Македонија
„Интеграцијата во ЕУ не е луксуз, туку неопходност“ – во Собранието дебата за евроинтеграциите
Во свечената сала „Купола“ во Собранието денеска се одржа осмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК), посветена на регионалните предизвици и реформските процеси на патот кон ЕУ. Годинашната конференција се одржа на тема „Реформи од другата страна на реториката: Регионални предизвици на патот кон Европската Унија“, со силен акцент врз новиот план за раст за Западен Балкан, кој носи економски придобивки, но и сериозни обврски.
Конференцијата ја отворија претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Националниот совет за европска интеграција, Венко Филипче, заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски, како и амбасадорките на Словачка, Ивета Хрицова, и на Кралството Холандија, Узлем Џанел.
Во своите обраќања тие ја нагласија важноста на реформите, градењето институционална доверба и продлабочена регионална соработка како клучни предуслови за напредок кон Европската Унија, особено во контекст на новиот план за раст на ЕУ за Западен Балкан.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во своето обраќање нагласи дека европската агенда мора да биде државен приоритет, а реформите не смее да зависат од дневната политика.
„Ве уверувам дека стратегискиот интерес на Македонија, дефинитивно, е насочен кон ЕУ“, изјави тој и додаде дека вклучувањето на невладиниот сектор е клучен на тој пат. „Интеграцијата не се мери по брзината на постапките, туку по довербата на граѓаните во институциите“, потенцира Гаши и посочи дека „ниту едно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот пат. Ова е момент за мотивација, а не за притисок. Интеграцијата не е луксуз, туку неопходност. ЕУ-интеграцијата не се гради во Брисел, туку во Скопје, кај нас, во нашите одлуки“, заклучи тој.
И другите говорници ја истакнаа потребата од реални, мерливи реформи, регионална поврзаност и практична примена на европските стандарди.
Во тој контекст, претседателот на Националниот совет за европска интеграција, Венко Филипче, рече дека планот за раст на ЕУ не смее да остане пропуштена шанса.
„Јасно е дека единствениот пат напред се европските интеграции. Евидентна е волјата на ЕУ за проширување и доколку не ги забрзаме реформите, регионот ќе оди напред без нас. Во извештајот на ЕУ јасно е констатирано дека реформи нема, особено во правосудството. Но, ако вака продолжиме, не сум сигурен дека ЕУ нема повторно да нѐ врати на ниво на скрининг“, поентира Филипче повикувајќи да преминеме од декларации кон резултати, што ќе ја вратат довербата на граѓаните.
Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски, рече дека Националната конвенција е од голема помош на патот кон ЕУ затоа што дава можност за дебата на повеќе нивоа, особено на полето на суштинските реформи, кои произлегуваат од европската агенда. „Реформите мора да продолжат ако не сакаме да се втурнеме во ќор-сокак“, рече тој.
Амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова, потенцира дека земјите што најмногу напредуваат се оние што најконзистентно ги спроведуваат реформите и дека примерите од централна Европа покажуваат дека политичката волја е клучниот фактор. Таа вети дека ќе направи сѐ што може за да се скрати процесот за пристап, кој од земјите аспирантки бара храброст.
„Мојата земја стои зад вас и ве поддржува многу силно. Добро знаеме колку е тешко да се зацврстат институциите, но тоа е возможно само преку реформите, во кои клучна област е владеењето на правото, бидејќи тоа креира доверба кај граѓаните. Вашата земја припаѓа во европското семејство и Словачка е подготвена да даде сѐ што е во нејзина можност за да станете член на ЕУ“, изјави амбасадорката Хрицова.
И амбасадорката на Холандија, Узлем Џанел, предупреди дека владеењето на правото е суштински критериум. Според неа, храбрите реформи во правосудството не може да се одложуваат – тоа е темелот на европските вредности: „Сега е време да се дејствува и не смее повеќе да се губи драгоцено време!“, рече таа посочувајќи дека граѓанскиот сектор е тука да им помогне на креаторите на политиките да се иницираат реформите, а секако планот за раст финансиски да го помогне процесот.
„Приоритет на мојата земја е да го види просперитетен и стабилен Западен Балкан и тука сме да ви помогнеме во реформите, особено владеењето на правото, што е фундаментален сегмент на патот кон ЕУ“, порача холандската амбасадорка.
На конференцијата учествуваа и пратеници, амбасадори, високи претставници на министерствата, судии, обвинители, адвокати, експерти од правосудството, како и претставници на институции и организации од Словачка, Србија и Албанија, академската заедница, граѓанскиот сектор и членовите на работните групи на НКЕУ-МК.
Инаку, конференцијата беше поделена во три панел-дискусии, преку кои се отворија три клучни прашања за засилување на довербата и солидарноста во европските интеграции, за владеење на правото надвор од политичката реторика, како и за економските реформи, конвергенцијата и регионалната поврзаност на земјите од Западен Балкан.
Панелите беа модерирани од национални и регионални експерти, а говорниците споделија компаративни искуства, предизвици и препораки за напредок на Македонија и регионот. Учесниците дискутираа за потребата од стабилни институции, транспарентност и предвидливост како основа за враќање на довербата во процесот.
