Македонија
Измените на Кривичниот законик се само уште едно крпење на правниот систем, велат од ЛДП
Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува сериозна загриженост и негодување во однос на најновите предлог-измени на Кривичниот законик кои се најдоа пред пратениците во Собранието на почетокот на неделата. Иако навидум изгледа дека се предлагаат решенија за заострување на казните и санирање на штетите направени во минатото, сметаме дека ова е само уште едно од многуте „крпења и закрпувања“ на правниот систем, наместо суштинска реформа која граѓаните ја чекаат повеќе од 18 месеци, велат од ЛДП.
„Во насока на подобрување на состојбата, како партија која доследно се залага за владеење на правото, укажуваме на проблемот со застарувањето. Тука, иако се предлага зголемување на казните за „Злосторничко здружување“ и „Злоупотреба на службената положба“, сметаме дека застарување на делата се сè уште можни и за истото сме сведочеле постојано во минатото.
Воедно, ЛДП инсистира на дополнително зголемување на границата за застарување на делата од 30-тата глава извршени на штета на буџетот на државата. Борбата против корупција не смее да зависи од административни рокови кои им овозможуваат на оние кои се огрешиле итро да ја избегнат правдата“, соопшти ЛДП.
„Сметаме дека повторното воведување на кривичното дело поврзано со злоупотреби при јавните набавки е задоцнет чекор, а сегашното решение е само обид за санирање на штета. Делот за воведување на санкции за злоупотреба на порнографски и сексуални содржини е за поздрав, но потребно е итно проширување на овие одредби. Во време на брз технолошки развој, неопходно е законот експлицитно да ја опфати и злоупотребата на дигитални содржини креирани со помош на вештачката интелигенција (Deepfake-ови), со цел заштита на достоинството на секој граѓанин.
Доста беше од делумни и парцијални решенија. Доколку ресорното министерство не е способно да изготви и да се донесе целосно нов, современ и европски Кривичен законик до крајот на оваа година, треба јавно да ја признае својата неспособност. Македонија нема време за нови правни експерименти кои оставаат простор за селективна правда и неправда.
ЛДП останува посветена на заложбата за носење на законско решение кое ќе биде бескомпромисно кон криминалот и корупцијата. Нашите забелешки се јасни: ни треба закон кој што ќе штити, а не закон што ќе амнестира преку застарување“, се додава во соопштението на ЛДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Измените на Законот за странци нов доказ за вистината
Овие денови ДПМНЕ-ЗНАМ изгласаа неуставна Резолуција само да ја замолчат опозицијата. Немаат како да се борат со вистината, за една голема тема, мигранти за пари. Па сакаат да воведат цензура против слободата на говорот. Но вистината не може да се сокрие, вистината секогаш излегува и секогаш победува, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа вели дека денеска објавува нов доказ за вистината на Резолуцијата.
„Денеска ќе објавиме нов доказ. Па граѓаните сами нека заклучат кој ја говори вистината, дали и што е договорено. ДПМНЕ-ЗНАМ во септември оваа година изгласала измени на Законот за странци. Што е клучно во овие измени? Олеснување на постапките за добивање на дозвола за привремен престој на странец по основ на вработување и, внимавајте, особено за оне кои работат на стратешки проекти и доколку има стратешки партер. Клучни се членовите кои се изменети, Член 83, Член 85, Член 86 и член 90. Во член 83 се воведуваваат неколку „исклучоци“ со кои полесно ќе се добива дозвола за странец односно економски работници кои работат на стратешки проекти и со стратешки партнер. Став 1. Цитирам: По исклучок, привремен престој заради работа ќе се одобри и на странец кој работи на стратешки проекти утврдени со посебен закон, независно од искористеноста на квотата и моменталните потреби на пазарот на труд во Република Северна Македонија, односно без издавање на мислење од страна на Агенцијата. Став 3: „За странец кој работи на стратешки проекти утврдени со посебен закон, се издава потврда дека правниот субјект е со статус на стратешки партнер каде работи странецот. Потврдата дека правниот субјект е со статус на стратешки партнер каде работи странецот, ја издава Министерството за економија и труд.“, рече Кузеска.
Таа вели дека е јасно на кого се однесува тоа стратешки проекти и стратешки партнер.
„Член 85, став 5: „Од одребите исклучок привремен престој заради вработување се одобрува со приложување само на Договор за работа и образложение за потребата на работното место“. Дали ова значи ново олеснување кое ги остранува сите други докуметнти? Да. За кого? Сетаме дека на сите им е јасно. Во член 90 став 9 се воведува нов исклучок со кој се зголемива временскиот период а пресој во Македонија кој може да биде со децении. „По исклучок од одредбите на овој член, странец ангажиран во правен субјект со статус на стратешки партнер може да биде упатен на работа во Република Северна Македонија во периодот на имплементирање на проектот, но не подолго од една година, со можност за продолжување на привремениот престој.”. Дали ова значи дека периодот на имплментација на проектот може да биде десетици години? Да ако е за голем проект како желеница. Дали ова значи дека може и после тие години да се продолжува рокот? Да. Почитувани граѓани. За кого се овие измени? Мислам дека на сите ни е добро јасно. Затоа сакаат да ни забранат да го изговараме зборот“, рече Кузеска.
