Македонија
СДСМ: Владата сака авион за Мицкоски, но не и 600 евра минимална плата
СДСМ обвини дека Владата ги игнорира барањата за покачување на минималната плата на 600 евра, додека истовремено најавува набавка на нов владин авион.
„Додека над 200.000 работници едвај врзуваат крај со крај, а вредноста на синдикалната кошница одамна надмина 66 илјади денари, Владата одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра“, се наведува во партиското соопштение.
Според СДСМ, пратениците од коалицијата ВМРО-ЗНАМ го блокираат предлог-законот за зголемување на минималната плата и поддршка на компаниите, поднесен од оваа партија. Партијата оценува дека со тоа директно се ускратува финансиска помош за работниците и стопанството.
„Владата сака да купи нов авион за Мицкоски, за нови туристички патувања, како она во Давос“, стои во соопштението, во кое се наведуваат и споредби со луксузите од времето на Никола Груевски, како и со, како што велат, личниот луксуз на актуелниот премиер.
СДСМ истакнува дека ќе продолжи да се бори за „економска правда и враќање на достоинството на граѓаните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа: Регионалниот систем за отпад е реалност
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се обрати на настанот „Патеки за вештини и инклузија во секторот за цврст отпад“, организиран од канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Северна Македонија, кој се одржа во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје.
Во своето обраќање, министерот Хоџа се осврна на системските политики во областа на управувањето со отпадот, нагласувајќи дека Регионалниот систем за управување со отпад веќе преминува од концепт во реалност.
„Многу важно е што Регионалниот систем за управување со отпад веќе не е само идеја на хартија. Ние веќе градиме инфраструктура што е основа на овој систем. Затоа, 2026-та е годината на реална промена. Ова значи крај на импровизациите“, истакна министерот Хоџа.
Тој потсети дека уште од почетокот на неговиот мандат управувањето со отпадот го поставил како еден од клучните приоритети, потенцирајќи дека се неопходни долгорочни и одржливи решенија.
„Немаме повеќе време за привремени решенија. Ни треба траен систем што ќе го штити здравјето на граѓаните. Во градењето на тој систем, од суштинско значење е да имаме работна сила и вештини соодветни на потребите“, нагласи Хоџа.
Министерот ја истакна и значајната улога на европските партнери во процесот на воспоставување одржлив систем за управување со отпад.
„Нашето партнерство со ЕБОР и Европската Унија не е формалност, туку алатка за решавање на реални, децениски проблеми. Управувањето со отпад денес не е само еколошка тема-тоа е економска можност, прашање на достоинствена работа и социјална правда“, рече тој.
На крајот, Хоџа порача дека управувањето со отпад мора да стане извор на раст и иновација, наместо еколошки проблем, додавајќи дека зелената трансформација мора да се реализира на терен, преку изградба на современа инфраструктура, како единствен пат до почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сите граѓани.
Македонија
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Бислимоски, поднесе оставка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денеска поднесе оставка, дознава „Дојче веле“.
Бислимоски утрово со писмо го информирал претседателот на Собранието дека се повлекува од фунцијата на која за првпат беше избран во јуни 2018 година.
Бислимоски во оставката не ги наведува причините за повлекувањето.
Како што наведува „Дојче веле“, одлуката не сака да ја коментира ни тој, ниту неговите соработници.
Македонија
Општина Центар продолжува со бесплатниот транспорт за лицата со попреченост
Општина Центар и Црвениот крст потпишаа договор за продолжување на соработката за користење на услугата за бесплатен транспорт до здравствените установи.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека станува збор за проект кој се покажа како значаен и корисен, и ги повика граѓаните кои имаат потреба од ваква услуга активно да ја користат.
„Со овој проект им го олеснуваме животот на лицата со попреченост. За реализација на услугата, Општина Центар издвои 500.000 денари од сопствениот буџет, со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните на кои тоа им е најпотребно“, посочи Герасимовски по средбата со претставниците на Црвениот крст.
Услугата подразбира бесплатен превоз до здравствените установи со наменски возила на Црвениот крст за лица над 18 години кои користат ортопедско помагало (инвалидска количка, дубак или одалка) и живеат на територијата на Општина Центар, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка, односно неподвижна состојба.
Транспортот треба да се закаже минимум 24 часа однапред (од понеделник до петок) со телефонски повик на бројот на Црвениот крст. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник до една конкретна дестинација. Термините се закажуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот.
Корисниците имаат право на бесплатен превоз во еден правец максимум 10 пати во текот на една година, но доколку имаат потреба од повеќе, истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

