Македонија
„Отворен Балкан“ создава можности за заедничка промоција на туристичките атракции на регионот

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, на денешната пленарна сесија „Отворен Балкан отвора туризам“, во рамките на самитот на „Отворен Балкан“ говореше за придобивките од регионалната соработка во туризмот во заедничкиот развој и за иднината на регионот.
„Поврзувањето на нашите економии, создавањето заеднички регионален пазар од над 10 милиони жители, е една од причините за создавање на иницијативата ‘Отворен Балкан’, која го поттикнува економскиот раст, овозможува слободно движење на луѓето меѓу државите, истовремено поддржувајќи го и унапредувајќи го туризмот“, рече вицепремиерот Битиќи.
Тој истакна дека изминативе неколку години за компаниите од Северна Македонија, Албанија и од Србија се отстранети административните бариери за извезување на производите, за вадење работни дозволи и регистрирање подолг престој и дека сега е време да се направи напредок и во соработката во туризмот.
„Да ја отвориме соработката за споделување на искуствата, за можностите, за напредокот и развој на туризмот на Западен Балкан со својата единственост како додадена вредност за развој и иднина на нашиот регион“, посочи вицепремиерот Битиќи на денешната пленарната сесија „Отворен Балкан отвора туризам“ во рамките на самитот на „Отворен Балкан“.
Во текот на сесијата централни обраќања имаа министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, Мирела Кумбаро-Фурчи, министерката за туризам и животна средина на Албанија и министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ.
Министерот Бектеши истакна дека туризмот, иако е еден од најбрзорастечките економски сектори во нашата држава, располага со големи можности за привлекување странски и домашни инвестиции и можност за отворање нови работни места.
„Иницијативата ‘Отворен Балкан’ покажа во овие тешки моменти на економијата дека како никогаш досега Република Северна Македонија, Албанија и Србија ги надминаа сите очекувања во делот на соработката и меѓусебната помош и поддршка“, рече Бектеши.
Тој истакна дека конкретните договори и надминувања на бирократските пречки ги отвораат границите и одликите на секој град ги прави достапни за граѓаните.
Тој додаде дека и потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу трите земји е во насока на зајакнување на економската соработка во делот на туризмот, при што компаниите и граѓаните на земјите од регионот ќе добијат олеснети услови за движење, работа и трговија по примерот на европските земји.
Изразувајќи верба дека иницијативата ќе се проширува, зацврстува и ќе придонесе кон поголема промоција на убавините на Балканот како туристичка дестинација, како и економска стабилност и поразвиен Балкан, министерот Бектеши посочи дека со потпишувањето на меморандумот за соработка во областа на туризмот во Западен Балкан ќе се зголемат искористеноста и промоцијата на туристичкиот потенцијал на земјите учеснички.
Мирела Кумбаро-Фурчи, министерката за туризам и животна средина на Албанија, осврнувајќи се на важноста на туризмот како еден од најдобрите катализатори за комуникација и интеракција меѓу луѓето и земјите, истакна дека овој сектор не познава географски или историски граници и ерата во која живееме припаѓа на оваа голема индустрија.
Таа истакна дека земјите лидери на „Отворен Балкан“ преку меморандумот за разбирање во областа на туризмот се фокусираат на зголемување и подобрување на комуникацијата и преземање конкретни активности за искористување на регионалниот туризам.
Таа тука посочи дека со подобрувањето на воздушната и копнената инфраструктура, поврзувајќи ја Тирана со Скопје, Приштина, Подгорица, Белград, Сараево и обратно, регионалните дестинации стануваат лесно достапни како викенд-дестинации.
Според албанската министерка за туризам и животна средина, овој документ го отвора патот за претставување на земјите во заеднички платформи за промоција, еднакво важно за институциите и приватниот сектор.
Министерката Матиќ истакна дека земјите од регионот се залагаат за носење решенија, кои носат брз развој и напредок, отворајќи и можност за поефикасен пат до Европската Унија.
Таа истакна дека токму туризмот е првата практична скала за зацврстување на соработката како посебно перспективна стопанска гранка во која се отвораат работните можности.
Српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации рече дека со денеска потпишаниот меморандум за разбирање и соработка во областа на туризмот се отвора ново поглавје во туристичката историја на регионот и се очекуваат позитивни резултати, кои ќе ѝ донесат огромен развој на оваа гранка.
Во рамките на оваа пленарна сесија со свои дискусии и видувања учествуваа и претставниците на стопанските комори на трите држави, Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Ненад Ѓурѓевиќ, советник на претседателот на Стопанската комора на Србија, и Инес Мукостепа, претседател на Унијата на трговско-индустриските комори на Албанија, кои разговараа за интензивирање на соработката преку утврдување заедничка понуда кон светските пазари, што ќе го промовира „Отворен Балкан“ како атрактивна дестинација.
Во фокусот на нивните обраќања беа пораките дека со здружени регионални понуди во земјите од оваа иницијатива може да се донесат туристи, кои инаку не би дошле во одделните земји од регионот.
Во дискусијата на претставниците од стопанските комори беше заклучено дека реалниот потенцијал на регионот, археолошките и природни богатства, винскиот туризам, угостителството отвораат можности да се оствари потенцијалот за остварување на „Отворен Балкан“.
Беше поздравено денешното потпишување на меморандумот за соработка во областа на туризмот во Западен Балкан, со што, како што беше потенцирано, ќе се даде дополнителна институционална поддршка и можности за поврзување и зголемување на туристичката понуда на земјите од регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Активни се три пожари на отворено во Македонија

Утрово се активни три пожари на отворено во Македонија, информира Центарот за управување со кризи.
До 06:30 часот на територијата на Република Северна Македонија имаше вкупно 28 пожари на отворен простор, од кои три се сѐ уште активни, еден пожар е под контрола, а 24 се изгаснати.
АКТИВНИ: 3
1. Општина Василево, Радовиш и Берово
• с. Нивичино, планина Голем Готен и Малешевските Планини
• Нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација
2. Општина Прилеп
• с. Бешиште, м.в. Бешишки Рид (под контрола)
• Друг крак кон с. Градешница (опш. Новаци) и трет крак кон граница со Р. Грција
• Не се интервенира поради детонации (мешана шума)
3. Општина Кавадарци
• помеѓу селата Галиште и Ќесендре
• Мешана шума и нискостеблеста вегетација
ПОД КОНТРОЛА: 1
1. Општина Карбинци
• с. Јунузлија (шума)
Македонија
Без струја делови од Сопиште, Аеродром и Студеничани

Без струја денеска ќе останат делови од општините Сопиште, Аеродром и Студеничани.
ЕВН Македонија АД известува дека на ден 31.07.2025 година ( четврток ) без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 07:00 до 16:00 часот, од последна автобуска станица 24ка до маркет„ДАВИДОВ“ . (општина Сопиште)
– во периодот од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од ул.Ѓорѓи Капчев. (општина Аеродром)
– во периодот од 09:30 до 12:00 часот, дел од корисниците на селото Морани СЕЛОТО МОРАНИ (општина Студеничани)
– во периодот од 13:00 до 15:00 часот, корисниците од викендици Дражилово, ХПП Патишка Река, Крас Јаболце.(општина Сопиште)
Македонија
Во прекин сообраќајот на патот Струмица – Берово

Од вчеравечер 22:10 часот сообраќајот на регионалниот пат Струмица-Берово, поточно кај „Сарајска раскрсница“, е во целосен прекин поради случена сообраќајна незгода, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, но на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.