Македонија
„На 21 мај ќе се гласа за избор на нов гувернер на Народната банка, а никој не ја ни спомнува можноста на оваа позиција да биде избран Албанец“, велат од ДУИ

„ДУИ изразува незадоволство што ниту Владата, ниту Претседателката, а по линија надолу ниту целата политичка раководната структура, никој не води ни малку грижа за пристојно учество на Албанците во општествените текови. На 21 мај ќе се гласа за избор на нов гувернер на Народна банка на Македонија, а никој веќе не ја ни спомнува можноста на оваа позиција да биде избран Албанец“, велат од ДУИ.
„Сите се однесуваат како оваа функција да е резервирана за етничките Македонци и како да е тоа однапред завршена работа. Во моментов, во потесниот круг за избор влезени се четворица кандидати, од кои не само што ниту еден не е Албанец, туку овој потесен круг на ниту еден начин не го изразува мултиетничкиот карактер на државата.
Без разлика што за изборот постои јасна уставна и законска процедура, која минува низ филтерот на Претседателката, а потоа и собранискиот филтер, политичките претставници на Албанците во рамките на парламентарното мнозинство требаше да обезбедат барем учество во потесниот избор на еден од врвните економски експерти – Албанци кои ги има оваа земја.
Но во моментов, тие како да не смеат ни да прашаат за ваквите позиции, а камо ли да се изборат за избор на Албанец на ваква висока државна функција.
Останува горчливиот вкус за Албанците, наметнат од Премиерот, кој прво во концентрични кругови создаде чисти етнички средини околу себе: почнувајќи прво од својот Кабинет, потоа најблискиот круг соработници со кои оди во официјални посети, сега еве треба на јавна сцена да се демонстрира дека за позицијата Гувернер Албанците едноставна немаат ниту претставник кој би можел да влезе во потесниот круг за избор.
Република Северна Македонија е држава на сите нејзини граѓани, без разлика на нивната етничка, или било каква друга припадност.
И според Уставот, обврска на државата е да се грижи за правилна дистрибуција и учество во општествените текови на сите етнички заедници.
Ја повикуваме Претседателката, во рамките на своите можности, да покаже малку поголема лојалност кон Уставните одредби кои го дефинираат мултиетничкиот карактер на државата, отколку на барањата кои ѝ ги испорачуваат од Владата“, соопшти ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ја удирал со боксови и тупаници, па ја силувал во автомобил на паркинг во Сопиште: поднесено обвинение против 37-годишен скопјанец

Основното јавно обвинителство Скопје спроведе истражна постапка и поднесе Обвинителен акт против 37-годишен скопјанец за кривично дело – Полов напад и силување согласно член 186 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 21 февруари вечерта, со умисла и на сила, спротивно на јасно изразената волја на жртвата, ја присилил на полов однос. Делото го извршил во автомобил, на паркинг во Сопиште, така што најпрво без согласност започнал да ја допира жената, а потоа станал и насилен кон неа затоа што го одбивала.
Ја удирал со боксови и тупаници, па дури и со нога во лицето, предизвикувајќи и телесни повреди – подливи, нагмечување и скршеница на носните коски. Иако му кажала дека не сака да има ништо со него, на сила ја соблекол и ја принудил на полов однос. За цело време оштетената безуспешно се бранела и се обидувала да се оттргне, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител, заедно со поднесеното обвинение, до Судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Улицата „Дебарца“ готова до крајот на месецот, се работи со полна пареа

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во градежните активности за реконструкција на улицата „Дебарца“, каде се работи со засилена динамика.
Во оваа фаза се врши гребење на старата и дотраена асфалтна подлога во должина од 240 метри, по што ќе следи поставување на нов асфалт. Завршена е и реконструкцијата на тротоарот со поставување нов бекатон, на површина од 900 квадратни метри, а поставени се и нови рабници од двете страни на улицата, извести Општината.
„Во моментов сме на терен, каде интензивно се изведува реконструкција на улицата ,,Дебарца”. Очекуваме работите целосно да завршат до крајот на месецот, согласно планираната динамика”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Aктивностите се дел од пошироката реконструкција на улицата „Дебарца“, на потегот од улицата „Ленинова“ до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“. Станува збор за целосна санација на коловозната површина од 1.700 квадратни метри.
Овој дел од улицата беше во многу лоша состојба, со сериозни оштетувања кои го отежнуваа нормалното одвивање на сообраќајот, соопшти Општината.
„Со реконструкцијата, ја подобруваме безбедноста и условите за движење, но даваме и нов, поуреден изглед на просторот“, посочи Герасимовски.
Оваа интервенција се реализира во рамки на инвестиција вредна 40 милиони денари, обезбедена од претходната Влада, со намена за обнова на улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“, додаваат од општина Центар.
Македонија
До ОЈО Куманово доставен обдукцискиот наод за починатиот Ведат Адеми

Институтот за судска медицина до Основното јавно обвинителство Куманово го достави обдукцискиот наод за починатиот пациент Ведат Адеми. Наодот се разгледува во корелација со други докази, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, извести Јавното обвинителство.
32-годишниот кумановец почина на 17 март во кумановската болница. Адеми ненадејно починал откако примил терапија во болница.
Неговото семејство обвинуваше дека лекарска грешка е причина за загубениот живот. Тврдеа дека му бил даден лек на кој бил алергичен.
„На 17.03.2025 година во 11:35 часот од Општата болница Куманово во Секторот за внатрешни работи Куманово било пријавено дека со влошена здравствена состојба во болница дошол В.А. (32 години), кој по примање на дадената терапија по кратко време починал и извршен е разговор со целиот присутен медицински персонал“, изјавија од СВР Куманово.