Македонија
РСМ и Бугарија заеднички ќе ги чествуваат Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил

На предлог на Министерството за надворешни работи, на денешната седница на Владата е усвоена информација за првиот состанок на меѓувладината комисија меѓу РСМ и Република Бугарија, основана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедсвтво и соработка одржан во Софија на 10 јуни 2019 година.
Министрите беа информирани дека двете страни го разгледале годишниот извештај на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и предлозите до владите кои се содржани во него, биле разменети оценки за досегашната работа на комисијата и постигнатиот напредок во делот на античката историја се донесени следните одлуки:
,,Прифатени се сугестиите за заедничко чествување на следните личности од нашата заедничка историја: Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил. Двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкус можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања. При секое официјално чествување на овие личности потребно е историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува”, соопшти Владата.
Исто така, се прифаќаат заедничките принципи и забелешки за содржината на учебниците за 5 одделение во Република Бугарија и за 6 одделение во Република Северна Македонија (Праисторија и Античка историја). Се поддржува предлогот на Комисијата за разгледување на наставниот материјал во учебниците за 6 одделение во Република Бугарија и 7 одделение во Република Северна Македонија (Среден век) до крајот на 2019 година.
,,Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања решително да ја забрза својата активност за значајни теми од нашата заедничка историја (Гоце Делчев, Илинденското востание и други), и да настојува да се постигнат реални резултати до крајот на 2019 година, во однос на содржината на учебниците. Прифатено е во својата работа Комисијата строго да се придржува кон одредбите од чл. 8, т. 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, која нагласува дека е неопходен “придонес за објективно, засновано на автентични и засновани историски извори за научно толкување на историските настани”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.