Македонија
Османи-Блинкен: Како стратешки партнери и НАТО сојузници остануваме обединети во поддршката за Украина
Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, денеска оствари средба со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кој е во прва посета на Северна Македонија.
Во фокусот на разговорите беа актуелните меѓународни случувања, со посебен фокус на состојбите во Украина, при што соговорниците упатија силна осуда за руската воена агресија и цврста поддршка за украинскиот народ.
“Како стратешки партнери и НАТО сојузници стоиме обединети во поддршката за Украина и одбраната на современите демократски вредности и принципи. Силно ја осудуваме руската воена агресија што претставува напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и сериозна закана за светскиот мир и стабилност”, порача Османи.
Соговорниците се осврнаа и на нашето претседавање со ОБСЕ, при што беа истакнати заложбите на Северна Македонија за надминување на предизвиците со кои се соочува организацијата, како и целокупната поддршка од САД во тој процес. Заеднички ја поздравија одлуката што го отвара патот Малта да биде иден претседавач со ОБСЕ во 2024 г., со што се надмина кризата со која се соочуваше организацијата и претставува значаен успех за нашето претседавање и иднината на ОБСЕ.
Средбата на министерот Османи со државниот секретар Блинкен е од историски карактер бидејќи станува збор за прва посета на Државен секретар на САД на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија. Посетата е уште една потврда за новиот однос меѓу двете дипломатии што започна минатата година кога Османи и Блинкен заеднички го лансираа Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, во Вашингтон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
В сабота протест во Неготино за правда на Фросина: „Стоп за сообраќајното насилство“
Протестен марш под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“ ќе се одржи в сабота во Неготино, објавија организаторите на настанот на социјалните мрежи. Маршот ќе започне во 14 часот на улица „Маршал Тито“.
Како што се објавува на социјалните мрежи, другарките на Фросина Кулакова која беше прегазена на 29 јануари, организираат бесплатен превоз до Неготино и назад за оние кои се од другите градови, а сакаат за бидат дел од протстот.
Според најавата која се шири на социјалните медиуми од Скопје автобусите ќе поаѓаат во сабота во 11 часот пред хотелот „Холидеј Ин“, а се повикуваат учество да земат и студентите.
Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло.
Македонија
„Тој се’ уште не е правосилно осуден, и да добил затвор ништо немало да се промени“, вели професорот Калајџиев
Професорот по кривично право, Гордан Калајџиев на социјалните мрежи ја коментираше тезата дека сообраќајната несреќа во која смртно беше прегазена Фросина Кулакова, немала да се случи ако возачот добил затворска казна.
„Тезата дека сообраќајката немала да се случи ако возачот добил затворска казна е неточна и лаичка! Тој се’ уште не е правосилно осуден и се чека одлука од Апелација. Тоа значи дека и да добил затвор ништо немало да се промени“, напиша тој.
Македонија
Утрото ведро и студено, преку ден сончево со мала до умерена облачност
Утрото ќе биде ведро и студено, а преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -7 до 0, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје утрото ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време со ниски утрински температури. Во петок во претпладневните часови по одделни котлини ќе има појава на магла, а во текот на денот ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд во јужните делови.