Македонија
Општина Гази Баба доделува субвенции за сончеви термални колектори

Општина Гази Баба објави Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општина Гази Баба за набавка и вградување на сончеви термални колектори.
Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на општина Гази Баба кои имаат купено и вградено сончеви термални колекторски системи во својот дом во периодот од денот на објавување на јавниот повик се до 30 ноември 2025 година односно до исцрпување на финансиски средства наменети за оваа намена од Буџетот на Општина Гази Баба за 2025 година.
Општина Гази Баба ќе им надомести дел од трошоците во висина од 50%, но не повеќе од 15.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство за 2025 година.
Барателот треба да ги исполни следните услови:
• да е жител на Општина Гази Баба,
• да нема искористено субвенции за купување на сончеви термални колекторски системи во својот дом од било кој друг извор на Република Македонија,
• набавениот уред да биде купен во 2025 година, во период од денот на објавување на јавниот повик и истиот да биде инсталиран на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот,
• да има платено данок на имот за станбениот објект во кој ќе биде инсталиран сончевиот термален колекторски систем заклучно со 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Директорот на Царина од Анкара: Зајакнување на оперативната соработка и заедничко профилирање на ризици со Царината на Турција

Зајакнување на царинската соработка помеѓу Македонија и Турција за што ќе се потпишат и меморандуми за соработка, воспоставување директни комуникациски канали помеѓу Секторите за контрола и истраги, размена на информации во реално време и креирање заеднички профили на ризик за специфични стоки. Ова е договорено на вчерашната средба во Анкара со министерот за трговија на Турција Омер Болат и директорите на Директоратите за Царина и Царинска контрола и истраги, на која директорот на Царинска управа Бобан Николовски како дел од делегацијата на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска имаше свое обраќање.
„Оперативната соработка и ефективната меѓународна координација и размената на информации во реално време преку воспоставување директни комуникациски канали, како и креирање заеднички профили на ризик, е суштински во борбата со транснационалниот криминал, како и во спречување на обидите за царински измами. Ваквиот пристап овозможува навремено откривање и спречување на нелегалните активности и зајакнување на безбедноста на границите. Договоривме потпишување на меморандуми за соработка, каде ќе се дефинира институционалната рамка за заедничко делување. Ваквите чекори се многу значајни бидејќи истите испраќаат позитивен сигнал до странските инвеститори и деловната заедница“, вели директорот Бобан Николовски.
Николовски воедно истакнува дека е постигната согласност за организирање на заеднички обуки фокусирани на ракување со разузнавачки информации, подобрување на аналитичките капацитети, како и размена на најдобри практики и искуства во областа на видео надзорните системи и ИКТ решенијата. Дополнително, договорено е одржување редовни експертски состаноци, со цел унапредување на капацитетите за откривање на царински измами и ефективно спречување на корупција.
Македонија
Викендов нуркачи ќе го чистат дното на Охридското Езеро

Во организација на Нуркачкиот центар Амфора од Охрид оваа сабота ќе се изведе подводна еколошка акција за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад.
Во акцијата ќе бидат вклучени околу 100 нуркачи на Амфора и нуркачи од домашните и балканските нуркачки клубови.
Акцијата ќе започне на Градското пристаниште – Охрид во 11:00 часот.
„Оваа година нуркаме речиси на целото езеро. Членови на Нуркачкиот центар АМФОРА, нуркачи од македонските и балканските нуркачки клубови по четврт пат ја започнуваaт големата акција за отстранување на цврст отпад од дното на Охридското Езеро. Датум: 10.05.2025. Локации: Градско пристаниште, Љубаништа, Залив на коските, Камп Градиште, Калишта. Акција: Отстранување на пластика, метал и друг отпад од езерското дно“, пишува на профилот на „Фејсбук“ на Амфора.
Како што велат од таму, целта на акцијата е заштита на биодиверзитетот, подигнување на свеста и зачувување на природната убавина на eзерото.
Македонија
Општина Гази Баба доделува 2500 денари за пензионери со ниски пензии

Општина Гази Баба објави јавен повик за доделување на финансиска поддршка на пензионери со ниски пензии од општина Гази Баба.
Потребните услови кои треба да ги исполнуваат пензионерите се следни: Да биде жител на општина Гази Баба; Да биде примател на старосна, семејна, инвалидска пензија или социјална пензија (корисници на правото на социјална сигурност); Износот на пензијата која ја прима да не биде повеќе од 23.000 денари.
Потребна документација за аплицирање на јавниот повик е:
Барање за доделување на финансиска поддршка на пензионери во социјален ризик;
Фотокопија од лична карта;
Фотокопија од трансакциска сметка;
Чек од банка за примена последна пензија;
За корисници на социјална панзија – Потврда/Решение од надлежниот Центар за социјални работи (ЦСР Гази Баба).
Јавниот повик ќе се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен“ и ќе трае од 06.05.2025 до 20.05.2025 година, односно додека не се потрошат предвидените средства.
За оваа намена, општина Гази Баба има определено 7.695.000,00 денари.
Градоначалникот Стефковски во објава на социјалните мрежи ги повика сите пензионери кои ги исполнуваат условите да аплицираат и да ја искористат можноста за добивање на финансиска поддршка.