Македонија
„СДС призна дека економијата расте – само што не можат да поднесат што расте без нив“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Ја поздравуваме изненадената искреност на СДС: барем еднаш јавно признаа дека македонската економија расте. Проблемот е што не можат да поднесат што тоа се случува затоа што повеќе го нема нивниот хаос, корупција и неспособност. Кога економијата тоне, виновна тогаш беше опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ. Сега, кога економијата расте и Македонија е во топ 5 најбрзорастечки економии во Европа, одеднаш им текна дека тоа е нивна заслуга?!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Е па, или е ваш успех, или е катастрофа – одлучете се.
Фактите се едноставни:
Ако економскиот раст бил „нивно дело“, зошто додека беа на власт, Македонија не беше во првите 5 економии, туку меѓу последните 5 по раст? Во периодот 2019 – 2023 година, СДС не само што не обезбеди континуиран раст, туку остави економија во место, капитални инвестиции под 60%, и над 600.000 сиромашни граѓани.
СДС стави празна каса, нереализирани проекти, зголемен јавен долг и нефункционална администрација. И сега тие ќе зборуваат за „економски темели“?
Само за еден квартал под раководство на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата:
· растот на БДП е 3.4%,
· зголемена е довербата на инвеститорите,
· стабилизирани се буџетските приходи,
· и за првпат се чувствува дека државата се движи напред, а не во место.
СДС има проблем со реалноста: навикнати се да живеат во свет каде само со партиска пропаганда се „гради економија“. Но граѓаните веќе го гледаат резултатот на терен. И знаат:
Кој гради, а кој распродава. Кој работи, а кој краде. Кој инвестира, а кој поставува урнисан асфалт за прес. Кој ја вади Македонија од кал, а кој ја турна таму.
Затоа, наместо да зборуваат за „нивните политики“, нека одговорат:
Дали нивна политика беа 14 луѓе изгорени во модуларна болница? Дали нивна политика беше криминалниот „Глобал“, пропаднатите ТЕЦ инвестиции и уценетите тендери? Дали нивна политика беше да се постават партиски кадри без ден работен стаж на врвот на институциите? Ако се тоа „економски темели“, тогаш среќа што тие темели веќе се разградуваат со темелна обнова.
И уште нешто:
Граѓаните не се наивни. Знаат дека растот не доаѓа од флаери и флоскули, туку од работа, план и чесно управување. Македонија конечно се движи напред – и тоа не е заслуга на СДС. Тоа е заслуга на граѓаните, на стопанството, и на новото раководство што не се занимава со алиби, туку со резултати. СДС нека продолжи со соопштенија – ние ќе продолжиме со раст“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АРМ ќе реализира тактичко-технички активности во Охридското Езеро

Во периодот од 09 до 11 јуни, од 10 до 16 часот, на плажата „Бафало бич“ во близина на езерската полиција, припадници на Армијата на РСМ ќе реализираат тактичко-технички активности.
Притоа, припадниците на Баталјонот за специјални сили, во водите на Охридското Eзеро, ќе употребат артифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема.
„Сите активности во рамките на тактичко-техничките активности, покрај воено ќе имаат и полициско обезбедување што ќе го извршуваат припадници на полициската станица Охрид и полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ (Езерска полиција). Апелираме до граѓаните, да ги почитуваат насоките на службените лица задолжени за обезбедување на овој значаен настан“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Салиу: Не чувствувам вина за пожарот во Кочани

Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, кој е опфатен со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, вели дека не чувствува вина.
„Верувам во нашата држава, верувам во институциите, во судните органи дека правилно ќе ги согледаат аргументите и сите останати посебни моменти од тој случај. Јас сум правник по вокација, 18 години сум бил адвокат, оставам на совеста на државата да одлучи дали имам јас вина или немам. Лично, со душа и со срце и одговорно максимум тврдам дека немам вина во тој случај“, рече Салиу.
Поради потребите на истрагата, министерот без ресор и претседател на партијата Демократска сила на Ромите извесен период помина и во ефективен затворски притвор. Оттаму беше пуштен кон крајот на мај, кога притворот му беше заменет со мерки на претпазливост.
Македонија
Мисајловски на состанок на НАТО во Брисел: Единството на Алијансата е на највисоко ниво

Mинистерот Владо Мисајловски заедно со министрите за одбрана на сојузничките земји денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествуваше на состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО.
„Единството на Алијансата е на највисоко ниво. Ја потврдивме нашата заедничка заложба за одвраќање и одбрана на целата територија на НАТО“, рече министерот и додаде дека Алијансата е обединета по трите нејзини основни задачи – одбрана и одвраќање, колективна безбедност и менаџирање на кризни состојби.
Мисајловски порача дека на состаноците се отворило прашањето за инвестициите во одбраната наменети за одбранбени и цивилни капацитети кои ќе ја зајакнат безбедноста и сигурноста, но и општествената отпорност.
„Иако одбраната е клучната задача на Армијата и Министерството за одбрана, потребно е целокупното општество да се вклучи во зголемувањето на нашата отпорност, заштитата на мирот, стабилноста и безбедноста на секој поединец“, подвлече тој.
Министерот на состанокот даде целосна поддршка на напорите за зајакнување на Алијансата и ја потврди посветеноста на земјата кон колективната безбедност.
Во попладневните часови се одржа и состанокот на Советот НАТО – Украина, на кој земјите-членки на НАТО ја потврдија определбата за континуирана, долгорочна поддршка за Украина. На оваа сесија учествуваше и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. Министерот Мисајловски учествуваше и на состанок на Групата за нуклеарно планирање на НАТО.
Овој состанок е последна подготовка пред Самитот на НАТО во Хаг, што ќе се одржи на 24 и 25 јуни 2025 година.