Македонија
Уапсени директори и заменик министер за земјоделство: излажале дека недостасуваат пченица и јачмен вредни 780.000 евра
Полицијата денеска уапси пет лица осомничени за злоупотреба на стоковите резерви, излажале дека недостасуваат пченица и јачмен вредни 780.000 евра.
Полициски службеници од Единицата за финансиски криминал ги уапсија Н.Р.(51) од Куманово, поранешен директор на Јавно претпријатие за берзанско работење „Агро Берза“ Скопје, Р.А.(61) од Тетово, поранешен директор на Агенцијата за стоковни резерви Скопје, Т.К.(55) од Скопје, поранешен раководител во Агенција за стоковни резерви Скопје, Т.Д.(58) од Куманово, поранешен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и државен советник во периодот 2021-2022 година и М.П.(68) од Скопје, вешто лице.
До Јавното обвинителство Скопје поднесена е кривична пријава поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Исто така ивршени се претреси на пет локации во Скопје, Куманово и Тетово.
Имено, лицата делото го сториле така што Н.Р., Р.А., Т.К. и Т.Д. во својство на овластени лица ја злоупотребиле својата службена должност со неизвршување на својата службена положба на начин што иако биле должни да ја известат Владата на РСМ за фактичката состојба во Јавно претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ Скопје, односно дека е настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен (период од 2019-2021 година), истите доставиле неточни податоци и информации. Со ова дејствие лицата постапиле спротивно на Законот за стоковните резерви (чл.7 ст.2, чл.9-а, чл.12, чл.13, чл.19, чл.21 и чл.22) и изготвиле записник од 2022 година во кој дале заклучок за прифаќање отпис на кусок во количина од 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна од складиштето „Агро берза“ Скопје, кој бил доставен со информација до Влада на РСМ заради усвојување на Заклучокот од Владата, знаејќи дека кусокот се однесувал за период од 2007 – 2021 година. Истите знаеле дека нема законска основа да се земе предвид тој период од причина што во 2019 година била извршена целосна обнова на складираната меркантилна пченица и јачмен и во извршените контроли од Агенцијата до 2019 година, секоја година бил вршен надзор и не бил констатиран кусок, а секоја година им било доставувано решение за кало.
Додека, пријавениот М.П. како надворешен соработник, вешто лице ангажирано преку Бирото за процена постапил спротивно на одредбите од Законот за процена (чл.3 и 4) и спротивно на чл.3 од договорот за услуга склучен помеѓу пријавениот и Бирото за судски вештачења, при што изготвил вешт наод во кој внел невистините податоци, не земајќи ги во предвид сите податоци и целокупната документација од Агенција за стоковни резерви Скопје и ЈП „Агро берза“. Вештиот наод бил приложен кон информацијата до Влада и истата била прифатена од страна на Владата, при што Агенцијата за стоковни резерви Скопје била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, во вкупна вредност од 29.112.000 денари или 473.365 евра (во моментот на отписот по цените кои се набавувала пченицата и јачменот во 2022 година, вредноста на истата изнесувала 48.000.000 денари или 780.487 евра), која вредност преставува штета на Буџетот на РСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Зомер: Македонија и Швајцарија одржуваат одлични билатерални односи
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денес оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација во земјава, Кристоф Зомер. Претседателот Гаши му упати искрени честитки за стапувањето на должноста, посакувајќи му успешен и плодотворен мандат, како и продолжување на пријателската и конструктивна соработка меѓу двете држави.
Во разговорот беше нагласено дека Република Северна Македонија и Швајцарија одржуваат одлични билатерални односи, засновани на доверба, почит и континуирана партнерска соработка. Посебно беше истакната поддршката што Швајцарија ја обезбедува во процесот на европската интеграција на нашата држава, како и значењето за натамошниот развој на парламентарната соработка меѓу двете законодавни тела.
Претседателот Гаши изрази благодарност за поддршката во рамки на Програмата за поддршка на Собранието, со посебен акцент на развојот и зајакнувањето на институционалните капаците на Собранието, меѓу другото и на Парламентарниот институт, проект кој претставува трајно наследство и пример за успешно партнерство.
Амбасадорот Зомер се заблагодари за топлото гостопримство и ја пофали досегашната соработка меѓу двете земји, особено на парламентарно ниво. Тој истакна дека започнува мандат во период одбележан со значајни постигнувања во билатералните односи и изрази очекување дека со заеднички напори ќе продолжи унапредувањето на соработката во сите области, вклучително и дополнително поттикнување на економската соработка.
Двете страни изразија подготвеност за продолжување на заедничките проекти, продлабочување на институционалната соработка и јакнење на партнерството меѓу двете држави.
Македонија
Алиу на 11. турски медицински конгрес: Дигитализацијата не е избор, тоа е вратата низ која секој здравствен систем мора да помине
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска, се обрати на 11. турски медицински конгрес, кој се одржува во Анкара на покана на Министерството за здравство на Република Турција.
Во своето обраќање истакна дека нашата земја се соочува со истите предизвици, како и другите здравствени системи, а тоа е ограничен број специјалисти во клучни области, застарена инфраструктура, дигитални системи што функционираат, но не секогаш меѓусебно поврзано, здравствен кадар под огромен товар, а пред се, граѓани кои заслужуваат побрз пристап до здравствена заштита.
– Дигитализацијата е почетната точка на реформата. Дигитализацијата не е избор, тоа е вратата низ која секој здравствен систем мора да помине. Таа не подразбира заменување на лекарите со компјутер, туку ослободување на лекарите од задачи кои никогаш и не им припаѓале. Воедно, дигиталните алатки му овозможуваат на еден систем со ограничени ресурси да прави скокови за кои порано беа потребни децении, потенцираше министерот Алиу.
Воедно, министерот истакна дека напредните здравствени системи веќе се фокусирани на новини како што се „дигитални двојници“ кои ги симулираат исходите кај пациентите, тријажа поддржана од вештачка интелигенција која открива ризик пред да се појават симптомите, роботска хирургија на далечина и геномска медицина прилагодена на секој поединец.
– Овие иновации можеби сè уште не се наша реалност, но тие се сигнали каде се движи светот и показател на што мора да се подготви секоја држава. Верувам во иднина во која здравството не е реактивно, туку предиктивно, не е бавно, туку интелигентно. Во таа насока се подготвува мојата земја. Тоа е иднината што можеме да ја изградиме заедно почнувајќи од сега, заклучи министерот Алиу.
Македонија
Владата го усвои ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност
На денешната владина седница беше усвоен ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), во делот кој се однесува на роковите и институциите одговорни за спроведување на активностите.
„Работната група, составена од претставници на различни институции, која беше одговорна и за ревидија на Акциониот план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), од септември интензивно работеше на ажурирање на актуелниот план, со цел институциите да обезбедат уште по транспарентен пристап кон граѓаните“, соопштија од кабинетот на заменик-претседателот задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи.
„Транспарентноста е и останува приоритет на оваа Влада. Со оваа одлука обезбедуваме Стратегијата за транспарентност да се спроведува со забрзан ритам и со целосна одговорност“, рече тој.
Во финална фаза е и формирањето на новата Работна група за изработка на Стратегијата за транспарентност 2027-2029.

