Македонија
Помал е бројот на новороденчиња и склучени бракови ова тромесечје во споредба со лани

Во третото тримесечје од 2023 година, бројот на живородените е 4.453 деца и во споредба со истиот период од претходната година е помал за 9,8 отсто.
Според информациите на Државниот завод за статистика, бројот на умрените лица во третото тримесечје од 2023 година бележи намалување од 6,8 отсто во споредба со истото тримесечје од 2022 година, односно починале 4.747 лицa, а од нив осум се умрени доенчиња.
Во третото тримесечје од 2023 година се склучени 4.116 бракови, што претставува намалување од 11.4 отсто во споредба со истиот период од 2022 година.
Во ова тримесечје се разведени 301 брак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Повеќе од 250 волонтери го исчистија скопскиот аквадукт, почна најголемата еко акција „Генералка викенд“

Денеска, на Скопскиот Аквадукт стартуваше најголемата тридневна (9, 10 и 11 мај) годишна национална акција за собирање отпад – „Генералка викенд“ (волонтерска кампања од граѓани за граѓани), организирана од Мен Енд Маунтен заедно со нивниот главен стратешки партнер Пивара Скопје и официјалните партнери Пакомак, Нула Отпад, Шпаркасе банка, ЕВН Македонија, Бучим Боров Дол, Макстил, Саубермахер и Костал. „Генералка викенд“ се спроведува во сите општини низ целата земја со илјадници волонтери на повеќе од 500 локации.
Акцијата е поддржана и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерство за животна средина, како и од многу познати јавни личности. Над 20.000 волонтери ја чистат нашата татковина на повеќе од 500 локации во сите општини низ земјава, вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети и волонтери и националните паркови.
Со поддршка за еко акцијата со видео порака се огласи и претседателката, Гордана Силјановска Давкова, која апелира до граѓаните да се вклучат:
„Постојано зборуваме за зелени политики, а живееме во сиво црна реалност на убиствен воздух, загадени езера и реки, опустошени шуми и контаминирана почва. Не сакаме да се соочиме со тешката еколошка криза. Природата не може да биде жртва на профитната агресија. Доколку сакаме здрава иднина треба сите на 9, 10 и 11 мај да се обединиме во најголемата еколошка акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, како доказ за национална одговорност и еколошка будност.“, вели Силјановска Давкова.
На отворањето на еко-акцијата – Генералка Викенд, на Скопскиот Аквадукт, каде собираа отпад над 200 волонтери, присуствуваа и: претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, министерката за образование и наука Весна Јаневска, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, Директорката на секторот за корпоративни политики и одржливост на Пивара Скопје, Снежана Савиќ Димовска, австрискиот амбасадор, Мартин Памер, Секретарот на Црвен Крст, Сузана Тунева Пауновска, Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, претставници од Управа за заштита на културно наследство, претставници од институции, претставници на амбасадите присутни во нашата земји, волонтери и повеќе јавни личности.
Македонија
Висока владина делегација ги одбележаа Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

