Македонија
Советниците на партијата Левица во Карпош бараат итна ревизија на сите ДУП-ови
Советничката група на Левица во Општина Карпош поднесе серија иницијативи до локалната самоуправа, меѓу кои како клучна ја посочуваат итната ревизија на сите Детални урбанистички планови (ДУП).
Од Левица нагласуваат дека ревизијата мора да биде темелна и да ги вклучи граѓаните и стручната јавност, со цел конечно да се изгради урбанистичко планирање што ќе ги одразува реалните потреби на заедницата и ќе обезбеди подготвување квалитетен општински буџет.
Според нив, во изминатиот период се покажало дека постојните ДУП-ови не се усогласени со инфраструктурата ниту со интересите на жителите на општината, што било и причината тие да не бидат изгласани од претходниот Совет. Ваквата состојба, велат, продолжува да создава простор за дивоградби и хаос во уредувањето на просторот.
Левица – Карпош бара во буџетот за 2026 година конечно да се предвидат сериозни финансиски средства за изработка и ревизија на урбанистичките планови, наместо како досега тие само формално да се внесуваат во буџетските документи без суштинска реализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривична за службеник од полицијата во Велес: незаконски ја повторил постапката и вратил оружје
Полицијата поднесе кривична пријава до велешкото Обвинителство против Н. Т., вработен како самостоен референт – контролор во Отсекот за оружје, експлозиви и опасни материи при СВР Велес.
Според пријавата, Н. Т. се сомничи дека сторил кривично дело несовесно работење во службата во постапка за одземање оружје и дозвола за поседување оружје од лице за кое претходно се водела управна постапка.
Иако законскиот рок бил истечен, тој ја повторил постапката спротивно на Законот за општата управна постапка и донел решение со кое ја запрел, иако за истиот предмет Државната комисија во втор степен веќе имала донесено решение со правна поука дека лицето треба да покрене управен спор пред Управниот суд.
Со таквите дејствија, како што се наведува во пријавата, Н. Т. му овозможил на лицето да му бидат вратени одземеното оружје и дозволата за поседување оружје.
Одделот најави дека покрај кривичната пријава ќе поднесе и предлог за поведување дисциплинска постапка против Н.Т., како и задолжителна мерка — негово отстранување од работното место.
Македонија
Потпишан меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за јавни приходи
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, и директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова ја формализираа соработката меѓу двете институции со потпишување на Меморандум за соработка.
Со Меморандумот се предвидува зајакнување на меѓусебната координација преку навремена, директна и взаемна комуникација, размена на суштински податоци и информации, како и подготовка и реализација на заеднички проекти со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка.
Целта на Меморандумот е да овозможи систематски и усогласен пристап во размената на податоци меѓу институциите. Во таа насока, на Управата за јавни приходи ќе ѝ бидат ставени на располагање податоците од геодетско-катастарскиот систем, како и други информации и активности од заемен интерес.
Потпишувањето на овој документ претставува континуитет и продлабочување на досегашната успешна соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за јавни приходи.
Директорот Живковски изрази задоволство од потпишувањето на Меморандумот и истакна дека тој ќе придонесе за понатамошно интензивирање на соработката, преку взаемна поддршка и заедничко делување во исполнување на законските надлежности и остварување на заедничките цели на двете институции.
Македонија
Адем Чучуљ предложен за претседател на антикорупциската комисија
Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата едногласно го предложи Адем Чучуљ за претседател на Државната изборна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Предлогот треба да помине и на пленарна седница на парламентот, која, според најавите, треба да се одржи на почетокот на декември.
Адем Чучуљ е актуелен генерален секретар во ДКСК и дипломиран правник со положен правосуден испит.
Огласот за пријавување кандидати за претседател на антикорупциската комисија беше објавен летово откога досегашната претседателка Татјана Димитровска поднесе оставка по обвинението во случајот „Адитив“.

