Македонија
Три милиони патници на скопскиот аеродром
Три милиони патници на скопскиот аеродром е нешто што првпат се случува на историјата на Македонија. Скопскиот аеродром веќе станува центар за целиот регион, имаме континуиран раст на патници, бројките во туризмот растат, на бизнисот му овозможуваме подобри комуникации и врски, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на Меѓународниот аеродром „Скопје“, каде што симболично беше одбележн тримилионитиот превезен патник.
На семејство што патуваше од Скопје за Бари на избраниот тримилиони патник вицепремиерот Николоски и директорот на ТАВ, Неџат Курт, му врачија честитики и симболична награда од „ТАВ Македонија“.
„Зеднички можеме да постигнуваме огромни резултати. Драго ми е што ова прекрасно семејство што денеска патува до Бари ја имаше таа среќа да биде тримилионитиот патник што го гледа скопскиот аеродром. Ако направиме споредба со нешто што се случуваше пред неколку децении на скопскиот аеродром, претпоставувам дека тоа било незамисливо кога почнал да се развива овој аеродром. Но скопскиот аеродром веќе станува центар за целиот регион. Знаете дека по изборот на новата Влада, се потрудивме да помогнеме во привлекување нови дестинации. Од септември минатата година до овој момент, за една година и неколку месеци имаме 21 нова дестинација до скопскиот и до охридскиот аеродром, што многу говори за нашата посветеност. Тоа се најмногу нови дестинации што која било државата ги реализирала“, истакна Николоски.
Вицепремиерот потенцира дека бројот на патници бележи континуиран раст.
„Не случајни се бројките, не случајно скопскиот аеродром ќе заврши со над 3 милиони и 200 илјади патници, не случајно охридскиот аеродром ќе оди со над 300 илјади патници или не случајно вкупната бројка ќе биде над 3, 5 милиони патници. А тука е растот, оваа година имаме континуиран раст. Ако во март имаме раст од 6 % раст, април 9 %, мај 8 %, јуни 12 %, јули 7 %, август 9 %, септември 8 %, октомври 12 %, веќе во ноември имаме 25 % раст во споредба со минатата година, што значи за една четвртина е зголемен бројот на патници што патуваат од македонските аеродроми“, рече вицепремиерот.
Тој најави и нови дестинации во 2026 година.
„Скопје – Наполи почнува од 6 април, Скопје – Будимпешта исто така почнува на 6 април, Охрид – Катовице почнува на 28 јуни, Охрид – Вроцлав на 28 јуни и Охрид – Милано на 28 јуни в година. Ако на ова додадеме дека ‘Аустријан ерлајнс’ почнува со редовни линии Виена – Охрид, навистина имаме убави вести. Се надевам дека в година, ако не 4 милиони, барем 3,5 милиони патници да прославиме тука од скопскиот аеродром“, додаде вицепремиерот Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милена од Скопје е тримилионитиот патник што доби авионски билети за дестинација по избор и награди
TАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на АДП Групацијата, денес го прослави 3 милионитиот патник во една година на Меѓународниот Аеродром Скопје.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски ја изненадија 3 милионитата патничка додека се пријавуваше на летот Скопје – Бари, информирајќи ја дека токму таа го одбележува значајниот момент за скопскиот аеродром и дека ќе добие награда.
Среќната добитничка е Милена Таскова од Скопје.
TАВ Македонија и сестринските компании БТА, АТУ и ТАВ МОС ја наградија среќната патничка со бесплатни услуги на аеродромот и производи од бизнис – салонот, рестораните и продавницата за безцаринска продажба, додека Вие ер додели две повратни авионски билети од Скопје до дестинација на авиокомпанијата по избор на патничката.
„ До крајот на годината, според нашите пресметки, очекуваме Меѓународниот Аеродром Скопје да достигне вкупно 3,2 милиони патници, а аеродромот во Охрид да достигне 262 илјади патници, што во целост во споредба со 2010 година претставува 5 кратен раст.