Делегација на Владата предводена од министерот за одбрана Владо Мисајловски, придружуван од министрите за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и за правда, Игор Филков, денеска положи венец со свежо цвеќе на спомен обележјето на Партизанските гробишта во Бутел во Скопје, по повод одбележувањето на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
На спомен обележјето венци со свежо цвеќе положија и делегации на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна, од Собранието на Република Северна Македонија, од Кабинетот на Претседателката и врховен командант на Армијата, од Армијата, како и делегации од амбасадите на Австрија, Франција и Германија, Италија, Црна Гора, Шпанија, Украина и други организации и здруженија.
Во рамки на денешното одбележување министерот Мисајловски се обрати пред присутните при што ја истакна пожртвуваноста на борците за слободна и независна Македонија. „Тоа се херои кои следејќи ги идеалите на нашите илинденци за слободна Македонија, за достоинство и иднина без тиранија, го положија својот живот за оваа највозвишена цел. Нивната жртва не е само запишана во историските книги — таа е дел од нашиот идентитет. Ова место за нас е ништо помалку од свето место зашто тука оддаваме почит на оние кои помогнаа да се стави крај на ужасите од Втората светска војна“, рече Мисајловски и додаде дека слободата, правдата, вистината и човековите права не се подарок — тие се и избор и борба.
Министерот Мисајловски по повод денешното одбележување и на Денот на Европа нагласи дека во ова време кога сите земји во Европа прават сè за мирот и безбедноста да биде реалност на целиот континент, Европа мора да биде силна, единствена, како и во самиот зачеток на европската идејата за заедно, храбро да застанеме против сите закани.
Во тој контекст додаде дека македонските граѓани не бараат скратени патишта, протекционизам за членство, туку бараат фер пристап и можност. „Бараме она што е впишано во суштината на Европската Унија да биде единственото мерило за нашата подготвеност да бидеме дел од ова големо семејство. Бараме нашите реформи и нашата непоколеблива верба во европската идеја да бидат препознаени — зашто ние сме Европејци, во нашата посветеност кон правдината, во нашите вредности, во нашиот дух“, потенцира министерот Мисајловски.
На денешниот настан свое обраќање имаше и заменик претседателот на Владата за политички систем Љупчо Димовски кој истакна: „Со големо достоинство, длабока и искрена благодарност им се поклонуваме на македонските борци и партизани кои го положија сопствениот живот за освојување на слободата која македонскиот народ и сите народности од овие простори со векови ја посакувале.
Тие се темелот на нашата држава и нашето достоинство и постоење како народ, свесен за својата големина, затоа што Македонците со својата чест, правдољубивост и слободарство во најцрниот период од своето постоење застанаа на вистинската страна заедно со сојузниците и со сите напредни народи спротивставувајќи се на фашистичкиот окупатор.
9ти Мај е круната на македонската идеја за сопствена држава, денот во кој се остварија сите надежи да бидеме свои на своето, слободни и независни.
Овој победнички ден претставува заокружување на страдањата и жртвите од Илинденската епопеја и сите борби кои во својата историја македонскиот народ ги водел.
Овој ден претставува остварување на нашата идеја за самостојна Македонија. Тоа е идејата која била главниот мотив за сите македонски учесници во воениот виор, идејата која ги крепела низ сите искушенија, предизвици и битки.”
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани во своето обраќање потенцира: „9. Мај не е само уште еден датум во календарот. Тоа е ден кога човештвото одлучи да не се помири со мракот. Ден кога жртвата на милиони луѓе ја осветли патеката кон еден нов почеток. И ние, како држава, бевме дел од таа борба. Нашата земја даде свои животи, свои приказни, свои херои. Затоа денес стоиме токму овде, но не пред обични споменици, туку пред сведоштво на историја што ја обликуваше суштината на она што денес го нарекуваме слобода.
Овде, на ова место на тишина и достоинство, се потсетуваме не само на минатото, туку и на вредностите кои и денес нè обединуваат. 9 Мај е ден на длабока симболика: победата над фашизмот, но и раѓањето на идејата за обединета и мирна Европа.
Како Министер за европски прашања, сакам да порачам: нашата европска иднина не е декларација, таа е одлука. Таа е избор за сојуз што нѐ обединува околу мирот, слободата и правдата. Европа не е само географски, таа е морален простор, создаден токму поради жртвите како што се хероите на кои денес им положуваме цвеќе“.
Македонија
Засилени полициски контроли – вчера казнети 777 возачи и пешаци

Во рамки на вчерашните (08.05.2025) активности на полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР, во врска со засилените сообраќајни контроли за почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата низ државава, беа издадени 777 платни налози.
Најбројни се прекршоците за непрописно паркирање 256, а потоа прекршоците по основ на возење со брзина поголема од дозволената – 175.
Покрај ова, вчера регистрирани се и 69 учесници во сообраќајот кои што не поседувале возачка дозвола, во девет случаи откриени се возачи под дејство на алкохол, шестмина возачи минале на црвено светло, а санкционирани се и 25 пешаци.
Исто така, по основ на неносење сигурносен појас изречени се 44 прекршочни платни налози, санкционирани се 11 возачи на мотоцикл за неносење заштитна кацига, а по основ на користење мобилен телефон при возење изречени се 28 платни налози. Од сообраќај, пак, се исклучени вкупно 22 возила од кои осум биле технички неисправни а 14 биле нерегистрирани.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, велат од МВР.