Македонија
Проширувањето на ЕУ клучно за стабилноста на Европа – порака од конференцијата на либералите „Quo vadis Europa 2025?“
Европската иднина на Западен Балкан е неопходност, а не алтернатива, а проширувањето на Европската Унија претставува стратешка инвестиција во стабилна, безбедна и обединета Европа – ова е централната порака што беше испратена од годишната регионална конференција на либералите „Quo vadis Europa 2025?“, која вчера и денес се одржа во Скопје, во организација на Либерално-демократската партија (ЛДП), во соработка со Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ/ALDE) и Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (LIBSEEN).
Настанот обедини високи политички претставници, европратеници, експерти и партнери од регионот и Европската Унија, кои низ дводневна програма отворија суштинска дебата за иднината на Европа и европската перспектива на Западен Балкан, геополитичките предизвици и улогата на либерално-демократските вредности во современиот европски контекст.

Во фокусот на дискусиите беа европските интеграции на земјите од Југоисточна Европа, усогласувањето со европските стандарди, регионалната соработка и потребата од поефикасна, политички посилна и проширена Европска Унија, способна да одговори на современите безбедносни и економски предизвици. Преку панел-дискусии и тематски сесии беа адресирани клучни прашања поврзани со усогласувањето со европските стандарди, регионалната соработка, европската безбедност и потребата од поефикасна, политички посилна и проширена Европска Унија.
Отворајќи ја конференцијата Моника Зајкова, претседателка на Либерално-демократската партија и претседателка на LIBSEEN истакна дека Северна Македонија донесе тешки одлуки во име на европската иднина и дека покажа храброст, компромис и посветеност на европските вредности – често по висока внатрешна цена. Но сепак нејзиниот европски пат останува неизвесен, одложуван не само поради недостаток на реформи, туку и поради структурните слабости во самиот процес на европско одлучување.

„Доколку ЕУ е навистина сериозна во однос на проширувањето, кредибилитетот и својата геополитичка улога, таа мора да биде сериозна и во реформата на начинот на донесување одлуки бидејќи едногласноста пречесто се претвори во алатка за блокада, наместо за постигнување консензус. Таа овозможува билатералните прашања да се европеизираат, а националните вета да ги надвладеат заедничките европски интереси. За земјите кандидати како Северна Македонија, Црна Гора, Косово и други, ова не е техничка дебата – ова е прашање на доверба. Доверба дека нашиот напредок ќе биде оценуван правично и дека ЕУ може да дејствува како политичка унија, а не само како форум за бесконечни одложувања“, рече Зајкова.
Таа посочи дека движењето кон квалификувано мнозинство во клучните области не значи слабеење на државите членки туку значи зајакнување на способноста на Европа да дејствува, да одлучува и да води. Притоа додаде дека Западниот Балкан не е периферија на Европа туку е нејзина недовршена приказна и дека стабилноста, демократијата и просперитетот во нашиот регион се неразделни од иднината на самата ЕУ, како и тоа дека интеграцијата не смее да биде селективна или симболична, туку реална, инклузивна и неповратна.

Според Свенија Хан претседателка на АЛДЕ Партијата и пратеничка во Европскиот парламент, време е приказната за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан конечно да биде завршено бидејќи Западен Балкан е есенцијален дел од ЕУ.
„Ако сакаме силна и просперитетна Европа мора да го одржиме единството, а само проширена Европа може да обезбеди го обезбеди тоа. Европа нема да биде целосна без земјите од Западен Балкан“, рече Хан.
Поздравувајќи ги високите гости од Европа и учесниците од името на македонската држава Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, истакна дека европската перспектива е стратешка определба на државата.

„Откако Република Северна Македонија ја трасираше својата евроатлантска ориентација, преку посветените реформи и пожртвуваноста кон овој процес, докажа дека нашата единствена стратешка цел останува Европската Унија. Оваа визија не е краткорочна, ниту условена, туку претставува непоколеблива и консензуална определба. За оваа визија и овој стремеж спроведуваме реформи, го зајакнуваме владеењето на правото, ја унапредуваме транспарентноста, ги модернизираме постапките и го усогласуваме нашето законодавство со она на ЕУ“, рече Гаши.
Со видео обраќање на учесниците се обрати и Ирена Јовева, пратеничка во Европскиот парламент, која нагласи дека Европската Унија мора да покаже кредибилитет и доследност кон земјите кандидатки и дека европската иднина на регионот е прашање од заеднички европски интерес. Таа истакна дека Севрна Македонија е земја која заслужува повеќе од што Европа моментално го дава.
„Оваа наша Унија денес нема толку проблеми со процедурите, колку што има со довербата и за жал и со сопствениот кредибилитет. Северна Македонија направи политички компромиси кои беа многу болни, тешки и историски, и не заслужува политички маратон без крај. Ветото е алатка за принуда, а не за заштита на ЕУ и затоа е потребно квалификувано мнозинство и во надворешната политика бидејќи светот не чека“, порача Јовева.

