Македонија
Началникот на Генералштабот на Армијата на состанок на Воениот комитет на НАТО
Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, на 21 и 22 јануари 2026 година ќе учествува на редовниот состанок на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на Генералштабови од земјите членки на НАТО и партнерите.
На состанокот, со кој ќе претседава претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, ќе учествуваат началниците на Генералштабовите на 32-те земји членки на НАТО, командантот на Врховната сојузничка команда за Европа (SACEUR), генералот Алексис Г. Гринкевич и командантот на Врховна сојузничката команда за трансформација (SACT), адмирал Пиер Вандие (Pierre Vandier). Началниците на Генералштабовите на сојузничките земји ќе се сретнат и со претставници од индо-пацифичките партнери на НАТО, Грузија и Украина.
Во рамки на првата сесија, генералот Гринкевич, ќе ги информира началниците на Генералштабовите за подготвеноста на НАТО во зајакнувањето на колективното одвраќање и одбраната на Алијансата, во услови на заеднички безбедносни предизвици.
Во втората сесија, командантот на Врховна сојузничката команда за трансформација ќе даде акцент на можноста како НАТО да го забрза процесот на испорака на соодветни капацитети преку поддршка на земјите членки во усвојувањето и имплементацијата на иновации во соодветен обем и со соодветна динамика.
Во формат на советот НАТО–Украина, началниците на Генералштабовите ќе дискутираат за безбедносната состојба во Украина и за континуираната поддршка на НАТО кон оваа земја, вклучително и за НАТО безбедносната помош и обука за Украина (NATO Security Assistance and Training for Ukraine – NSATU) и Заедничкиот центар за анализа, обука и едукација (Joint Analysis, Training and Education Centre). На оваа сесија е поканет да учествува и претседателот на Воениот комитет на Европската Унија.
Во продолжение на состанокот на Воениот комитет на НАТО, ќе се нагласи стратешката улога на партнерствата во справувањето со меѓусебно поврзаните и растечки глобални безбедносни предизвици, преку средби со претставници на индо-пацифичките партнери на НАТО и Грузија.
Генералот Лафчиски во оваа прилика ќе реализира и билатерална средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Унгарија, генерал Габор Беренди, а ќе оствари и средба со припадниците на Армијата распоредени во Националното воено претставништво на Република Северна Македонија во НАТО штабот во Брисел, Кралството Белгија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција, кај кого беа пронајдени 350.000 евра соѕидани во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино.
„Денеска предметниот јавен обвинител од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор“, соопшти Обвинителството.
Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.
Македонија
Се зголемуваат цените на бензините и дизелот
Цените на бензините и на дизелот од ноќеска на полноќ ќе се зголемат за 1,5 и за 2 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 21.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 72,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 74,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 66,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,987 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 денар за литар.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 денари за литар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,854 денари за килограм и сега ќе изнесува 32,987 денари за килограм.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Филипче да одговори дали има кредибилитет да води партија?
Сведоштвата на др. Жан Митрев ја разоткрија вистината за начинот на кој Заев и Филипче ја водеа државата. Притисоци, уцени и злоупотреба на институциите за лични интереси, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во ек на пандемија и вонредна состојба, наместо грижа за здравјето на граѓаните, Филипче и Заев ја користеле политичката моќ за преземање на приватната болница Жан Митрев. Ова не е политика наменета за граѓаните, туку е мафијашки модел на дејствување. Дополнително, според јавно изнесените сведоштва, Заев и Филипче сакале сами да ја одредат вредноста на болницата. За возврат нуделе „помош“ во судска постапка на докторот Жан Митрев. Класична уцена и класична злоупотреба на власта. Овие обвинувања не доаѓаат изолирано. Тие се надоврзуваат на долгата низа сомнежи и афери поврзани со Заев и Филипче, златни визи, имот и бизниси во Дубаи, фирми во странство и сомнителни финансиски трансакции. Филипче денес се обидува да се претстави како ново лице, но ја седи фотелјата на Заев и ги спроведува истите политики. Истите луѓе, истите шеми, истата злоупотреба“, рече тој.
Според Петрушевски, прашањето е едноставно, а Филипче треба да го одговори – дали човек со ваков багаж на сомнежи и скандали може да има кредибилитет да води партија?
„Наместо повлекување и одговорност, гледаме ароганција и молк. Затоа правдата мора да зборува.Го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да постапи и да ги истражи сите наводи. Законот мора да важи за сите“, рече тој.

