Македонија
Началникот на Генералштабот на АРМ на 18. конференција на началниците на Генералштабовите во Турција

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, вчера, учествуваше на 18. конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји (форум „BCHOD“), која се одржа во Истанбул, Република Турција.
Годинашната конференција, која се одржа на тема „Визија за употребата на беспосадни системи во идните оперативни средини“, беше отворена од страна на домаќинот, началникот на Генералштабот на Република Турција, генерал Метин Ѓурак.
Генералот во своето обраќање најпрво истакна дека форумот „BCHOD“ претставува успешна приказна за регионална соработка, а тоа треба да ги направи учесниците горди за прикажаните напори во зајакнување на регионалната безбедност преку воената соработка. Навраќајќи се на темата на конференцијата, истакна дека предизвиците од времињата во кои живееме, несигурната и комплексна иднина која се обликува од новите трендови, како беспосадните системи, бараат уште поинтензивна соработка помеѓу вооружените сили.
Претседавачот на Воениот комитет, адмиралот Џузепе Каво Драгоне, за кого ова е прво појавување на овој форум и негова прва посета на Република Турција, во своето излагање ја нагласи стратегиската вредност на Балканот нагласувајќи: „Овој регион продолжува да биде помеѓу најважните приоритети на НАТО“. При ова генералот Драгоне ги потенцираше придобивките и потребата за континуирана воена соработка помеѓу балканските земји.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во своето обраќање потенцираше дека се наоѓаме во исклучително важен период, а одлуките кои се носат ќе дефинираат како ќе се развива воената моќ во иднина. Генералот Лафчиски наведе дека Армијата на Република Северна Македонија го препознава значењето на беспосадните системи и активно работи на модернизација и зајакнување на овие капацитети.
Навраќајќи се на важноста на форумот, генералот Лафчиски наведе дека треба да се продолжи со одлучност, заедништво и цврста определба за напредок, бидејќи така ќе се изгради поцврста, понапредна и поотпорна Армија и Алијанса.
Во рамки на конференцијата, генералот Лафчиски оствари и билатерални средби и се запозна со капацитетите на одбранбената индустрија на Република Турција.
На конференцијата, покрај домаќинот, началникот на Генералштабот на Република Турција, генерал Метин Ѓурак, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски и претседавачот на Воениот комитет, адмиралот Џузепе Каво Драгоне, учествуваа и началниците на Генералштабовите на армиите на: Грција, генерал Димитриос Чоупис; Србија, генерал Милан Мојсиловиќ; Романија, генерал Ѓеоргита Влад; Босна и Херцеговина, генерал-полковник Гојко Књежевиќ; Бугарија, адмирал Емил Ефтимов; Албанија, генерал-мајор Арбен Кинџи; Словенија, генерал-потполковник Роберт Главаш, како и началникот на штаб на Црна Гора, полковник Митар Кликови и директорот на Генералштабот на Хрватска, генерал-мајор Денис Третињак.
Форумот „BCHOD“ е основан на иницијатива на Грција и Турција во 2006 година. Официјално иницијативата е воспоставена со потпишување на „The Terms of Reference of the Balkan Countries’ CHODs Conference on Military Cooperation“ од страна на началниците на Генералштабовите на балканските земји на 10 мај 2007 година во Брисел. Главната цел на оваа иницијатива е промоција на стабилноста, соработката и добрососедството на земјите во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мухамед Елмази до Арсовска: Ќе барате ли од вашите партнери да се откажат од бесправните објекти, ќе побарате ли и тука дигалка или ќе свртите глава

