Македонија
Фрчкоски реагира: Кривичната пријава е банална, срамна и полна со неправилности

Љубомир Фрчкоски, поранешниот шеф на Постојаната мисија на Македонија при ООН во Њујорк, реагира по кривичната пријава за злоупотреби во службата.
Вели дека власта и Министерството за надворешни работи направиле срамна, банална и полна со неточности кривична пријава за да извршат притисок врз неговите јавни настапи, кои се критички кон власта.
„По голема пауза на процена дали професорот ќе молчи или ќе ја критикува власта за погубните политики, МНР сепак одлучило да изврши притисок со појава на комична и полна неточности кривична пријава за целата екипа на Амбасадата на РСМ во Њујорк со цел ширење страв и замолчување.
Во пријавата, без срам и перде, се наведува дека имало:
– пречекорување на сметките за мобилни (?);
– поправка на возило без дозвола на МНР (?);
– земање аванс за службено патување (иако целиот аванс е вратен во буџетот, сепак МНР не било задоволено (?));
– вонредни авиобилети по повод смртен случај во фамилијата (исто така, редовно вратени во буџетот), но МНР пак не било задоволно (?).
Според Законот за МНР и правилникот за плати и надоместоци на МНР, амбасадорот е овластен и може законски да врши пренамена на средства според потребите на работата на Амбасадата и сите сторени пречекорувања се во рамките на неговите законски овластувања.
Но, најголемо незнаење е манипулацијата со парите добиени од сукцесија (продажба на објектот на СФРЈ) во Њујорк, кои дојдоа на сметка на Мисијата. Имено, се вели дека наспроти инструкциите на МНР и на Финансии не бил ВЕДНАШ уплатен во буџетот целиот износ, туку на неколку рати бил уплаќано (целиот износ сепак е уплатен без сомнеж). Тоа било нужно да биде така бидејќи финансиските служби на Њујорк инсистираат да останат средства од сукцесијата на сметката – како гаранција за наплатен данок. Додека купувачот на објектот не го плати данокот (тој е задолжен за тоа), средства мора да има на сметките на сите републики од бившата СФРЈ во Њујорк – за да може во ситуација на проблем, данокот сепак да биде нплатен од нивните сметки. Тоа е обврска и задолжение од финасиските власти и сите републики не ги вратиле парите во своите буџети, туку задржале дел на своите сметки на мисиите во Њујорк. Така направила и Македонија. Кога данокот (по една година дена) е наплатен од купувачот, тие средства се ослободени за сите републики и тие ги вратиле во своите буџети. Така направила и Македонија. Но, МНР, бидејќи нема поим за ова, го обвинува амбасадорот –-не постапил по инструкциите на МНР и на Финансии да ги врати сите пари веднаш?! Тој, и да сакал, не можел. Но, тоа е тоа, со законски непознавања останува само лошата намера за притисок по секоја цена“, се вели во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Владата на Мицкоски со своето неодговорно однесување се заканува долгорочно да ги загрози перспективите на земјава за членството во ЕУ“, велат од ДУИ

„Владата на Христијан Мицкоски, водејќи се од популистичкиот бран кој ВМРО ДПМНЕ го јавнаа уште кога беа опозиција, со своето неодговорно однесување, се заканува долгорочно да ги загрози перспективите на земјава за остварување на стратешката цел – членството во ЕУ“, велат од ДУИ.
„Иако го поставија како прв приоритет во рамките на новата Влада, Премиерот и неговиот најблизок круг целосно се откажаа од европското досие, и тоа веќе не го кријат во нивните настапи.
Не само со небулозното одбивање на Уставното дополнувања со неколку малцинства, туку Премиерот наоколу се фали дека новата Влада успеала да ја надмудри и Грција во изигрување на преспанскиот „Ерга омнес“ и се фали дека сѐ помасовно се изоставува делот „Северна“ од името на земјава.
Најавија дека ќе оформат иницијатива за создавање консензус по прашањето на европската перспектива на земјава, што е преставува добра интенција.
Но во јавноста секојдневно ги гледаме како внатре водат „лов на вештерки“ за тоа кој извршил поголемо предавство, кој кажал „Северна“, кој бара Уставни измени итн.; додека во исто време и надвор создаваат непријатели наоколу и меѓу соседите, и во Брисел и во останатите европски политички центри.
Денес Владата не само што нема консензус за европската перспектива, туку јавно се расфрлаат со некакви апстрактни гаранции, кои, парадоксално, ние ѝ ги наметнуваме на ЕУ како услов, небаре нам ни е местото да ставиме бенчмарк од наша страна, доколку Европската Унија сака да ги продолжи преговорите со нас.
Политичката перверзија оди дотаму што никој точно не знае какви гаранции всушност ние бараме. Има нејасни пораки од кого тие се бараат, кој треба да ги испорача, кој треба да ги ревидира, да потврди дека се исполнети, од кого имаме поддршка за тоа итн.
Владата свесно создава „нов спор за името“ кој треба да ја држи земјата надвор од интегративните процеси кои ќе значат извлекување на земјата од балканската кал.
Република Северна Македонија денес е меѓународно изолирана земја која ниту остварува, и која ниту има официјални билатерални посети од нашите сојузници и партнери.
Обратно, земјава влегува во разни контроверзни партнерства со автократи;обезбедува финансиски средства од сомнителни избори, под нејасни околности и услови; а и најавува влегување на сомнителни и контроверзни бизниси во земјава.
На земјава ѝ е потребна нова политичка платформа која ќе има јасна европска перспектива, преку зачувување на националното достоинство на сите граѓани и сите етнички заедници.
Оваа влада целосно го загуби легитимитетот за остварување на таква платформа и затоа се потребни предвремени парламентарни избори“, соопшти ДУИ.
Македонија
Дел од општините Карпош и Кисела Вода денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· Во периодот од 09:00 – 12:00 часот улицата Иван Аговски зграда бр.10 влез1, општина Карпош;
· Во периодот од 09:00 – 15:00 часот улицата Јабланица, улицата Саса, населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Сончево време со температура до 24 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени, информира УХРМ
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Во четврток кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремен локален дожд. Температурите ќе бидат под просекот за овој период од годината.