Македонија
Таткото на Фросина: Судот ги скри клучните сведоци, кои биле во возилото со Васил, едниот снимал, па ја избришал снимката

Дванаесет години казна е награда за ова најбрутално убиство во сообраќајот, изјави таткото на усмртената Фросина, Тодор Кулаков. Тој повика на нови протести пред судот и пред Судскиот совет порачувајќи дека симболично, со црвени раце, треба да биде залепен целиот суд.
„Ова е држава во која дилери на дрога и на немилосрдни убиства се прогласуваат за светци – спортисти, посветени студени, според зборовите на одбраната. Пресудата е срамна и тажна за целото општество“, рече Кулаков.
Тој укажа и дека никој во постапката не посветил внимание на, како што рече, мноштвото сведоци што биле прикриени за уништување клучни докази, како оние на совозачот Лорен, кој, додека се возеле, снимал, а потоа таа снимка ја избришал, според тврдењето на Кулаков.
„Лорен е син на познат скопски кафеџија и затоа ја има целата заштита од системот. Судот е чиста мафија и такви пресуди носи. Лорен како клучен сведок, кој никаде не фигурира, требаше да добие кривична за уништување докази за убиство и сигурно од таа снимка ќе произлезеа докази за нови кривични дела, а казната ќе беше поголема и за него и за другите тројца во автомобилот. Овој систем ги скри. Системот треба да одговара за соучесништво во прикривање убиство“, рече таткото на Кулакова.
Многумина, вели родителот, на душа ќе ја носат ќерка му, која е ангел.
„Арам да им се парите и сè друго што добиле како компензација. Бог нека им суди, ние не се откажуваме“, рече Кулаков.
Тој, претходно, кога беше изречена пресудата од 12 години затвор за Васил Јованов, ја напушти судницата со зборовите „Судот – мафија“.
Јованов на 29 јануари, без возачка дозвола, управувајќи возило со брзина од 91 километар на час под дејство на алкохол, на пешачки премин на „Партизански одреди“ удри во Фросина Кулакова, која ја минувала улицата на зелено светло. Кулакова од силината на ударот почина на самото место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Викендов дожд со температури под просекот за овој период од годината

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени, информира УХРМ.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Во четврток кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремен локален дожд. Температурите ќе бидат под просекот за овој период од годината.
Македонија
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ќе добие Факултет за медицина

Владата ја разгледа и усвои информацијата за потреба за основање на Факултет за медицински науки и здравство при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
„Формирањето на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола претставува стратешка неопходност за унапредување на здравственото образование особено во Пелагонискиот и Југозападниот регион на Република Северна Македонија“, велат од Владата.
Новоформираниот факултет ќе има задача да биде правен наследник на Високата медицинска школа, каде освен тригодишни студии ќе може да се акредитираат четиригодишни студиски програми по медицински сестри и акушерки.
Од Владата велат дека имајќи го предвид фактот дека е потребно време да се испочитуваат мислењата од сите надлежни институции, како на пример да се разгледа проектот за основање на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола од страна на Одборот за акредитација на високото образование, да се донесе закон за основање, и да се испочитува членот 149 од Законот, каде е наведено дека запишувањето на студии се врши врз основа на јавен конкурс кој го објавува универзитетот, односно самостојната висока стручна школа кој ги реализира студиите најмалку пет месеци пред започнувањето на наставата, Министерството за образование и наука предложи Факултетот за медицински науки и здравство да отпочне со работа од студиската 2026/2027 година, а во меѓувреме да се завршат сите постапки согласно Законот за високо образование.
Македонија
Ќе се градат и реконструираат 30 спортски сали во училиштата, најави Владата

Владата најави дека ќе се градат и реконструираат 30 спортски сали во основните и средни училишта.
Владата ја разгледа и усвои информација за обезбедување на буџетско учество за реализација на заемот за изградба и опремување на 30 училишни спортски сали во основните училишта и реконструкција на училишта.
Во рамките на Министерството за образование и наука се реализира проектот – Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали и рехабилитација на основни и средни училишта. Истиот има за цел да обезбеди подобри услови за реализација на наставата, како и да го унапреди училишниот спорт, здравјето и здравите навики на учениците.
„Изградбата на училишни спортски сали е дел од програмата на Владата и е уште еден од проектите кои започнуваат постапка за нивна реализација. За таа цел, Владата ја разгледа и усвои информацијата за обезбедување на буџетско учество за реализација на заемот за изградба и опремување на 30 училишни спортски сали во основните училишта и реконструкција на училишта и даде согласност за преземање обврски за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во 2026, 2027, 2028 и 2029 година за заемот за изградба и опремување на 30 училишни спортски сали во основните училишта и реконструкција на училишта“, се наведува во соопштението.