Мухамед Елмази од „Влен“ на прес-конференција денеска, упати неколку прашања до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Денес сме тука да поставуваме неколку прашања за госпоѓата Арсовска. Госпоѓа Арсовска дали знаете кој е сопственик на оваа зграда? Дали објектот е де факто на вашите коалициони партнери во Градот и во бизнисот?
На какво земјиште е изграден, на државно или приватно?
На чие земјиште е изграден – државно, општинско или приватно? Дали имало располагање со државно земјиште без валидна јавна постапка?
Кој е вистински сопственик на оваа зграда?
Дали во документацијата се води на друго име за да се сокрие вистинскиот сопственик?
Ако да, зошто инспекциските служби не отвориле постапка за лажно пријавување? Дали овој објект го има во урбанистичките планови?
Дали деталниот урбанистички план (ДУП) воопшто предвидува ваков објект на оваа парцела? Ако не, кој и кога дал согласност за отстапување од планот? Дали вие сте учесник во тоа?
Дали е спроведен инспекциски надзор од Општина Сарај? Дали Градежниот инспекторат има издадено решение за уривање или забрана? Ако не – зошто бројните пријави од локалното население останале без одговор“, праша Мухамед Елмази на денешната прес-конференција.
„Г-ѓо Арсовска, пред да продолжите да зборувате за „дивоградби“ и „заштита на јавниот интерес“, одговорете: ќе барате ли од вашите партнери да се откажат од бесправните објекти? Ќе побарате ли и тука дигалка или ќе свртите глава затоа што станува збор за ваш пријател и коалициски партнер? Попатно, прашајте го и Димитар Апасиев?
ВЛЕН ќе инсистира на: Итно постапување на сите градежни инспекциски служби; Итно постапување на финансиската полиција за откривање на скриениот имот за политичарите од ДУИ; Отпочнување кривична постапка за злоупотреба на службена должност и урбанистички криминал против Арсовска; Јавна објава на сите локации во Скопје каде фирми или лица поврзани со кланот на ДУИ градат или поседуваат диви објекти.
Доколку градоначалничката и надлежните служби продолжат да молчат, ќе ги искористиме сите правни и демократски механизми за да го заштитиме интересот на граѓаните. Ќе го спречиме ширењето на бизнис империјата на кланот на ДУИ, во која припаѓа веќе и Арсовска“, изјави Мухамед Елмази.
Македонија
Арсовска до Мухамед Елмази: Дали си ти криминалец од ДУИ или од ВЛЕН?

„Таман мислиш не може да демонстрираат поголем очај за криминалот во кој се фатени, тие наоѓаат нов првенец од ДУИ! Мухамед Елмази беше член на Совет на град Скопје во овој мандат и истакнат член на ДУИ до септември 2024 година, кога претрпе магична трансформација и стана ВЛЕН за да го постават директор на државното НОМАГАС“, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Вчера барав на седница да се зборува за нелегални дивоградби во сите 10 скопски општини, ама Мухамед, иницијативата за дивоградбите од Сарај твоите коалициски партнери од ВМРО ја покренаа и сами си ја повлекоа.
Изгледа си пропуштил вчера на седница на совет кога побарав да се испитаат незаконските легализации на дивоградби во сите скопски општини вклучително Чаир и Сарај. Затоа што сакаш да глумиш политичар и на национална база да го сведеш ВАШИОТ криминал, читај тука: ЈАС ЗБОРУВАМ СО ФАКТИ И ЗА СЀ ИМАМ ДОКАЗИ.
Сега Мухамед да те прашам:
1. Дали си ти криминалец од ДУИ или од ВЛЕН?
2. Дали знаеш дека од 150 дивоградби од Чаир кои ги имаме фатено и сме известиле во изминативе 3 години, знаеме во која имаш ГРАТИС стан и живееш во истиот.
3. Дали знаеш дека следен тој предмет ќе го носам во јавното обвинителство бидејќи империјата на ТВОЈАТА УРБАНА МАФИЈА ќе ја срушам и воопшто не ми е гајле од која партија доаѓа!“, додаде Арсовска.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Република Кореја, Ким Донгбае

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Кореја со седиште во Софија, Ким Донгбае.
Посакувајќи му добредојде на амбасадорот Донгбае, таа изрази задоволство од пријателските односи и од конструктивната соработка меѓу двете држави, по воспоставувањето на дипломатските односи во 2019 година. Оцени дека постои волја и посветеност за искористување на потенцијалите и интензивирање на соработката во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката ја посочи важноста од развојот на соработката, потенцирајќи дека корејската економија нуди големи можности за партнерство во повеќе области, особено во информатичката технологија, дигитализацијата и обновливите извори на енергија, а од друга страна, нашата држава со стратегиската локација во срцето на Балканот, нуди поволни услови за корејските инвеститори и компании.
Таа изрази уверување и подготвеност за натамошен развој на соработката на мултилатерален план, особено во рамките на Обединетите нации. Малите и средни земји, според неа, треба да дејствуваат единствено, можат да понудат знаење и заслужуваат да имаат посилна улога во одлучувањето за глобалните прашања.
Обајцата ја истакнаа потребата заеднички да работат на отворање на резидентни амбасади во Скопје и во Сеул.
Сиљановска-Давкова, во духот на начелото на реципроцитет, побара да се укинат визите за македонските граѓани, со оглед на фактот на нивното непостоење за граѓаните на Република Кореја.
Амбасадорот Донгбае оцени дека по воспоставувањето на дипломатските односи пред шест години, двете држави станаа успешни партнери и изрази спремност за нивно продлабочување и проширување. Тој го посочи развојот на економската соработка како приоритет во неговата работа.
Претседателката Сиљановска-Давкова упати честитки по повод изборот на Ли Џе-Мјунг за нов претседател на Република Кореја на вчерашните вонредни претседателски избори.
На амбасадорот Ким Донгбае му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска мисија.