Македонија
Кривична пријава против полициски службеници од сообраќајна патрола во Скопје за „попречување на правдата“

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција поднесе кривична пријава против Д.К. на работно место помлад полицаец и Б.Д. на работно место полицаец за безбедност на патниот сообраќај во Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје.
Пријавените како службени лица – полициски службеници на 20.04.2025 година со намера да го спречат и отежнат докажувањето, прикривале и фалсификувале документи што може да послужат како доказ во постапка пред суд или друг орган надлежен за водење на постапка уредена со закон, на начин што првопријавениот издал прекршочен платен налог и записник за сторен сообраќаен прекршок на име на лице од Скопје за сторен прекршок, а потоа за да го прикрие прекршокот на лицето, ги преправил и фалсификувал прекршочниот платен налог и записникот за сторен сообраќаен прекршок на начин што на вториот примерок врз податоците нанесени со индиго од првиот примерок со пенкало ги внел податоците од друго лице од Скопје, иако ова лице воопшто наведениот ден не го контролирале ниту од нивна страна било запрено за сторен прекршок, а кое од претходно им било познато како чест извршител на сообраќајни прекршоци.
Второпријавениот, како одговорен на патролата иако знаел дека првопријавениот констатирал прекршок на лице од Скопје, а потоа на прекршочниот платен налог и записникот за сторен сообраќаен прекршок врз податоците на лицето сторител на сообраќајниот прекршок ги внел податоците на друго лице, му помогнал до го изврши кривичното дело, со тоа што во пополнувањето на прегледот на контролирани моторни возила и на извештајот од 20.04.2025 година за радар ги внеле податоците на сторителот на сообраќајниот прекршок, а потоа откако првопријавениот ги фалсификувал и преправил наведениот налог и записник, врз податоците на сторителот на прекршокот ги внеле податоците на друго лице и вака преправениoт преглед на контролирани моторни возила и извештај од 20.04.2025 година за радар, по завршувањето на работните задачи, ги приложиле заедно со наредбата за вршење дејност во Одделението за безбедност на патниот сообраќај Скопје.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против полициските службеници ќе поведе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работно место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Гази Баба доделува субвенции за сончеви термални колектори

Општина Гази Баба објави Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општина Гази Баба за набавка и вградување на сончеви термални колектори.
Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на општина Гази Баба кои имаат купено и вградено сончеви термални колекторски системи во својот дом во периодот од денот на објавување на јавниот повик се до 30 ноември 2025 година односно до исцрпување на финансиски средства наменети за оваа намена од Буџетот на Општина Гази Баба за 2025 година.
Општина Гази Баба ќе им надомести дел од трошоците во висина од 50%, но не повеќе од 15.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство за 2025 година.
Барателот треба да ги исполни следните услови:
• да е жител на Општина Гази Баба,
• да нема искористено субвенции за купување на сончеви термални колекторски системи во својот дом од било кој друг извор на Република Македонија,
• набавениот уред да биде купен во 2025 година, во период од денот на објавување на јавниот повик и истиот да биде инсталиран на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот,
• да има платено данок на имот за станбениот објект во кој ќе биде инсталиран сончевиот термален колекторски систем заклучно со 2024 година.
Македонија
Најава за цела недела – облачно и нестабилно време со врнежи од дожд и грмежи

Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса времето во текот на оваа седмица ќе биде променливо облачно и нестабилно со честа појава на локални врнежи од дожд и грмежи, информира УХРМ.
Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време поголема количина), грмежи, силен ветер (над 60 км/ч) и изолирана појава на град.
Во Скопје, до крајот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
До петок ќе дува умерен до засилен јужен ветер и температурите ќе бидат без поголема промена, а од сабота со засилен северен ветер ќе бидат во опаѓање.
Препорака: Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец Април 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 05 Мај 2025 година, известува Министерството за социјална политика.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
05.05.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
06.05.2025 – М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.