Македонија
„Рекордни 20 милиони евра директна поддршка за македонскиот спорт, 500 стипендии за млади талентирани спортисти, развој на спортската инфраструктура“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„По седум години целосно запоставен, спортот се враќа во приоритетите на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Не беше лесно да се санира целата штета и пустош кој СДС го оставија во македонскиот спорт, но со многу труд и посветена работа, за една година се поставија и почнаа да се градат темелите и во спортот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„За подобрување на условите за развој на спортот, Министерството за спорт отпочна и реализираше многу проекти, меѓу кои:
– Комплетно реконструирана спортска сала во Радовиш;
– Изградена нова атлетска патека во Гевгелија;
– Реконструирана спортска сала во Ново Село;
– Изградба на нова спортска сала во склоп на Воената Академија во општина Аеродром во Скопје;
– Реконструирани 15 мултифункционални игралишта во повеќе градови во државата.
– Отпочната комплетна реконструкција на спортската сала „Расадник“ во Скопје (реконструкцијата е во тек и треба да биде комплетно завршена во октомври годинава).
Со цел подигнување на македонскиот спорт на повисоко ниво и создавање услови секое дете да може да спортува и да има пристап до спортски содржини, фокусот се стави во изградба и реконструкција на спортската инфраструктура.
Токму затоа, за една година изградени се 15 спортски центри низ цела Македонија, како во Кавадарци, спортски центар во Средното техничко училиште, во Неготино и Прилеп фудбалски терен и голема трибина.
Во Тетово се изгради спортски центар во Медицинското училиште „Никола Стеин“, две монтажни трибини со сертификат за меѓународни натпревари на игралиштето на ФК Тетекс, како и мултифункционално игралиште Ајдучко Маало.
Се градеше и во Брвеница, спортски центар со фудбалски терен, голема трибина и кошаркарско игралиште, во Кочани фудбалски терен и голема трибина, во Кратово фудбалски терен, голема трибина, одбојкарско игралиште и фитнес зона.
Спортски центар во склоп на поранешниот Дом на АРМ се изгради во Кичево, спортски центар со фудбалско, кошаркарско игралиште и фитнес зона во Свети Николе и во Пониква се реконструираше спортскиот комплекс во полициското одморалиште.
Додека во Скопје во Општина Гази Баба се изгради монтажна трибина со сертификат за меѓународни натпревари во склоп на Академијата Вардар, во Општина Центар фудбалски терен со трибина, кошаркарско игралиште, детско игралиште и фитнес зона, а во Општина Кисела Вода, повеќенаменски спортски терен со голема трибина.
Се откочи проектот за изградба на пет базени, од кои два во Скопје, во Кисела Вода и Ѓорче Петров, и по еден во Кичево, Битола и Штип кои во рок од 11 месеци ќе бидат завршени и до крајот на летото пуштени во употреба.
Директно од Владата беше поддржан македонскиот спорт со рекордни 20 милиони евра, средства кои беа исплатени директно на спортистите и на спортските субјекти.
Се доделија национални признанија на 22 врвни македонски спортисти од екипните спортови и 500 стипендии „Спортска надеж“ наменети за млади талентирани спортисти“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.
Македонија
(Видео) Со див приклучок на водоводната мрежа полевал илјадници метри земјиште – Град Скопје поднесе кривична

Град Скопје информира дека денеска е откриен нов див приклучок на мрежата за питка вода на подрачјето на општина Сарај, при што сторителот незаконски се приклучил за да наводнува неколку илјади метри квадратни пластеници. За случајот е изготвена и поднесена кривична пријава.
Ваквите појави сериозно го нарушуваат водоснабдувањето во градот, особено во урбаните и руралните средини кои секојдневно се соочуваат со намален притисок и недостиг на вода. Покрај директната штета врз системот, сторителот избегнувал и плаќање за потрошена вода во висина од илјадници евра, нанесувајќи штета на Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“, соопшти Град Скопје.
Согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка, во јуни е забележана енормна потрошувачка на вода, која на одредени денови достигнала рекордни 356.000 м³. Тоа претставува околу 700 литри вода дневно по жител. Високата потрошувачка најчесто се должи на нерационално користење на вода – за наводнување, перење возила и полнење базени – дел од тоа и преку нелегални приклучоци.
Град Скопје апелира до надлежните институции, вклучително и МВР и Јавното обвинителство, активно да се вклучат во процесот на справување со дивите приклучоци и заштита на системот за водоснабдување. Се додава и дека неказнивоста води кон безредие, а граѓаните заслужуваат безбеден, редовен и правичен пристап до вода.