ДПМНЕ немаше кандидати за градоначалници во Тетово, Гостивар и Струга за понизно да ги поддржи коалициските кандидати, сепак ВРЕДИ не го поддржа кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево за конечно ДУИ да отиде во опозиција во градот кој за Ахмети беше “воен плен”!
Додека Мицкоски опсесивно да ги оцрнува кандидатите за градоначалници на Левица, фактите се јасни: во Брвеница и Кичево неговите коалициски партнери директно соработуваат со ДУИ. Потсетуваме дека во општина Брвеница, кандидатот за градоначалник од ВРЕДИ повика на обединување со ДУИ во вториот круг од локалните избори.
Ваквото коленичење на ВМРО-ДПМНЕ со 58 пратеници пред помалиот коалициски партнер е на директна штета на сите жители на Кичево – кои неколку мандати се заробени од криминалното владеење на Фатмир Дехари.
Станува јасно дека целата оркестрирана владина кампања против Левица (која доживеа историски успех овие избори во градот Скопје) е со единствена цел – дефокус од понижувањето кое го доживеа партијата на Мицкоски од сопствените коалициски партнери, кои директно одработуваат за заштита на криминалите на ДУИ“, соопшти партијата Левица.
Македонија
Камион излета од патот кај клучката Хиподром, сообраќајот во прекин
Товарно моторно возило денеска во 9 часот излета од патот Скопје – Куманово, кај клучката Хиподром (обиколница Скопје) кон Куманово, извести АМСМ.
Собраќајот е во прекин.
Македонија
„10 спрема 1 по освоени општини во првиот круг е соодносот на ВМРО-ДПМНЕ со СДС, граѓаните избраа работа и дела, наместо криминал и неспособност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Локалните избори беа одраз за тоа дека доколку работиш чесно, транспарентно и посветено, народот ќе го цени тоа и ќе те награди. ВМРО-ДПМНЕ го преслика успехот од парламентарните избори минатата година во процентуална вредност, а споредбено со минатите локални, имаме и раст во бројот на гласови, советнички места и градоначалници“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ освои 550 советници низ државата и градот Скопје, додека СДС освои околу 230 советници. ВМРО-ДПМНЕ освои 12.000 гласови повеќе од минатите избори, додека СДС изгуби 111.000 гласови. ВМРО-ДПМНЕ доби 11 повеќе градоначалници во првиот круг, а СДС изгуби 6. Соодносот на ВМРО-ДПМНЕ и СДС по првиот круг е 10 спрема 1. Граѓаните направија вистински избор, избраа работа и дела, наместо криминал и неспособност.
Во вториот круг на 2 ноември, ВМРО-ДПМНЕ е асполутен фаворит во сите 26 општини. Затоа, ги повикуваме граѓаните, во вториот круг да го дадат својот глас на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и масовно да го заокружат бројот 9.
Да ја запечатиме победата и да го направиме вистинскиот избор, со твојот човек, за твоето место, за твојата иднина!“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ

