Македонија
Изведувачите на сопствен трошок одново ќе асфалтираат две улици во Битола

Како што најави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, дека инсистира на спроведување на решенија на проблемите, од денес започнаа активностите за отстранување на оштетениот коловоз и подготовка за повторно асфалтирање на улицата „Бурса“.
Активностите на оваа улица ќе се изведуваат од денес до сабота, во периодот од 09 до 19 часот од делот кај влезот на поранешна „Шеќерана“ и „Квасара“, според фаза 2 од проектот за времен режим на сообраќај, делот пред влезот на „Синпекс“, според фаза 3 од проектот и делот кај „Агнеса“ до отпадот. Додека траат работните активности, согласно времениот режим улицата, ќе биде затворена за сообраќај поради санација на оштетениот коловоз и асфалтирањето, кое ќе се изведува во наведениот период.
Во меѓувреме, се чекаат резултатите од лабораториските испитувања на претходно вградениот асфалт на улицата.
На барање на општината, изведувачот и на улицата кај „Блис“, започна со подготовка за целосно преасфалтирање на оваа улица, поради оштетувањата кои беа констатирани изминатиот период.
Градоначалникот Коњановски, потенцира дека квалитетот на извршената работа, секогаш мора да биде на задоволително ниво и нема да се дозволи проектите кои се реализираат да имаат било какви недостатоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Илиевски: Дали Мицкоски го штити изворот на пиротехниката што го предизвика пожарот во Кочани?

Зошто во ниту еден момент ниту обвинителот Коцевски, ниту министерот за внатрешни Тошковски, ниту премиерот Мицкоски не се осудија да го коментираат потеклото на пиротехниката која го предизвика пожарот во дискотеката Пулс кој зема 62 млади животи, а повредени беа 200 млади луѓе, праша Методија Илиевски, потпретседателот на СДСМ.
„Зошто истрагата досега не доведе до сознание кој ја внел пиротехниката во клубот? Зошто МВР на Тошковски досега не испита кој нелегално во Македонија шверцува пиротехнички средства и како пиротехнички средства завршиле во дискотеката Пулс кобната вечер? Дали доколку се дознае потеклото на пиротехниката истрагата ќе дојде до најблискиот периметар на луѓе околу премиерот? СДСМ прашува дали постои пријава во обвинителството дека потеклото на пиротехниката во дискотеката Пулс е од фирма блиска на најтесното опкружување на Мицкоски?“, праша тој.
Според Илиевски, сопственик и одговорно лиценца на фирмата е лице од блиското опкружување на Мицкоски од Струмица.
„Дали оваа компанија била задолжена за организација на партиските митинзи на ВМРО-ДПМНЕ? Дали ова е причината поради која Христијан Мицкоски ја попречува истрагата на обвинителството и не дозволува истата да го има правилниот тек?“, праша Илиевски.
Тој рече дека СДСМ нема да дозволи одговорните за пожарот во Пулс во кој животот го загубија 62 млади лица, а 200 беа повредени да останат неказнети.
Македонија
Огромен објект никнува во Охридската чаршија, секој прави што сака, алармира Охрид СОС

Чаршијата во Охрид го губи својот лик. Иако е дел од Старото градско јадро, за кое важи посебен закон, односно Закон за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чаршијата е препуштена на стихијата и тука секој прави она што сака, без никаква регулатива, алармираат од Граѓанската иницијатива Охрид СОС.
„Ако некогаш важеше за специфичен дел на градот, исполнет со занаетчиски дуќани и стари градби, денеска оваа улица скоро сосема го изгубила својот лик и значење. Иако е дел од Старото градско јадро, за кое важи посебен закон, односно Закон за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чаршијата е препуштена на стихијата и тука секој прави она што сака, без никаква регулатива. На прстите од една рака се бројат старите градби кои му одолеваат на времето. Денеска тука доминираат ресторани и угостителски објекти кои ја окупирале улицата и за минувачите и велосипедистите оставиле само еден тесен премин. И наместо институциите да диктираат што и како може да се гради, сведоци сме изминативе децении дека тука веќе почнаа да се градат високи објекти со нетипичен стил. Не се применува нити онаа омилена за Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид факсимилна реконструкција“, велат од таму.
Додека „стручната фела“ замижува и се прави наудрена, велат од Охрид СОС, деновиве кон крајот на чаршијата се подигнува еден огромен објект, кој според обемот и големината отскокнува од околните објекти.
„Минатата година, за да започнат градежни работи на овој дел, службите на Општина Охрид исекоа неколку децениски стебла, а од механизацијата е оштетено и партерното уредување. Но ништо од тоа не е важно, ако се знае дека институциите на прво место го ставаат интересот на поединците, наместо јавниот интерес. Објектот е видлив и од страната на паркингот. Додека се предлага градот да формира стручно тело кое ќе комуницира со УНЕСКО, „еден Борд кој ќе го сочинуваат архитекти и други професионалци“ неповратно го губиме културното наследство и специфичните градски четврти“, алармираат од Охрид СОС.
Македонија
Викендов многу топло време, со локален дожд

Во деновите од викендов ќе се задржи многу топло време, информира УХРМ.
Утре ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Од понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени.
Кон средината на седмицата ќе има локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.