Во рамки на конференцијата се одржаа две клучни панел-дискусии. Првиот панел, на тема „Европа инвестира во сопствената одбрана: Дали оружјето е доволно?“, се фокусираше на европската безбедност, одбранбените политики и пошироките геополитички ризици, со учество на Рик Дамс, поранешен претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Елиза Хоџа, пратеничка и членка на LIBSEEN, Маријана Пуљак, пратеничка и поранешна ко-претседателка на партијата Центар, и Ватрослав Белан, поранешен државен секретар и претседател на Либералната партија на Црна Гора.
Вториот панел, „Геополитички силна, проширена и ефикасна Европска Унија“, ги отвори прашањата за реформите во ЕУ, динамиката на проширувањето и улогата на Западниот Балкан во новиот европски поредок, со учество на Весна Пусиќ, поранешна заменик-претседателка на Влада и министерка за надворешни работи, Луција Тачер Перин, пратеничка, Свенија Хан и Моника Зајкова. Заедничкиот заклучок од дискусиите беше дека без интеграција на Западниот Балкан, Европската Унија не може да биде целосна, ниту геополитички кредибилна, и дека проширувањето мора да се третира како стратешка нужност, а не како бирократски процес што се одложува.
Конвенцијата „Quo vadis Europa 2025?“ уште еднаш ја потенцираше потребата од обновен европски ангажман, јасна политичка волја и засилена поддршка за европската перспектива на Северна Македонија и регионот. Зашто, Европа оди напред кога е доволно храбра да се реформира, доволно искрена да вклучи и доволно принципиелна да застане зад своите вредности. И дека Северна Македонија припаѓа во Европската Унија, Западниот Балкан припаѓа во ЕУ и Европа мора да биде подготвена да се развива за да ја направи таа иднина возможна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со претставници од групата на АЛДЕ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) од Европскиот Парламент, учесници на меѓународната конференција „Quo vadis Europa 2025?”, што се одржа во Скопје.
Гостите ја потврдија јасната заложба на АЛДЕ за деблокирање на македонскиот евроинтегративен пат, како и брзо и целосно интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, преку посегање по креативни решенија во овој исклучително тежок геополитички моментум.
Претседателката, низ призма на принципите и вредностите гарантирани со европските конститутивни акти, презентираше свои видувања и предлози за излез од блокадата.
Гостите изразија не само интерес, туку и подготвеност да помогнат во надминувањето на неодржливиот status quo во којшто се наоѓаме, преку иницирање можни решенија во рамките на Европскиот парламент.
Претседателката го поздрави конструктивниот пристап на АЛДЕ, во духот на европските демократски принципи и вредности.
На средбата присуствуваа Свења Хан, претседателка на АЛДЕ и германска европратеничка, Рик Дамс, потпретседател на АЛДЕ и поранешен претседател на Парламентарно Собрание на Совет на Европа, Весна Пусиќ, прва претседателка на Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (ЛИБСЕН) и поранешна вицепремиерка и МНР на Хрватска, Моника Зајкова, претседателката на Либерално-демократската партија и Емил Кирјас, потпретседател на Либералната интернационала.
Македонија
Неправилности и проблеми со „Безбеден град“ ќе се пријавуваат преку специјален пункт или на интернет
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, е задоволен од резултатите од тест-периодот на проектот „Безбеден град“.
Тошковски вели дека граѓаните значително ја намалиле брзината на возење, а бројот на сообраќајни незгоди е во опаѓање.
„Тест периодот покажува дека Македонија има сила да биде нормална земја. Горд сум што македонските граѓани покажаа дека и во тест период кога ќе се вметне едно решение, граѓаните сфатија и го забавија возењето во рамки на главниот град. Граѓаните покажаа дека можат поинаку и дека сега се вистински Европјани. Намалени се бројките на сообраќајки на територија на Град Скопје, а особено на тешки телесни повреди и смртни последици“, кажа министерот.

Граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилности и проблеми со системот „Безбеден град“ преку специјален пункт во склоп на управните служби на МВР, интернет-страница и мобилна апликација, најави Тошковски.
Тој нагласи дека се работи на остранување на сите неправилности и од 1 февруари возачите свесно ќе придонесат за безбедноста во сообраќајот.
Македонија
Мицкоски вели дека Обвинителството треба да се позанимава со СДСМ околу изјавите за мигрантите
Премиерот Мицкоски вели дека Обвинителството треба да реагира на изјавите на СДСМ дека ќе се носат мигранти во Македонија. Според Мицкоски, овие изјави претставуваат создавање немир и паника кај граѓаните, што, како што вели, е предвидено во Кривичниот законик.
„Мора тука и обвинителството да се позанимава со оваа тема затоа што во Кривичниот законик ова е еден вид насилство, создавање паника, немир кај граѓаните. Затоа што ако еднаш, двапати, трипати демантиратме и вие континуирано продолжите со оваа тема имате намера и тенденција да создадете несигурност паника и страв кај граѓаните и мора кривично да одговарате за тоа. Еве ќе дојде март нема да има мигранти прифатени како резултат на договор со Велика Британија или било каков друг договор. Ќе дојде и јуни ќе нема мигранти, ќе нема мигрантски кампови и тогаш под 100 илјади гласови ќе бидат од СДСМ и ќе станат маргинална партија, ако тоа им е целта нека продолжат“, истакна Мицкоски.
„Доколку во Македонија се донесат мигранти осудени за сериозни кривични дела, тоа ќе значи директна закана по безбедноста на државата. Во исто време, тоа целосно ќе го закочи европскиот пат, затоа што со евентуален влез во ЕУ повторно би се отвориле вратите кон Унијата – нешто што европските земји сакаат да го спречат. Затоа на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара Македонија да остане изолирана, рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
„Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување“, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

