Македонија
Шилегов: Индустриските капацитети имаат низок удел во загадувањето на Скопје
Индустриските капацитети во градов работат по утврдени европски стандарди и според сите студии истите имаат многу низок удел во загадувањето на воздухот. Вперувањето со прст во индустријата како главен причинител на загадувањето е дефокусирање од реалниот проблем кој во голем дел го загадува воздухот, а тоа се домаќинствата кои се греат на цврсти горива и неисчистените оџаци, истакна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Тој рече дека во Скопје има над 60 000 домаќинства кои се греат на ваков начин.
Шилегов денеска присуствуваше и се обрати на форумот на тема „Главните градови соочени со проблемите поврзани со животната средина“, што се одржа во Инфо-центарот на ЕУ во организација на Францускиот институт во Скопје. Форумот понуди можност за дискусија за проблемите и предизвиците со кои се соочува градот, а кои се однесуваат на загадувањето во зимскиот период, сообраќајот, ширењето на градот, потребата од подобрување на средствата за јавен превоз, напредокот во зголемувањето на зелените површини и слично.
„Изминативе 12 месеци Градот посветено работи на подобрување на животната средина, а во најголем дел на намалување на загаденоста на воздухот, на водите и почвите, и на намалување на бучавата. Како што ветив во својата изборна програма, поднесовме апликација за престижното признание ‘Европска зелена престолнина’ во 2021 година, која Европската комисија и официјално ја прифати. Самото прифаќање на нашата кандидатура од Европската комисија е сериозен показател дека Скопје е на добар пат да ги надмине проблемите во кои живееме“, рече Шилегов.
Тој додаде дека Македонија е соочена со децениски проблем на загадување на воздухот, особено во зимскиот период и почетокот на грејната сезона.
„Најголемите градови во Македонија влегуваат во групата на најзагадени градови во Европа. Граѓаните во тој период се изложени на воздух со рекордни количества ПМ10 честички. Децениската апсолутна негрижа кон животната средина донесе енормно загаден воздух, масовна сеча на дрвја, уништување на заштитените подрачја и општо недомаќинско однесување со природата“, нагласи Шилегов.
Во изминатиов период, додаде тој, Градот Скопје презеде низа мерки за намалување на загаденоста на воздухот.
„Воспоставивме систем на засилен комунален надзор и надзор за заштита на животната средина од недозволените палења на отворени огнови што учествуваат со сериозен дел во процентот на загадувањето. Оваа есен ја продолжуваме акцијата за зазеленување на градот. Предвидено е да се засадат 3.500 висококвалитетни повеќегодишни листопадни садници. Овој пат во фокусот е обновување на постојните дрвореди и подигање нови на Бит-пазар и во Ѓорче Петров. Изминатиов период уредивме нови паркови и скверови. Постепено го исполнувам она што им го ветив на граѓаните пред една година дека во својот мандат ќе го вратам загубеното зеленило во градот“, рече Шилегов.
Додаде дека Градот Скопје заедно со Министерството за внатрешни работи во изминатиов период иницира измена на законот каде што при техничкиот преглед за регистрација на возила секое возило ќе добие еколошка налепница, за да може потоа административно да се исклучуваат возилата од сообраќај кои реално придонесуваат во загадувањето на воздухот.
Шилегов рече дека од 39-те мерки за борба против загадувањето, во изминатава година биле остварени 17, 12 се започнати, а пет не се надлежност на Градот и пет се неостварени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вандализиран паркот „Бановина“ во Аеродром – искршена урбаната опрема, оштетена фонтаната, а провалено е и во чуварската куќа
Општина Аеродром најостро го осуди вандалскиот чин што се случил синоќа во паркот Бановина, каде што била сериозно оштетена јавната и заедничка сопственост на граѓаните.
Како што информираат од општината, искршена е урбаната опрема, оштетена е фонтаната, а извршена е и кражба со провалување во чуварската куќа. Од Општина Аеродром потсетуваат дека паркот „Бановина“ неодамна бил целосно обновен и опремен со современа урбана опрема, наменета за сите генерации.
„Наместо грижа и почит кон заедничкиот простор, сведоци сме на несовесно и неодговорно однесување и уништување“, соопштуваат од општината, нагласувајќи дека ваквите постапки нема да бидат толерирани.
Случајот веќе е пријавен во полиција, а од општината упатуваат апел до граѓаните да го чуваат јавниот простор, да пријавуваат вандализам и заеднички да придонесат за уредена, безбедна и достоинствена локална заедница.
Македонија
(Видео) СДСМ: Започна, доаѓаат „економски работници“
СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски ја отвора државата за масовен прилив на странски таканаречени „економски работници“, иако во земјава, како што велат, има речиси 100.000 невработени.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, изјави дека Владата донела одлука за вработување на нови 10.000 странски работници во 2026 година, што е двојно повеќе од лани.
Според СДСМ, процесот бил подготвуван подолго време. Тие потсетија дека британски медиуми претходно објавиле за стратешки договор со кој мигранти би можеле да добијат работни визи за Македонија, по што следеле измени на Законот за странци со олеснети услови за влез, престој и работа, како и продолжување на важноста на дозволите.
Младеновска обвини дека со овие измени е создадена правна рамка за долгорочно задржување на странски работници во земјата, особено во случаи на „стратешки партнер“. Таа додаде дека власта донела и резолуција во Собранието со која, според СДСМ, ѝ било оневозможено на опозицијата да зборува за прашањето за мигрантите.
Од СДСМ оценуваат дека одлуката доаѓа во време кога македонските работници имаат најниски плати во регионот и Европа, а Владата, како што велат, тврди дека нема средства за зголемување на минималната плата и дека во Буџетот недостигаат околу две милијарди евра.
Македонија
„Биди одговорен возач – користи зимска опрема“ – полицијата во Охрид ги потсети возачите на обврската
На 15 јануари, отсекот за превенција при СВР Охрид, ја реализираше превентивната сообраќајна кампања „Биди одговорен возач-користи зимска опрема“. Притоа, полициски службеници од отсекот, на повеќе сообраќајни пунктови во градот, остварија кратки разговори со возачите на моторни возила и ги потсетуваа на потребата и законската обврска за задолжително носење и користење зимска опрема во возилата како основен предуслов за безбедно движење на моторните возила во зимски услови.
Целта на кампањата е подигање на свеста на учесниците во сообраќајот, за доследно почитување на законската обврска за носење и користење зимска опрема во возилата во текот на зимската сезона и подигнување на безбедносната култура кај возачите и јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност и одговорно однесување во сообраќајот во зимски услови.
На возачите, им беа поделени флаери со низа практични совети за безбедно управување моторни возила и им беше укажано на потребата од прилагодување на брзината према условите и состојбите на патиштата.