За споредба, првата година на нашето работење, 2010 година, заврши со 684.905 патници на Меѓународниот аеродром Скопје, така што во 2014 година достигнавме 1 милионтиот патник, во 2018 година 2 милионтиот, а денес прославуваме 3 милионтиот патник, што јасно го покажува нашиот визионерски пристап, стратегија и заедничката работа со Владата како наш партнер“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Тој посочи дека овој успех докажува дека секој чекор направен со визија, труд и посветеност води до резултати што ја менуваат реалноста.
„Она што некогаш изгледаше како далечна цел, денес е реализирана задача што го отвора патот за уште поголеми можности. Овој момент е доказ дека ТАВ Македонија и целиот тим продолжуваат да растат, напредуваат и да поставуваат нови стандарди во воздушниот сообраќај во земјата. Со иста енергија и одговорност ќе продолжиме да создаваме нови успеси, нови причини за гордост и подобро искуство за секој патник кој поминува низ нашите врати“, потенцираше Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Бројот на патници на двата македонски аеродроми продолжува да расте од почетокот на годината. Последните статистики покажуваат дека Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид опслужиле 3.180.521 патник од јануари до ноември оваа година, што е зголемување од 8% во споредба со истиот период минатата година. Во исто време, реализирани се вкупно 24.481 лет, што претставува раст од 4% во споредба со 2024. Моментално, вкупно 15 авиокомпании летаат кон 47 дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје.
Од 15 декември, Виз ер ќе воведе 2 нови линии од Скопје до Прага и Келн, со што вкупниот број рути од македонската престолнина ќе се зголеми на 49.
Македонија
Стопанска банка АД Битола бара јавно извинување од СДСМ, во спротивно најавува правни чекори
Стопанска банка АД Битола најостро ја осуди денешната прес-конференција на СДСМ и изјавите на Александар Саша Димитријевиќ, оценувајќи дека се работи за невистини и манипулативни наводи кои, како што наведуваат, се во спротивност со јавно прокламираните заложби на партијата за привлекување инвестиции и унапредување на регионалната соработка.
Во реакцијата, Банката наведува дека е зачудувачки што СДСМ, како партија што претендира да биде сериозен политички фактор, пласира неосновани и неточни информации за субјект од банкарскиот сектор, со што, според нив, се внесува несигурност во банкарскиот систем и се доведува во прашање политичката одговорност и кредибилитет на партијата.
Од Стопанска банка АД Битола посочуваат и дека СДСМ изнесува ставови идентични со оние што во изминатиот период ги застапувал нивниот долгогодишен политички партнер ДУИ. Во реакцијата се нагласува дека АЛТА Банка АД Белград е една од најзначајните членки на АЛТА групацијата и една од најиновативните финансиски институции во Србија, со значајни инвестиции во регионот, вклучително и во Северна Македонија.
Банката наведува дека АЛТА Банка бележи континуирани позитивни деловни резултати и силен раст, а во 2024 година била наградена како најбрзо растечка и најиновативна банка во Република Србија. Стопанска банка АД Битола истакнува дека добивањето сериозен и стабилен стратешки партнер претставува позитивен чекор за банкарскиот сектор и за економијата во целина.
Во реакцијата се наведува дека, доколку СДСМ јавно не се извини за изнесените, како што се оценува, невистини и дезинформации, ќе бидат преземени сите соодветни правни и институционални чекори за заштита на угледот и интегритетот на банката.
Македонија
Средба со просветните работници на годината во Битола
Наташа Тодоровска- наставник по одделенска настава во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола и Аница Б. Златевска- психолог во ОУ „Коле Канински“ во Битола, кои беа меѓу просветните работници кои добија признание од Министерството за образование и наука и Сојузот на просветни работници, денеска имаа прием кај градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски им честиташе за признанијата „Просветен работник на годината“ за учебната 2024/2025 година, кои претставуваат чин на јавно признание, но и симбол на поширока заложба за градење општество кое активно ја поддржува и вреднува улогата на воспитувачите, наставниците и стручните соработници.
Инаку по повод 5 Октомври – Светскиот ден на учителите Министерството за образование и наука ја започна кампања за истакнување на нивната незаменлива улога во општеството и поголема почит од заедницата во рамките на кампањата „Магијата е во знаењето“.

