Македонија
Свадба во струмичкиот затвор – осуденик го кажа судбоносното „да“

Во струмичкиот затвор денес се одржа невообичаен, но длабоко хуман чин – законска регистрација на брак на осудено лице кое моментално ја издржува затворската казна.
Настанот се реализира под покровителство на директорот на установата, Зоран Ристов, и заменик-директорката, Наташа Лазарова Донева, како дел од заложбите за почитување на човековите права и обезбедување правна сигурност за сите, без исклучок, соопшти Управата за извршување санкции.
Со оваа регистрација, лицето се стекна со правен идентитет – важен предуслов за пристап до здравствена, образовна и социјална заштита, но и чекор напред кон успешна ресоцијализација.
Од Управата додаваат дека ваквиот чин е резултат на добра координација меѓу затворската управа, стручните служби и релевантните институции, и покажува дека и во пенитенцијарниот систем постои волја за хуманост, инклузивност и правичност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Јулијана Тануровска, долгогодишен новинар и уредник на сателитската програма на МРТ

Почина Јулијана Тануровска, долгогодишен новинар и уредник на сателитската програма на МРТ.
„Со над 35 години стаж во јавниот сервис, таа остави длабока трага во македонското новинарство и медиумскиот простор.
По кусо и тешко боледување, почина Јулијана Тануровска, долгогодишен новинар и уредник на сателитската програма на Македонската радио-телевизија. Со над 35 години стаж во јавниот сервис, таа остави длабока трага во македонското новинарство и медиумскиот простор.
Колегите ја паметат по професионалноста, посветеноста и човечноста“, објави МРТВ.
Македонија
СДСМ: Бруталниот упад на полицијата во домот на директорката е потврда дека режимот се врати

Бруталниот упад на полицијата во домот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска, е уште една потврда дека режимот се врати, велат од СДСМ.
Според нив, ова е сликата на секој режим, полиција ставена во функција на политички притисок и незаконско разрешување на директорка во средно училиште, со единствена цел пред избори да постават партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сега на граѓаните им е кристално јасно зошто беа измените на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи кои ги спроведе Панче Тошковски, за целосна партизација на полицијата, политички прогон и злоупотреба во партиски цели на ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата станува продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ, а жртви се граѓаните . Денеска е директорка на средно училиште утре некој друг“, велат од партијата.
СДСМ бара веднаш да престане, како што велат, бруталниот притисок и незаконското разрешување на директорката Маја Лозановска.
„Законите мора да се почитуваат без разлика за кого станува збор. Бараме одговорност од сите кои ја извршуваат оваа незаконска постапка и кои дозволија ставање на полицијата во служба на политички прогон“, велат од СДСМ.
Ваквата реакција доаѓа откако на социјалните мрежи е објавено видео на кое се гледа началник во домот на директорка на училиште во Демир Хисар и вербална расправија меѓу него и синот на жената.
Македонија
(Видео) Началник бара Итната помош на носилка да однесе директорка на информативен разговор во станица

На социјалните мрежи е објавено видео на кое се гледа началник во домот на директорка на училиште во Демир Хисар и вербална расправија меѓу него и синот на жената.
Началникот се слуша прво како вели дека е дојден да изврши претрес во домот на директорката, а после кажува дека таа треба да се јави на информативен разговор во полициска станица.
Во дворот на куќата е и екипа на Брзата помош, која му кажува на началникот дека жената има висок крвен притисок, а тој предлага на носилка да ја однесат во станица на информативен разговор по извршениот претрес.
На видеото се слуша како синот вика „Една мајка имам“, а на местото на настанот е и адвокатот на жената. Синот му објаснува на началникот дека кога ќе и заврши боледувањето на мајка му ќе дојде во полициска станица, но началникот инсиситира дека тоа мора да биде во моментот.
Во врска со видеото, од Обвинителството соопштија дека Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај.
„Поради сомненија за кривично дело – Фалсификување и уништување деловни книги, Министерството за внатрешни работи – ОВР Демир Хисар од Основното јавно обвинителство Битола побара издавање Наредба за претреси на три локации – службени простории на училиштето, дом и автомобил на пријавено лице. Основното јавно обвинителство Битола побара од Основниот суд во Битола да се издаде наредбата со цел обезбедување предмети од кривично дело. Судот ја ценеше основаноста и го прифати барањето за претрес, по што ОВР Демир Хисар во текот на вчерашниот ден извршило претрес на трите локации, а за претресите и евентуално пронајдени и одземени предмети се уште нема доставено официјално писмено известување до обвинителството. Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, се наведува во соопштението.