Македонија
МНР реагира: Нашите недостатоци се поради нестручноста на претходните министри од ВМРО-ДПМНЕ
Во врска со денешната партиска трибина на ВМРО ДПМНЕ за работата и активностите на дипломатијата на Македонија, Министерството за надворешни работи го пренесува следното:
„Министерството денес се соочува со сериозни системски недостатоци кои се резултат на долгогодишнo нестручно работење и длабоко партизирираниот пристап во водењето на институцијата во времето кога со МНР раководат министри од ВМРО-ДПМНЕ. Со денешната партиска трибина на ВМРО ДПМНЕ уште еднаш на јавна сцена ја видовме штетата која оваа партија ѝ ја нанесе на дипломатијата преку партизацијата на Министерството токму за време на министерувањето на лицата од трибината.
Изминативе години, во работењето на институцијата за прв пат не е важно партиското убедување на дипломатите кои со децении политичките партии ги делеле на наши и ваши. Покрај тоа, во овој иминат период под секое ниво биле сведени стручноста и непристраната работа на дипломатите и амбасадорите. Во тој период, за први луѓе по амбасадите биле праќани слаткари и слично – со кои тешко може да се изгради непристрасна и објективна професионална работа на дипломатите.
Дополнително би сакале да нагласиме дека досегашниот дипломат и синдикален лидер, Дабиќ, за жал целосно ги напушти принципите на дипломатијата, и уште повеќе, оние на синдикалното здружување. Постапувајќи строго според партиските амбиции, не само што го нарушува угледот на дипломатијата, туку ги загрози и можностите на вработените за вистинско синдикално претставување.
Од почетокот на мандатот на актуелниот министер, вработувањата, унапредувањата и испраќање на мисии се врши преку интерни огласи, согласно законските процедури, а овие активности се вршат според мерит-системот, почитувајќи го и принципот на етничка и родова дистрибуција.
Секој вработен имал и има можност покрај секојдневните обврски во Министерството, да биде вклучен во бројните работни групи и проекти изминатите две и пол години, неврзано за партиски, етнички или било какви други поделби, за што можат да посведочат самите вработени.
За крај би сакале да нагласиме дека денешното гостување на поранешниот амбасадор Дабиќ се случува само неколку дена по неговото заминување во пензија и не во стручна, објективна дебата туку на партиски собир, од каде малку е веројатно дека ќе се добие објективна слика за дипломатијата на Северна Македонија. Со ова тој само потврди дека неговото делување како претстедател на еден од синдикатите во МНР било мотивирано само од партиски и политички цели, а не од професионални и дека целта на тоа делување не било подобрување на условите за вработените во МНР туку негова лична промоција и себичен интерес, како и спроведување на интересите на политичката партија на која очигледно и припаѓа.
Министерството дополнително ќе достави детали до јавноста за работата на куќата во времето кога со МНР раководеле кадри на ВМРО ДПМНЕ. Во меѓувреме апелираме Дабиќ да престане да се занимава со институцијата, која беше системски уништена токму во времето на партијата со која денес јавно дебатираше. Синдикалното работење не подразбира да се добијат партиски насоки надвор од куќата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

