Македонија
Салиу: Не чувствувам вина за пожарот во Кочани

Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, кој е опфатен со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, вели дека не чувствува вина.
„Верувам во нашата држава, верувам во институциите, во судните органи дека правилно ќе ги согледаат аргументите и сите останати посебни моменти од тој случај. Јас сум правник по вокација, 18 години сум бил адвокат, оставам на совеста на државата да одлучи дали имам јас вина или немам. Лично, со душа и со срце и одговорно максимум тврдам дека немам вина во тој случај“, рече Салиу.
Поради потребите на истрагата, министерот без ресор и претседател на партијата Демократска сила на Ромите извесен период помина и во ефективен затворски притвор. Оттаму беше пуштен кон крајот на мај, кога притворот му беше заменет со мерки на претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Кочоска јасно порача дека платите нема да растат

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вчерашната средба со граѓани во Прилеп, остро ја критикуваше економската политика на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Филипче истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е пример за водење лоши економски политики кои ја туркаат државата во криза.
„Како ВМРО-ДПМНЕ ја менаџира државата? Никако. Тие се класичен пример за тоа како не се води држава – со лоши економски политики. Со цени коишто растат, без никаква иницијатива од Владата и покрај сите механизми коишто ги имаат да ги исконтролираат. Дадено им е на маркетите отворени раце да прават што сакаат. Нема никаква иницијатива за да растат платите“, рече Филипче.
На маалската средба, Филипче ја осуди изјавата на министерката за финансии дека инфлацијата не може да се контролира ако растат платите.
„Излегува министерката за финансии и вели: ако растат платите, не може да се контролира инфлацијата. А што им кажува на граѓаните? Бидете гладни за во државава да нема инфлација. Јас не знам како не ѝ е срам. Не знам со кој образ излегува да го каже тоа. Ние ги зголемувавме платите во најголемите кризи“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Минималните температури ќе се движат од 10 до 18, а максималните од 25 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде 16, а максималната 36 степени.
Од УХМР информираат дека од понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени. Кон средината на седмицата ќе има локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Невреме во Скопје: паднати дрвја, поплавени улици, заглавени возила кај „Мавровка“

Поплавени улици, паднати дрвја и пречки во сообраќајот во Скопје по денешното силно невреме проследено со пороен дожд, град и грмежи. Од Центарот за управување со кризи соопштија дека нема повредени лица.
ЦУК преку бројот за итни повици 112 прими пријава за паднато дрво на ул. „Кочо Битолјанов“, од спротивната страна на „Алкалоид“, во близина на Скопска Пивара. Постои опасност дрвото да оштети електрични кабли. Надлежните служби се известени и ќе постапат согласно своите надлежности.

На бул. „Никола Карев“ кај Бит Пазар, под Стоковна куќа Мост, има приближно 50 см вода. Целиот булевар е блокиран, а повеќе возила се заглавени.
Дополнително, пријавено е дека на ул. „Петар Манџуков“ во населба Бутел улиците се поплавени, шахтите се запушени и водата не се повлекува.
Добиена е пријава и за паднато дрво на ул. „Рузвелтова“, во близина на Сетек, Општина Карпош. Дрвото има блокирано три сообраќајни ленти, и во моментов проодна е само една лента.
Добиена е пријава и за поплавена улица на булеварот „Македонска Косовска Бригада“ во Општина Чаир. Неколку возила се заглавени, а паркот во близина е исто така поплавен.
Дополнително, пристигната е пријава за навалена бандера од уличното осветлување на улицата „Народни Херои“ кај Мечкаров, во Општина Кисела Вода.
„По денешното невреме кое ја зафати територијата на државата, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш ги активираше своите механизми за следење и координација. Директорот, Мухамет Али, во текот на целиот ден ја следеше ситуацијата и беше во континуирана комуникација со сите надлежни институции, со цел навремено и ефикасно справување со последиците од невремето“, велат од ЦУК.
Според моментално достапните информации, на повеќе локации се евидентирани материјални штети – поплавени улици, паднати дрвја и пречки во сообраќајот. Не се пријавени повредени лица.
Од ЦУК велат дека известени се и надлежните служби за водовод и канализација, противпожарната служба и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кои се во подготовка за постапување согласно своите надлежности.
ЦУК ги повикува сите граѓани да останат внимателни и да ги почитуваат препораките на надлежните служби, како и навремено да пријавуваат опасни или животозагрозувачки состојби на бројот за итни случаи 112.