Македонија
Новите екоавтобуси почнаа да возат во Скопје
Новите екоавтобуси на гас, од германската компанија МАН, од денеска почнаа да возат на улиците во Скопје. Од Градот соопштија дека возачите што ги возат новите автобуси на линиите 2, 5, 15 и 57 имале стручна обука од сертифициран возач од Хрватска.

„Новите автобуси се енергетско ефикасни, во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија и ги задоволуваат стандардите за емисија на Евро 6. Овој тип на автобуси е прогласен за екоавтобус за 2016 година во Европа, а во Германија ја поседуваат ознаката ‘син ангел’ бидејќи емитуваат значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадуваат воздухот“, соопштија од Град Скопје.
Еден зглобен автобус чини 334.500 евра, а единечен 268.900 евра.
Во моментот на улиците на Скопје возат 25 нови екоавтобуси на гас, од кои 20 се единечни и пет зглобни, а во текот на месецот ќе пристигнат и преостанатите осум автобуси што се дел од договорот што го потпиша Градот за набавка на 33 нови екоавтобуси.

Од Градот Скопје велат дека еден екоавтобус заштедува до 25.000 евра гориво на годишно ниво, односно во споредба со потрошувачката на старите дизел-автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП, а истовремено го намалува и загадувањето на животната средина преку издувни гасови.

Од Градот велат дека двокатните кинески автобуси, кои биле набавени пред осум години, чинеле премногу, а се со лош квалитет и секојдневно се расипуваат, а ЈСП има проблем поради непостоење овластен застапник, а со тоа и сервисна и техничка поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата

