Македонија
Синдикатот на вработените на клиниките против реорганизацијата – прераспределбата на кадри може дополнително да ја наруши стабилноста на здравствениот систем
Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи (ССКЦ) предупредува дека предложената внатрешна реорганизација на Министерството за здравство, која предвидува ребалансирање и можност за прераспределба на медицинскиот кадар – меѓу другото и од кампусот „Мајка Тереза“ кон други градови – може дополнително да ја наруши стабилноста на здравствениот систем, особено во најоптоварениот кампус „Мајка Тереза“, се наведува во соопштениетo.
Од ССКЦ потсетуваат дека во програмата на Владата е најавена реформа на здравствената мрежа, обединување на клиничкиот центар и регионалните болници, модернизација на инфраструктурата, спојување на различни здравствени установи и создавање поефикасна и подостапна здравствена мрежа. Според синдикатот, секое кадровско распоредување и реорганизација мора да се темели врз реални потреби, систематизации и долгорочна национална стратегија за развој на здравствениот систем, но дури по интеграција на клиниките од кампусот „Мајка Тереза“, а потоа, согласно потребите и систематизираните работни места, да се прават кадровските распоредувања.
ССКЦ ја нагласува и потребата од заштита на јавниот здравствен систем и укажува дека не смее да се дозволи приватното здравство да го „откупува“ професионалниот здравствен кадар, во чија едукација и обука државата значајно вложува. Превземањето на стручни лица од приватните болници, според синдикатот, ја загрозува стабилноста и квалитетот на јавното здравство и создава непотребна криза во системот. ССКЦ се залага за ефикасни мерки кои ќе спречат вакви злоупотреби, за заштита на јавниот кадар и одржување на високите стандарди на здравствените услуги во јавните установи.
Самостојниот синдикат на клинички центар ја изразува својата сериозна загриженост и поради, како што се наведува, долгогодишното и неоправдано одложување на потпишувањето на Анекс-договорот за јавните здравствени установи – универзитетски клиники, завод и Ургентен центар Скопје (ЈУЗР).
Иако преговорите за Анекс-договорот траат подолг период, а документот, како што наведува ССКЦ, е од суштинско значење за подобрување на статусот, мотивацијата и правната сигурност на вработените, неговото конечно усвојување и натаму се пролонгира, без конкретно образложение и без преземање институционална одговорност.
Според ССКЦ, ваквото одлагање создава правна и економска несигурност, демотивација и нарушување на професионалната стабилност на вработените во ЈУЗР, кои секојдневно обезбедуваат квалитетна и есенцијална поддршка и услуги за сите здравствени установи, често во отежнати услови. Затоа, синдикатот смета дека тие заслужуваат навремено, фер и транспарентно постапување од надлежните институции.
Синдикатот јавно ги повикува Министерството за здравство, Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата итно да го деблокираат процесот и да дадат согласност за потпишување на Анекс-договорот, со цел да се обезбеди статусна, правна и финансиска сигурност за сите вработени опфатени со овој процес.
ССКЦ наведува дека останува отворен за конструктивен дијалог и соработка, но дека нема да прифати понатамошно одложување или занемарување на законските права на вработените. Доколку институциите продолжат да ги игнорираат своите обврски, синдикатот најавува дека ќе биде принуден да ги активира сите законски дозволени форми на синдикални активности.
Во соопштението се посочува дека ССКЦ останува доследен на својата мисија да ги заштити правата, достоинството и професионалниот интегритет на сите вработени во здравствениот систем и дека ќе продолжи да се бори за достоинствени услови, стабилност и заслужено вреднување на трудот во здравството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пазарниот инспекторат со засилени контроли во угостителските објекти во пресрет на празниците
Државниот пазарен инспекторат најави засилени инспекциски надзори во угостителските објекти во пресрет на претстојните празници и зголемениот број прослави. Целта, како што наведуваат, е спречување на нерегуларности во работењето и поголема заштита на гостите.
Од инспекторатот апелираат угостителите совесно да ги почитуваат законските обврски, особено одредбите за дозволениот број гости, работното време, законот за заштита од пушење и сите други регулативи што се однесуваат на нивната дејност.
Инспекторатот најавува соодветни мерки и санкции за сите кои нема да ги почитуваат законските правила.
Граѓаните се повикуваат сите неправилности да ги пријават на телефонскиот број 191 или преку веб-страницата www.dpi.gov.mk.
.
Македонија
Град Скопје го отвори процесот за буџетот 2026: Граѓаните, организациите и бизнис заедницата поканети да дадат предлози
Град Скопје годинава го започна процесот на креирање на буџетот за 2026 година со, како што наведува, целосна транспарентност, отчетност и широка вклученост на јавноста. Од градската администрација истакнуваат дека имаат јасна определба да ја вратат довербата во институциите, па буџетот ќе се изработува преку отворен и партнерски пристап во кој секој граѓанин, организација или заедница може да даде свој придонес.
„Буџетот не е само финансиски документ, туку стратегија изградена врз реалните потреби и визијата за развој на градот“, наведуваат од Градот.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во изјава порачува дека процесот за првпат се отвора кон граѓаните, невладиниот сектор и бизнис заедницата, со цел активно да се вклучат во планирањето.
„Транспарентноста и отчетноста отсекогаш биле моја водилка. Оваа година го отвораме планирањето на буџетот за 2026 заедно со вас. Вашите потреби и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека веќе биле собрани голем број конструктивни предлози од граѓаните, но процесот останува отворен и сите се повикани да учествуваат.
Во новиот буџет ќе бидат опфатени приоритетни капитални проекти во инфраструктурата, културата, спортот и животната средина, со цел да се подобри квалитетот на живеење во Скопје.
Сите идеи и предлози граѓаните можат да ги испратат на: [email protected]. Во пораката Ѓорѓиевски додава: „Скопје ќе биде повторно горд град“.
Македонија
Mузичари од БиХ настапувале во локал во Кичево без работна дозвола, поднесена прекршочна пријава
При засилена акциска контрола спроведена на 29 и 30 ноември од полицијата во Кичево и Регионалниот центар за гранични работи Запад, во координација со Пазарниот и Трудовиот инспекторат, во угостителски објекти во Кичево биле затекнати музичари од Босна и Херцеговина кои работеле без соодветна дозвола, соопшти МВР.
Во угостителски објект на магистралниот пат Кичево–Охрид биле затекнати пејачката Џ.Р. (23) и членовите на бендот К.Џ. (27), Е.П. (25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), сите од Босна и Херцеговина. Тие настапувале без претходно обезбедена работна дозвола, соопшти МВР.
Против нив е поднесена прекршочна пријава до Основниот суд Кичево.