Конференцијата уште еднаш ја потврди значајната улога на НКЕУ-МК како платформа што ги обединува институциите и експертската јавност во насока на подготовка на државата за претстојните преговори со Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДСЗИ нареди вонредно чистење и здравствени прегледи на вработените во училиштето „Димо Хаџи Димов“
Државниот санитарен и здравствен инспекторат освен затворање на кујната во училиштето „Димо Хаџи Димов“ во Влае како потенцијален извор на зараза, нареди и вонредно чистење и вонредни здравствени прегледи на вработените во училиштето.
Директорот на ДСЗИ, доктор Кирил Лазов, рече дека по добиеното известување од Центарот за јавно здравје за пројавени стомачни тегоби кај ученици од ова училиште, на терен се врши вонреден и координиран инспекциски надзор заедно со АХВ, ИЈЗ и со ЦЈЗ Скопје.
„Согласно своите надлежности, ДСЗИ изврши затворање на кујната како потенцијален извор на зараза и даде решение за забрана, во кое се наложуваат и мерки кои треба да ги преземе операторот, односно вонредно чистење, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција и спроведување вонредни здравствено-хигиенски мерки за вработените“, изјави Лазов.
Во врска со неофицијални информации дека можеби водата е причината за стомачните тегоби кај децата, Лазов вели дека за водата не е надлежен ДСЗИ.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, рече дека се земени брисеви од раце, нос и грло на вработените во училишната кујна, од работните површини, како и мостри од храна и вода.
Андоновска кажа дека екипата се уште е на терен и дека се работи за анализи кои треба да потраат.
„Она што можам да го кажам е дека е веднаш постапено по сите протоколи. Земени се мостри од буквално сè што ни е во интерес, а тоа се брисеви од луѓето кои работат во кујната, од раце, грло и нос. Земени се брисеви и од работни површини, мостри од храната што ја консумирале децата. На наше инсистирање земавме и од водата. Се работи за анализи кои треба да потраат, не можеме толку брзо да дадеме веднаш одговор за што станува збор, но можам да кажам дека ако треба, ќе се работи цела вечер за да утврдиме за што станува збор“, рече таа.
Андоновска кажа дека имало девет пријави за стомачни тегоби кај деца.
Македонија
Стојаноски: Владата веќе обезбеди 30 милиони евра за реконструкција на студентските домови
Единствена причина зошто денеска тука на овој амандман нема претставник од Левица е еклатантното непознавање и незнаење, како и директната грешка на тоа како тие ја поимуваат политиката, а тоа е политика на рил на Фејсбук, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница на Комисијата за финансирање и буџет.
Стојаноски посочи дека ваквите постапки на овие пратеници не заслужуваат и да се коментираат, но, додаде тој, кога ќе влезете во Собрание и кога ќе давате некакви вакви акти треба да знаат дека сепак, некој може да излезе и да ги соочи се реалноста, а тоа е дека студентските домови за кои бараат средства за реконструкција и веќе се реконструираат.
Стојаноски посочи дека за реконструкција на студентските домови Владата има обезбедено 30 милиони евра и истата ќе се одвива во три фази, така што до крајот на мандатот сите домови ќе целосно реконструирани.
„Двата дома којшто сте ги напишале на ваков амандман и тоа што го барате апсолутно се реконструираат, дека до сега Владата има обезбедено 30 милиони евра за реконструкција на студентски домови, дека заради добрата работа во реконструкцијата доби грант од 5 милиони евра од германската банка за развој, дека во три фази ќе се реконструираат сите студентски домови. Секоја фаза чини по 17 милиони евра и до крајот на мандатот сите студентски домови ќе бидат реконструирани. Понатаму, во Штип, затоа што тука е напишан и градот Штип, ќе се гради нов медицински факултет и паралелно со тоа ќе се изгради и комплетно нов студентски дом“, рече Стојаноски.
Додаде дека така реагираат и така реализираат сериозни политичари кои ги решаваат проблемите на граѓаните, а не како пратениците на Левица кои како единствена работна активност го сфаќаат коментирањето по социјалните медиуми како Фејсбук и Инстаграм.
Македонија
Петрушевски: Амандманите кои ги поднесува Левица се политички дилетантизам и непочитување на Собранието и народот
Пратеникот Бране Петрушевски на собраниската Комисија за финансирање и буџет, се обрати кон Левица, кои поднесоа амандман кој, како што рече, веќе во реалноста се реализира, а тоа е реконструкцијата на студентските домови.
„Ова е политички дилетантизам, ова не е само непочитување на собранието и пратениците, туку и непочитување на народот. Додека некој овде со денови чита амандмани од точка до запирка, некој седи дома и поднесува амандмани којшто се реализирани, навистина не можам да го квалификувам поинаку од политички дилетантизам и непочитување на граѓаните’’, истакна Петрушевски.
Тој дополни дека Левица наместо да се занимава со вистински политики, тие се изживуваат врз колегите во собранието, а со тоа и кон народот кој ги избрал.
„Ова не е никаква политика што го прави Левица, туку едно изживување и една импровизација врз грбот на граѓаните, затоа што се дебело платени за ова коешто не го работат’’, заклучи Петрушевски.

