Култура
Планинарскиот клуб „Љуботен“ го прославува стотиот роденден со документарен филм за вековното постоење
Сто години истрајност, љубов кон планината и заедништво – сега преточени во филм. Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово, најстариот планинарски клуб во Македонија, годинава одбележува еден век постоење со документарен филм кој првпат во земјава го прикажува животот, предизвиците и подвизите на едно планинарско друштво.
Документарецот го следи развојот на клубот од неговото основање во 1925 година, преку изградбата на домовите на Шар Планина, до денешните генерации кои ја продолжуваат традицијата. Филмот е изграден врз лични сведоштва на активни членови, архивски снимки и современи кадри, и прикажува еден век на љубов кон планината, истрајност, пријателство и посветеност кон заедницата.
„Ова е редок настан кој се случува во Македонија – значаен за планинарството, планинскиот туризам, градот Тетово и целата држава,“ вели Јован Божиновски, претседател на клубот. „Кога ќе се застане на врвот и ќе се почувствува тишината на планината, сфаќаш дека ова не е само клуб. Ова е семејство, ова е љубов што трае 100 години.“
Од идеја до симбол на планинарството
На 23 март 1925 година, група визионери од Тетово, предводени од шумарскиот инженер Орестије Крстиќ, го формираат тогашното Планинарско-туристичко друштво „Љуботен“. Првите децении биле скромни, но полни со ентузијазам – веќе во 1931 и 1934 година биле изградени првите планинарски домови во Македонија.
„Ако го земеме фактот дека само шест години по формирањето, на Љуботен и Попова Шапка никнуваат домови, ќе сфатиме дека тие луѓе имале визија и свест за тоа што значи планинарството – не само како спорт, туку како култура и заедништво,“ објаснува Божиновски.
Во педесеттите години клубот броел и по 950 членови. Од тогашните ентузијасти произлегле генерации што ги поставиле темелите на современото планинарство во земјата.
Хроника на вековна страст кон планината
Филмот ја раскажува историјата низ пет епохи – од првите патеки по Шар Планина, скијачките подвизи пред Втората светска војна, па сè до новото доба на дигитални мапи и апликации.
Снимањата се реализирани на повеќе локации – во Тетово, Попова Шапка, Љуботен, Лешница, Маврово и Тетовско Кале, со што публиката добива целосна и жива слика за тоа како клубот растел, се менувал и преживувал низ општествени и историски турбуленции.
„Нашите успеси не се само во искачените врвови, туку во луѓето кои ја носат љубовта кон планината во срцето,“ додава Божиновски. „Традиционалното искачување на Титов Врв, кое го организираме 43 години по ред, секогаш обединува стотици планинари од Балканот и Европа. Тоа е нашата гордост – симбол на пријателство и единство.“
Од Шара до Килиманџаро – дух што не познава граници
Во документарецот се појавуваат и ретки архивски фотографии и видеа од искачувања на членовите на клубот на врвови како Килиманџаро (1988), Алпи (2019 и 2025).
Клубот денес брои околу 150 активни членови, меѓу кои и осум професионални водичи со меѓународна IML-лиценца. „Секој кој има љубов кон природата може да биде планинар,“ вели Божиновски. „Но планинарството бара учење, дисциплина и почит кон планината. Тоа е активен одмор, но и духовен раст.“
Шара – планина што чува спомени
Документарниот филм е омаж на Шар Планина – нејзините врвови, долини, извори и луѓе што ги поврзува. Тоа е приказна за љубов што трае 100 години, и што ќе продолжи и во следниот век.
„Иднината на клубот е во рацете на следните генерации,“ вели Божиновски. „Но ако нешто научивме во првиот век – тоа е дека љубовта кон планината не се гаси. Таа само расте.“
Дел од документарниот филм за 100 години постоење на Планинарскиот клуб „Љуботен“ премиерно ќе биде прикажан на Свечената Академија на 15 ноември.
Филмот е редок културен настан кој ја спојува историјата, спортот, природата и духот на заедништвото – вистинска инспирација за сите генерации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје
Култура
Изложба „Графички белешки“ од Иво Пецов во Македонскиот културно-информативен центар во Софија
На 17 февруари 2026 година (вторник), со почеток во 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија свечено ќе биде отворена изложбата „Графички белешки“ од македонскиот ликовен уметник Иво Пецов. Оваа изложба на Пецов пред софиската публика, претставува заокружен циклус на графички дела што биле создавани во континуитет во изминатите пет години.