Македонија
Алиу: Дефиниравме нови програми за специјализации – темелно го менуваме пристапот за креирање медицински кадар
На денешната прес конференција на министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова, деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Светозар Антовиќ, како и претставниците на медицинските факултети во Тетово и Штип, беа презентирани новите програми за специјализации, со кои темелно се менува пристапот во креирање на медицинскиот кадар.
„Политиките, мерките и предлозите кои ги иницираме како Министерство за здравство секогаш внимателно ги дискутираме со стручната фела, и со инклузивен и партнерски пристап заеднички воспоставуваме нови политики и практики за потребите на нашето население и здравствениот систем. На денешната прес конференција најавуваме една од најсуштинските промени во здравствениот систем. Дефинирани се новите програми за специјализација, со кои темелно се менува начинот на кој го создаваме медицинскиот кадар што треба да биде носител на системот во следните години. Повеќе од петнаесет години програмите во високото медицинско образование не беа суштински обновени, а за тие петнаесет години, реалноста драстично се смени, имаме демографски промени, промени во зачестеноста на болестите, очекувањата на пациентите, но и во самата медицина. Јас доаѓам од ИТ секторот, каде ако 15 години не го менувате моделот, вие повеќе не подготвувате кадар за иднината. Истото важи и за здравството, ако не ги модернизираме програмите, ќе ја пропуштиме шансата новите методи и технологии да станат дел од секојдневната клиничка пракса“, информираше министерот Азир Алиу.
Тој посочи дека целта е да добиеме прво лекар со општа специјализација, кој може да одговори на реалните потреби на граѓаните надвор од клиничките болници, во општите и регионалните болници, во секундарното здравство, таму каде што се најголеми реалните здравствени потреби на граѓаните.
На тој начин, според Алиу, здравствениот систем ќе добие рамномерно дисперзиран медицински кадар, а кој ќе може да понуди специјалистички третман на хронични болести, итни состојби, да обезбеди континуитет на терапија, навремена дијагностика и правилно упатување кон терциерното здравство.
„Суштината на новите програми е едноставна, но воедно и храбра, односно се напушта логиката на премногу тесно профилирани специјализации како почетна точка, и се гради силна, општа клиничка основа, врз која потоа рационално ќе се надградува преку супспецијализации. Тоа значи прво стабилен интернист и стабилен општ хирург, а потоа таму каде што има потреба процесот на образование ќе продолжи со кардиологија, гастроентерохепатологија, ендокринологија и други области како супспецијалистичка надградба. Програмите ќе бидат унифицирани за сите три медицински факултети во земјава. Тоа значи еден стандард, еднакви критериуми, ист квалитет на програмите“, заклучи министерот
Деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ појасни дека порано имаше специјализации каде мора да бидете општ специјалист или општ интернист, и овие специјализации траеја четири години, со што беа задоволени сите потреби на болниците во секундарното јавно здравство, додека на клиниките и некои од поголемите болници, како ГОБ „8 Септември“ имаа потреба од дополнително високо специјализиран кадар и беа упатувани на супспецијализации кои траеја две години.
„Ова е воочено изминатиот период, но сега во контакт со сите шефови на катедри, професори од медицинските факултети, конечно се нафаќаме тоа да го ревидираме, затоа што треба да се вратат тие општи специјализации особено на хирургија и интерна медицина, кои ќе го понудат она што на нашата држава и е потребно“, информираше проф. Антовиќ.
Претстедателката на Лекарската комора посочи дека комората беше иницијатор на овој процес имајќи предвид дека во секојдневните средби со колегите е констатирано дека овие 15 години покажаа дека моделот на специјализации не е доволно добар.
„Ние имаме потреба да им овозможиме на докторите што учеле да може да прегледуваат пациенти, и доколку има потреба понатаму да ги упатат во соодветна установа на повисоко ниво. Сегашните специјализации се предолги ако ги споредиме со супспецијализациите и токму затоа заеднички го дефиниравме овој нов модел“, истакна д-р Гривчева Старделова.
Македонија
Кандидат за градоначалник на Крушево им давал по 1.000 денари на луѓе да гласаат за него
Кандидат за градоначалник на Крушево давал по 1.000 денари на луѓе да гласаат за него на последните локални избори.
Според информациите на МВР, поднесена е кривична пријава против Т.Х.(33) и Т.Ш.(36), двајцата од Крушево, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „поткуп при избори и гласање“ и „помагање“.
На 14.10.2025, првопријавениот дал поткуп во износ од по 1.000 денари на четири лица да гласаат за него како кандидат за градоначалник на општина Крушево, додека второпријавениот на едно женско лице дал поткуп од 5.000 денари со истата намера.

