Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје во недела

СВР Скопје известува дека на 11.05.2025 (недела) со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зоран Димитровски: Не размислуваме ниту поддржуваме идеи за отворање кампови за враќање на одбиени баратели на азил

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, вчера и денес (21-22 октомври 2025) учествува на годишната Конференција за миграции во Виена (Vienna Migration Conference) во организација на Меѓународниот центар за развој на миграциските политики – ИЦМПД.
На десетата Виенска конференција за миграции присуствуваат повеќе од 250 носители на одлуки, владини претставници, експерти од областа на миграцијата, меѓународни организации, академската заедница и цивилното општеството кои прават напори за поврзување на миграциските текови со најсоодветните стратешки политики и решенија.
Во рамките на конференцијата „Западен Балкан: Регионални перспективи за миграцијата и партнерствата“, заменик министерот, Димитровски, учествуваше во разговор еден на еден со генералниот директор на ИЦМПД, Михаел Шпенделегер, посветен на предизвиците и можностите што ги носи променливата миграциска слика во регионот.
За време на разговорот, беше нагласено дека Западен Балкан се наоѓа на уникатна пресвртница во управувањето со миграциите како регион кој истовремено е место на потекло, транзит и сè повеќе на дестинација за мигрантите. Овој динамичен контекст отвора нови предизвици, но и можности за економски развој, особено во услови на зголемена побарувачка за работна сила и недостиг на работници во клучни сектори.
Заменик министерот, Димитровски посочи дека нашата земја активно се прилагодува на новата реалност преку развивање политики за управување со легалната миграција, кои одговараат на демографските и економските потреби на земјата. Притоа, беше истакната и важноста од градење партнерства со земјите на потекло за развој на одржливи модели на работна мобилност, подобрување на системите за враќање и намалување на нерегуларната миграција.
Во разговорот беше подвлечено дека овие процеси се во согласност со европските иницијативи како што се Пактот за миграција и азил како и Акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кои го потенцираат значењето на соработката со земјите на потекло во делот на мобилноста, развојот на вештини и управувањето со враќањето на мигрантите.
Беше нагласено дека Северна Македонија, како и земјите од Западен Балкан, е дел од Европа и нејзините политики, а не простор надвор од нејзините граници. Во таа насока, нашата држава ниту размислува ниту поддржува идеи за отворање кампови за враќање на одбиени баратели на азил.
На маргините на Конференцијата, заменик министерот, Зоран Димитровски, оствари повеќе средби и разговори со истакнати владини претставници и министри кои учествуваат на конференцијата.
Македонија
Mицкоски се сретна со кралот Чарлс: „Беше искрено и содржајно“

Премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи објави дека во рамките на неговиот престој во Лондон остварил средба со Неговото Кралско Величество, Кралот Чарлс III.
„Средбата беше искрена и содржајна. Разговаравме за пријателството помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, за стабилноста, развојот и заштитата на природата, области на кои Кралот со години им посветува големо внимание“, информира Мицкоски.
Како што додаде, оваа средба е признание и почит, но и поттик да се продолжи по патот на заедничките вредности, довербата и партнерството.
Во рамките на Берлинскиот процес што го организира премиерот Кир Стармер, Мицкоски остварува повеќе средби насочени кон економска и инфраструктурна стратешка соработка со Обединетото кралство.
Македонија
Полицијата претресува на повеќе локации во Скопје поради лихварство и перење пари

Под раководство на предметен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), полициски единици на МВР извршуваат претреси на повеќе локации во Скопје.
Според информациите, се работи за лица осомничени за кривични дела лихварство и перење пари.
Од Обвинителството најавуваат дека повеќе детали ќе бидат соопштени по завршувањето на акцијата.