Македонија
Oбвинувања за канабисот: ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за лиценците, СДСМ прашува кој дозволил 5 тони дрога да ја поминат границата
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ и утрово разменија обвинувања поврзани со лиценците за производство на канабис и со запленетата марихуана.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека фирмата „ЦБД Медплант“ од Ново Село, од која, како што наведуваат, биле запленети околу 30 тони марихуана, добила лиценца во 2020 година, во период кога на власт биле Зоран Заев и Венко Филипче. Партијата наведува дека фирмата е директно поврзана со луѓе блиски до СДС и Заев и повикува Јавното обвинителство да ја испита поврзаноста на поранешни функционери со бизнисот со канабис.
„Постојат фотографии кои го прикажуваат Филипче во друштво со сопственикот, Тони Котев. Од вкупно околу 40 тони запленета марихуана, дури околу 30 тони се поврзуваат со оваа фирма или 70 отсто“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата нагласува и дека измените на Правилникот за одгледување на канабис во 2023 година, отвораат прашања за законитоста на процесот. Од партијата бараат институционална одговорност.
Од друга страна, СДСМ обвинува дека власта се обидува да дефокусира и да го заташка случајот со 5 тони дрога што ја поминале македонската граница и завршиле во Србија. Според СДСМ, јавноста 16 дена чека одговор како дрогата ја поминала границата и кој ќе понесе одговорност.
„Премиерот Мицкоски лицитира со 25, 40, па и 100 тони запленета марихуана, наводно нелегално произведена. Ако навистина станува збор за нелегално производство од такви размери, тоа отвора уште посериозно прашање за одговорноста која мора да се прошири на повеќе институции токму во власта“, велат од СДСМ.
Партијата прашува како се произвела марихуана на површина од речиси 40 фудбалски стадиони, наводно нелегално, а институциите не знаеле, не провериле, не контролирале.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Програми за доживотно учење на Факултетот за музичка уметност – Скопје
Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги објави програмите за доживотно учење – единствена можност за сите заинтересирани лица над 20 години кои сакаат да го прошират своето музичко образование и да се надградат професионално.
Наставата се реализира со врвен универзитетски кадар и нуди висок квалитет во различни области: свирење на инструменти, соло пеење, популарни жанрови, диригирање и композиција. Секој учесник добива индивидуален пристап и работи во одлични услови кои овозможуваат целосно развивање на талентот и личен напредок.
На крајот од секој семестар, учесниците добиваат сертификат издаден од Факултетот за музичка уметност – Скопје, што претставува официјално признание за стекнатите знаења и вештини.
Повеќе информации за програмите на следниот линк: https://www.fmu.ukim.edu.mk/about/lifelong-learning
Уписот е во тек и трае до 25.2.2026 год. За дополнителни информации во врска со уписот, обратете се на тел.бр.02-3134345 или на е-пошта: [email protected].
фото/Depositphotos
Македонија
Изминатата седмица санкционирани 𝟣𝟣𝟩 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на општина Центар известува дека во периодот од 09.02 до 15.02.2026 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ биле отстранети 117 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
ВЛЕН: Ако СПАК-от на ДУИ не е само за спектакл, нека побара екстрадиција на Артан Груби од Албанија
ДУИ во Чаир помпезно го најавува формирањето на локален СПАК (Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција), како да ја открила Америка. Но, прашањето што веднаш се поставува е: дали овој СПАК ќе го истражи и сопственото раководство или е само уште еден театар за измама на граѓаните, прашуваат од ВЛЕН.
„Корупцијата има познати лица: Фатон Ахмети, поради сомневања за злоупотреба на средства во ФЗО, Арбер Адеми, како министер за образование со отворени случаи за злоупотреба, Бујар Османи, за случајот „Пациент“ и многу други кои денес седат во раководството на ДУИ како недопирливи. ВЛЕН го поздравува овој СПАК на ДУИ и сугерира дека, ако е навистина за акција, а не за спектакл, треба да ги започне истрагите токму со овие имиња. Првото нешто што треба да го направи е да воспостави комуникација со СПАК на Албанија и да побара екстрадиција на Артан Груби, симбол на ароганција и злоупотреба на моќ“, пишува во соопштението.
Ако овој СПАК е сериозен, велат од ВЛЕН, нека се обиде да ги истражи сопствените недопирливи.
„Само тогаш граѓаните ќе веруваат дека транспарентноста не е фасада, туку реалност. Дотогаш, ова останува потсмев, „СПАК за Фејсбук“, а не за правда“, велат од ВЛЕН.

