Македонија
(Фото) На Богородица и на скопскиот аеродром спречени обиди за шверц на цигари и тутун, над 𝟧 илјади алатки за тетовирање, мотоцикл, фалсификати и друго

Во текот на изминатите две недели царинските службеници открија неколку обиди за шверцување разна стока, при што привремено се задржани опрема и средства за тетовирање, цигари, тутун, моторцикл, делови за прозорци и фалсификувана стока.
Царински службеници во царинската филијала во Струмица запленија мотоцикл „априлија“ кога по поднесената увозна декларација, со сите придружни документи, било увидено дека се работи за друг мотоцикл за кој увозникот не поседувал никаков документ. Против сторителот е поведена прекршочна постапка.
Службата за мобилни скенери при контрола на товарно моторно возило управувано од македонски државјанин заплени 5.476 игли, мастила и други алатки за тетовирање за кои возачот не поседувал никаква документација. Стоката е откриена во четири пакети, кои се наоѓале во кабината на возилото на горниот кревет, а за кои возачот изјавил дека не поседува увозна документација.
18 штеки цигари без акцизни маркички и 20 кутии тутун од 30 и од 50 грама се откриени на Меѓународниот аеродром „Скопје“, при рендген-контролата на чекиран багаж на патник, кој имал намера да отпатува со лет за Лондон. Непријавените кутии цигари се пронајдени кај македонски државјанин, кој со себе носел само бугарски пасош. Непријавените цигари се запленети, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Царински службеници во два случаја запленија 56 штеки и дополнително уште 9 кутии цигари.
Еден од случаите е откриен во соработка со МВР, при што запленети се 44 штеки цигари и 9 кутии цигари без акцизни маркички, пронајдени во близина на граничната линија сокриени во грмушки.
Во вториот случај запленети се 12 штеки цигари откриени во товарно моторно возило товарено со стока пријавена за увозно царинење.
Мобилни царински тимови на влез во државава на граничниот премин Богородица во багажникот на автомобил открија 238 разни производи (штитници за колена, делови за автомобили, депилатори, играчки, организери за шминки, пили со синџир, соларни рефлектори, алат и друго).
5.000 пластични делови за прозорци се пронајдени во две картонски кутии сместени на горниот кревет во кабината на камион со албански регистарски таблички, управуван од албански државјанин, кој се пријавил за влез во државата на граничниот премин Деве Баир.
3.755 чифта детски сандали, 64 колички и 24 детски велосипеди со ознаки на заштитени трговски марки се откриени од страна на мобилните царински тимови на излез од државата на граничниот премин Блаце. Стоката е пронајдена при контрола на контејнер натоварен на камион со косовски регистарски таблички. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, тие се привремено задржани и поведена е постапка за утврдување на нивната оригиналност.
На граничниот премин Богородица откриен е обид за користење фалсификувана лиценца за вршење јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај. Имено, македонски државјанин како возач на камион со македонски регистарски таблички при влез во државата приложил извод од лиценца за вршење јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај издаден на неважечки образец. Покрај тоа, возачот не поседувал сертификат за професионална компетентност за учество во меѓународен превоз на патници и стоки.
Случајот е предаден на Секторот за контрола и истраги за понатамошна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Грција ќе екстрадира македонски државјанин, кој се сомничи за убиство на пензионер во Германија

Апелациониот суд во Солун даде „зелено светло“ за екстрадиција во Германија на македонски државјанин обвинет за грабеж, а потоа и за убиство.
Со тоа, прифатено е барањето на германските власти за екстрадиција на 34-годишен државјанин на Северна Македонија, кој наводно учествувал во грабеж проследен со убиство, со 81-годишна жртва, јавува грчкиот сервис на „Си-ен-ен“.
Обвинетиот побара да не биде екстрадиран во Германија и да ја издржува казната во Грција, од хуманитарни причини бидејќи како што рече, неговото семејство живее во градот Велес, кој е блиску до границата на двете земји, а роднините ќе можат полесно да го посетуваат во затвор.
Како што пишуваат грчките медиуми, злосторството било извршено минатиот февруари во мал град во сојузната покраина Хесен, Германија, а жртвата е 81-годишен маж. Осомничениот бил уапсен вечерта на 27 мај на граничниот премин Евзони, и се покажало дека против него е распишана европска потерница.
Според документите на германското обвинителство, 34-годишникот наводно патувал во Германија со сограѓани од деловни причини. Се чини дека постарата жртва изнајмувала соби, а 34-годишникот и неговите сонародници престојувале во една од нив. Сторителите според обвинението го врзале и му ја затвориле устата на 81-годшниот маж, земајќи пари од неговиот дом, по што тој починал од задушување.
Македонија
Поради дефект на водоводна цевка, се суши тутунот во Прилепско Поле, алармира СДСМ

Пукната цевка во хидросистемот кој го наводнува плодното Прилепско поле, е причина што повеќе од месец и пол огромни површини засадени со тутун се наоѓаат пред сушење, велат од СДСМ Прилеп.
Сашо Јорданоски, од партиската Комисија за земјоделство во овој град рече дека прекинот со водоснабдување на земјоделските површини настанал уште во периодот на расадување на тутунот. Оттогаш па до денес, десетици хектари засадени со тутун, но и со градинарски производи, немаат видено капка вода.
„Срамота е во 21 век, во ерата на секојдневен напредок на технологијата, дефект на водоводна цевка да го сотре тутунот во најтутунарскиот регион во државата. Надлежните од „Прилепско поле“ и „Водостопанство“ креваат рамена и немаат одговор дали и кога дефектот ќе биде отстранет. Нема ништо од ветената грижа за тутунопроизводителите од страна на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, а од пратениците од власта и градоначалникот Борче Јовчески – ни трага ни глас“, изјаваи Јордановски.
Се додава дека прилепските тутунопроизводители се заборавени и препуштени сами на себе.
Македонија
Општина Центар почнува со проект за рано откривање сколиоза кај ученици од 8 до 14 години во основните училишта

Општина Центар и „Синергија Скопје“ во септември започнуваат пилот проект за рано откривање на сколиоза кај ученици од 8 до 14 години во основни училишта на подрачјето на локалната самоуправа . Проектот е договорен во рамки на месецот за подигнување на свеста за сколиоза и ќе се реализира во училиштата: „ Свети Кирил и Методиj“ и „11 Октомври“.
Прегледите ќе ги спроведуваат лиценцирани физиотерапевти и ортопеди во училишни простории, со цел навремена детекција и стручна поддршка.
„Здравјето на децата е наш приоритет. Во пубертетот, кога телото брзо се менува, важно е да се реагира навреме. Неправилното седење, мобилните телефони и тешките ранци го оптоваруваат ’рбетот , затоа секое дете треба да има можност за превентивен преглед,“ порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Сколиозата често се развива незабележано, а навременото откривање е клучно за детскиот развој.
„Превенцијата не е привилегија , туку потреба на секое дете. Раната дијагноза и редовно следење се клучни за да се спречат компликации.
Ако се третира навреме, децата можат да имаат целосно нормален живот “, велат од Здружението.
Општина Центар е поддржувач на кампањата за подигање на свеста за сколиозата и на настанот одржан по тој повод во Паркот на Франкофонија.