Македонија
Ковачевски: Победата почнува со нашиот претседател, Стево Пендаровски
Победата почнува тука, денеска, победата почнува со нашиот претседател, Стево Пендаровски, рече денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во обраќањето на конвенцијата за промоција на програмата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
Тој е прогресивен претседател, верува во прогресивна Македонија и не се откажува од европската иднина, додаде Ковачевски.

-Ние не се откажуваме од иднината! Ние покажавме храброст. Покажавме дека имаме план. Покажавме што значи лидерство. Лидери се токму тоа, луѓе со визија и луѓе кои не се откажуваат. Не се откажавме затоа што ние сме на вистинската страна, рече Ковачевски.
Тој потсети дека во времето кога отвораа преговорите со ЕУ, Пендаровски го поддржал неговото лидерството и вистинските, државнички одлуки за иднината на земјата.

-Кога беше време да се отворат преговорите со ЕУ во јули 2022, Стево и јас седевме заедно, сами. Стево рече вака: Знам дека од утре целиот притисок ќе биде врз тебе. Знам дека целиот овој процес ти ќе мора да го изодиш до крај. Знам дека од утре, сите популисти, сите националисти, сите противници на европската идеја за Македонија, сите оние кои се здружени со непријателите на Македонија, ќе застанат против тебе. И ќе поминуваш низ пекол. И затоа, нема да те оставам сам. Затоа, јас ќе стојам рамо до рамо до тебе. Ќе стојам рамо до рамо и со пратениците со кои заедно ќе ја водиш битката во парламентот. Затоа, јас прв ќе излезам на прес конференција и ќе кажам: Да, Македонија треба го прифати европскиот предлог. Македонија треба да стане земја членка на ЕУ. Тоа и го направи, тоа е лидерство. Тоа е начинот на кој постапуваат вистинските лидери. Лидерите кои им мислат добро на својот народ и на својата држава, рече Ковачевски.

Тоа ми даде и поттик да отидам заедно со пратениците што седат тука, и во парламентот да ја кажам идејата за Европска Македонија. Со вакви храбри луѓе, направени од ваков цврст материјал што ништо не може да го скрши, Македонија ќе стане земја членка на ЕУ.

-Европска Македонија ќе биде реалност! Нема откажување, како што јас и Стево не се откажавме, ни во тие најтешки наши моменти. Тоа го направивме не затоа што е лесно, туку напротив, затоа што е тешко и затоа што знаевме дека нема кој друг да ја донесе таа одлука. Затоа што јас и тој требаше да ја донесеме одлуката. Ниту Стево ниту јас не се откажавме и никогаш нема да се откажеме. Исто како вие овде што нема да се откажете. Со вакви храбри луѓе, направени од ваков цврст материјал што ништо не може да го скрши, Македонија ќе стане земја членка на ЕУ, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:30 часот сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.