Изложбата опфаќа дваесет графики, кои претставуваат внимателно селектиран пресек од неговото најново творештво. Делата веќе биле претставени на бројни групни изложби и меѓународни конкурси во повеќе европски и светски земји, каде што биле високо оценети од стручната јавност, но и препознаени од љубителите на класичната графика како дела со изразена авторска ракописност и концептуална продлабоченост.
Сите графики се реализирани во техниката сува игла (drypoint) – една од најсуптилните и најпредизвикувачки техники во класичната графика. Оваа техника подразбира рачно, механичко врежување на цртежот со игла директно врз метална плоча – матрица. За разлика од други графички постапки, кај сувата игла линијата се создава непосредно, без посредни хемиски процеси, со што се задржува автентичната енергија на ракописот. По врежувањето, авторот внимателно ја распоредува бојата врз матрицата, а потоа, со традиционална рачна преса, своерачно го доведува делото до неговата отпечатена форма.
Овој сложен и физички интензивен процес не дозволува големи тиражи. Со секое печатење матрицата постепено се менува, а линијата ја губи својата првобитна острина. Токму затоа бројот на оригинални отпечатоци од едно дело е мал – во случајов најчесто не повеќе од четири примероци. Оваа ограниченост не е само техничка нужност, туку и суштински дел од поетиката на авторот: секое дело е ретко, единствено и носи трага од непосредниот творечки чин.
„Графички белешки“ може да се чита како визуелен дневник, како интимна мапа на мисли, реакции и духовни состојби. Во овие дела се преплетуваат две сфери – надворешниот свет, исполнет со современи општествени и цивилизациски предизвици, и внатрешниот свет на авторот, каде што тие искуства се преобликуваат во симболи, метафори и знаци. Пецов не нуди директни наративи; напротив, неговите композиции се слоевити, отворени и асоцијативни, оставајќи простор за лична интерпретација.
За сопствениот творечки пристап, авторот истакнува:
„Се стремам да создавам дела чие значење не се открива на прв поглед. Она што се гледа е само предворје на неизразливото. Преку ликовните елементи настојувам да го насочам вниманието кон невидливото – кон просторот зад формата. Целта на моите графики е да ги сопнат и разложат концептите на рационалното. Во моментот кога мисловните структури ќе почнат да се распаѓаат, свеста може да се отвори кон една поширока, сèсодржлива перспектива. Овој пристап тежнее кон тишина и празнина што ја апсорбираат појавната реалност и ја преобразуваат. Делата содржат и текстуални белешки, кои не се објаснување, туку дополнителен слој на значење – тие комуницираат со формите и симболите, создавајќи единствено, заокружено искуство.“
Текстуалните интервенции во графиките не функционираат како наративен водич, туку како ехо на визуелното. Тие ја продлабочуваат комуникацијата со гледачот и ја нагласуваат поетската димензија на делото, каде што зборот и линијата заемно се надополнуваат.
Иво Пецов е роден во 1980 година во Кочани, Република Македонија. Средното уметничко образование го завршува во Скопје, на отсекот „Графика“, по што студиите ги продолжува на Националната ликовна академија во Софија, каде што дипломира и магистрира на насоката „Графика“ во 2005 година. Во 2010 година, на истата академија, на катедрата „Ѕидно сликарство“, го стекнува научно-образовниот степен доктор.
Во текот на својата кариера реализирал дваесет самостојни изложби во Македонија, Бугарија, Романија, Португалија и Германија. Активен е учесник на бројни меѓународни групни изложби во Македонија, Бугарија, Романија, Чешка, Португалија, Шпанија, Италија и Индија. За својата ликовна дејност добитник е на повеќе награди и признанија, а неговото присуство на меѓународни ликовни колонии сведочи за континуирана творечка активност и професионална афирмација.
Со изложбата „Графички белешки“, Иво Пецов ја потврдува својата доследност кон класичната графичка традиција, но и својата отвореност кон современата духовна и концептуална проблематика. Оваа изложба претставува можност публиката да се соочи со дела што не нудат брзи одговори, туку повикуваат на созерцание, тишина и внатрешен дијалог.

