Македонија
„Шанса за Центар – Независни заедно“: Во Центар останавме без лого на гласачките ливчиња

На избирачките места во општина Центар е утврдено дека на избирачкиот материјал — листите со кандидати за градоначалници и советници — недостасува логото на независните кандидати од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар – Независни заедно“.
Според соопштението од иницијативата, логото не е испечатено кај Група избирачи Јане Димески на листата за советници и кај Група избирачи Билјана Ивановска на листата за градоначалници.
Од „Шанса за Центар“ наведуваат дека со ова е направена, како што велат, флагрантна дискриминација и повреда на членовите 97 став 1 и 98 став 1 од Изборниот законик, со што нивните кандидати се ставени во нерамноправна положба и е поништена еднаквоста на избирачкото право.
Неправилноста, според нив, е констатирана на целата територија на општина Центар и може да претставува основа за поништување на изборите во оваа општина.
Иницијативата информира дека се обидела да поднесе приговор преку електронската форма на страницата на Државната изборна комисија, но системот не функционирал во моментот на поднесувањето.
„Поднесен е приговор по електронски пат преку електронска пошта и во архивата на ДИК“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителе дали ќе мрднете, не ви е јасно што се случува во Злокуќани?, праша Јакимовски и кажа дека оди во втор круг

Досеганиот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој на овие избори бара петти мандат од граѓаните, вечерва кажа дека влегува во втор круг по 40 отсто избројани гласови. Повика Обвинителството да ги расчисти сомневањата за изборен поткуп во Злокуќани.
„Имавме достоинствени избори во нашата општина. Во глобала ова беше фер и демократски ден и голем чин за граѓаните на општина Карпош. Освен во населеното место Злокуќани каде што мислам дека по овој прв круг посериозно треба да се познимава Обвинителството затоа што имаше предизборен поткуп. Влегуваме во втор круг. На 40 % избројани гласови кандидатот на владејачката партија води со 266 гласови, значи тоа е пата-пата ситуација. Јасно е изразена волјата на граѓаните на Карпош, опозиционите гласови се скоро двојно во однос на владејачката ВМРО-ДПМНЕ овде во Карпош“, рече Јакимовски.
Им се заблагодари на противкандидатите за фер и демократски кампањи без омаловажување на противкандидатите и ги повика да го поддржат во вториот круг кога очекува уште пожестока кампања од владејачката партија.
„Не можеш од ВМРО-ДПМНЕ да очекуваш коректна кампања. Вие видовте дека не само што вчера делеа брашно, синојка и во раните утрински часови имаше изборен поткуп со пари, а за жал тоа го знае и полицијата. Еве јавно го прашувам обвинителот – обвинителе мислите да мрднете? Не ви е јасно што се случува во Злокуќани или треба ние да ве потсетуваме? Сметам дека е крајно нечесно кон граѓаните на општина Карпош на ваков начин да се влијае на изборите затоа што таквите работи сметаме дека се некое минато пред 33 години. Граѓаните на Карпош заслужуваат жестоко санкционирање на овие што вршат поткуп на гласачи кои се во социјален ризик или кои се зависни од една фирма, сите знаеме која е таа и што таа прави во Злокуќани. На други места немам забелешки. Од ВМРО-ДОМНЕ не очекувам фер кампања, Дури очекувам да бидат пожестоки во вториот круг,, но ние сме подготвени, не може да очекуваме од нив ништо добро. Се е во рок на службата“, рече Јакимовски.
На советничките листи очекува поголем успех отколку на кинатите избори и смета дека ниту една партија нема да освои доволно гласови за да биде мнозинство во Советот.
Македонија
Левица: Се’ поизвесно е дека Амар Мециновиќ влегува во втор круг за градоначалник на Скопје

Се’ поизвесно станува дека нашиот кандидат за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ влегува во втор круг, објави Левица на прес-конференција.
Од партијата истакнаа дека се исклучително задоволни од резултатите кои ги постигнуваат.
„Имаме информации дека во Кисела Вода, Аеродром и Карпош имаме водство пред СДСМ. Во Велес имаме повеќе од СДСМ за советничката листа. Позитивни резултати имаме и во Гостивар, во Кавадарци се зголемуваат советничките места“, беше објавено.
Според ажурирањата на веб страницата на Државната изборна коммисија (ДИК), во водство за градоначалник на Скопје убедливо е кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски со 43,45 отсто од пребројаните гласови. Зад него е Амар Мециновиќ со 12,76 отсто. Башким Бакиу од „Вреди“ засега има 11,90 отсто од гласовите, Каја Шукова од СДСМ – 11,29 отсто, а Скендер Реџепти од ДУИ – 10,57 отсто од пребројаните гласови.
Македонија
Во повеќето општини низ Македонија во водство се кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, според податоците на ДИК

Во повеќето општини низ Македонија, во моментот во водство се кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, според податоците објавени на страната на Државната изборна комисија.
Иако засега се обработени мал број од гласовите, мапата е обоена во портокалова боја.
ВМРО-ДПМНЕ веќе прогласи победа во Штип, Охрид, Кисела Вода, Радовиш, Берово, Ѓорче Петров, Гази Баба, Пехчево, Делчево, Прилеп, Битола, Гевгелија, Бутел, Аеродром, Велес и други општини. Партијата очекува повеќе градоначалници од претходните локални избори во 2021 година.
Според информациите на ДИК, во Куманово во водство е кандидатот од ЗНАМ, Максим Димитриевски, а СДСМ засега води во Центар, Крива Паланка и уште неколку општини.
ЛИНК до обработените гласови.