Македонија
Општина Аеродром доделува 3.500 денари за првачињата

Општина Аеродром и оваа година ќе доделува еднократна парична помош за семејствата чие дете е прваче во едно од основните училишта на територијата на општината во висина од 3.500 денари. Рокот за пријавување е од денеска, 2 јули до 30 септември 2025 година.
Потребно е до архивата на Општината да се поднесат потврда за запишан ученик во прво одделение во учебната 2025/2026 година заверена од основно училиште од територијата на Општина Аеродром или основно училиште со ресурсен центар, фотокопија од извод од матичната книга на родените за првачето, како и на увид лична карта или патна исправа на барателот.
Образецот и изјавата за согласност за обработка на лични податоци што треба да се пополнат можат да се најдат на следниот линк:
http://aerodrom.gov.mk/dokumenti/formulari
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тoшковски: Вложуваме во луѓето, нивната подготвеност и едукација

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес во Центарот за обука во Идризово, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски присуствуваа на предавање на донација од спортски душеци – татами и кимона наменети за опремување на џудо салата наменета за обука на полициските кадети и полициските службеници.
Министерот Тошковски подвлече дека оваа соработка произлегува од неодамна потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу министерствата за внатрешни работи и министерството за спорт и Меморандумот за разбирање помеѓу Националната џудо федерација и Европската џудо федерација кој беше потпишан на Европското првенство во џудо за кадети кое се одржа во Скопје претходната недела.
„Вложуваме во луѓето, во нивната подготвеност и едукација. Градиме силна и подготвена полиција која ќе одговори на безбедносните предизвици на денешнината и успешно ќе се бори со криминалот. За тоа е потребно и постојана физичка подготвеност која ја обезбедуваме преку унапредување на сите спортски капацитети тука во Центарот за обука така и другите капацитети на МВР. Денес со помош на министерството за спорт и Европската џудо федерација ја опремуваме џудо салата каде кадетите и полициските службеници ќе ја одржуваат својата физичка кондиција и ќе унапредуваат своите вештини потребни за успешно извршување на работата.“, истакна министерот Тошковски.
Тошковски образложи дека преку оваа соработка планирани се програми за физичка обука базирани на џудо за полициски службеници во насока на подобрување на самоодбраната и целокупната физичка подготвеност и соработка во многу други активности кои го промовираат спортот, дисциплината и здравото живеење.
Македонија
Исени: Успешно решени сите случи на безджавјанство

Заменикот министер за внатрешни работи Астрит Исени присуствуваше на настан во организација на заменик претседателот на Владата, Арбен Фетаи во соработка со УНХЦР и Мисијата на ОБСЕ во Скопје на кој се одбележа успешното решавање на познатите случаи на бездржавјанство кои произлегоа од распадот на СФР Југославија.
Заменикот министер Исени во своето обраќање истакна дека државјанството е едно од основните човекови права и е правна основа за голем број други граѓански права и слободи, ја означува правната врска помеѓу лицето и државата, без оглед на начинот на стекнување и не го означува етничкото потекло на државјанинот и дека МВР со проактивен пристап посветено учествувало во решавањето на тој проблем.
„Согласно член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Северна Македонија со кој на олеснителен начин се овозможи на државјанин на друга република на поранешната СФРЈ и државјанин на поранешна СФРЈ кои до 8 септември 1991 година, односно до времето на прогласување на независноста на Република Македонија живееле на територијата на Република Македонија да се стекнат со државјанство. Членот 7 се применуваше од 30.07.2021 година до 08.09.2024 година и државјанство добиле 1148 лица државјани на поранешна СФРЈ од нив 300 лица биле со статус без државјанство. Во 2023 година донесен е Законот за изменување и дополнување на Законот за лична карта и Законот за изменување и дополнување на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните со цел на ова категорија на граѓани кои ќе се стекнат со државјански статус да може на полесен начин да добијат личен документ.“, истана Исени.
Исени образложи дека МВР за сите 300 лица кои навремено имале покренато постапка за стекнување со државјанство на Република Северна Македонија а кои биле со статус на лица без државјанство и живееле на територија на Република Северна Македонија донесе позитивни решенија за стекнување со државјанство и истите се државјани на Република Северна Македонија. Со регулирање на државјанскиот статус истите ги уживаат сите права и обврски согласно позитивните законски прописи во Република Северна Македонија.
Заменик министерот Исени на крај подвлече дека Министерството за внатрешни работи останува силен поддржувач на меѓународната заедница, посветен и одговорен партнер во глобалниот дијалог и силен и како таков-општо признаен генератор и столб на мир, стабилност и безбедност во балканскиот и европскиот регион, и пошироко.
Македонија
„Не постои значителна штета“ – Обвинителството се откажа од обвинението за Максим Димитриевски

Кумановото обвинителство го повлече обвинението поднесено до Основниот суд Куманово, со кое беше опфатен градоначалникот, Максим Димитриевски.
Од Обвинителството велат дека одлуката ја донеле откако по изведувањето на сите докази, вклучително и исказите на вештите лица, било утврдено дека не постои значителна штета, што е клучен елемент за постоење на кривичното дело.
Првичното обвинение се темелело на материјално-финансиско вештачење кое укажувало на значителна имотна штета во висина од 3.307.869 денари нанесена на две оштетени фирми. Меѓутоа, по изведување на сите докази и исказите на вештите лица, било утврдено дека штетата наведена во обвинението не постои поради издаденото Одобрение за градење, објаснува Обвинителството.
Откако обвинителот на 30 јуни годинава се откажал од обвинението, Основниот суд Куманово на 1 јули донел пресуда со која обвинението се одбива.
Кумановското Основно јавно обвинителство во март минатата година поднесе обвинение против актуелниот градоначалник, Максим Димитриевски, за злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинението се засноваше на две кривични пријави поднесени од две локални фирми кои го пријавиле Димитриевски дека не им издал градежна дозвола, односно да платат комуналии за изградба на зграда според важечки детален урбанистички план. Со тоа, како што тврдеа тие, кумановскиот градоначалник им нанел штета од околу 55.000 евра.