Соопштенија
(Видео) Арсовски: Непријатно е веќе да се гледа како Анѓушев креира политики во кои државни фирми ќе му префрлаат пари
СДСМ и картелот на власт собираат се што можат. Не дозволуваат евро да прелета покрај нив, а да не го стават во сопствениот џеб. Не дозволуваат тендер да заврши во фирма која што не е во нивна сопственост или не им е донатор на политичката партија СДСМ, обвини Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сотреа се! Ова не се европски стандарди! Ова го нема ниту во Африка!“ изјави Арсовски
Според него, непријатно е веќе да се гледа како вицепремиерот Кочо Анѓушев креира политики во кои државни претпријатија ќе му префрлаат пари.
„Залудно Зоран Заев го продава името. Залудно Заев потпишува капитулантски договори и прифаќа комисии за менување на историјата. Во Европа со арамилак и корупција не се влегува! Медиумите повторно обелоденија уште еден скандалозен тендер на фирмата „Брако“, вреден скоро 40.000 евра за набавка на заштитна мрежа на одрони покрај патот добиен од Агенцијата за патишта на Република Македонија.
Замислете, малку беа тендерите во ЕЛЕМ за струја, законите за литиумски батерии како што му одговараат, грантовите за неговите фирми од Фондот за иновации и сега му дојде до тендер вреден близу 40.000 евра. Како да нема друга фирма што изработува мрежа освен неговата на Кочо Анѓушев“ истакна Арсовски.
Очигледно Анѓушев, вели Арсовски, нема намера да престане со тендерите и земање пари на граѓаните, па макар тоа биле и 40.000 евра, а човекот тежи 25 милиони евра богатсво.
„Да го поставиш на јавна функција Кочо Анѓушев каде што има допир со народни пари е исто како да го поставиш волкот да ги чува јагнињата. Она што ги интересира граѓаните е дали и во овој случај на тендерска постапка има скриен судир на интереси? Дали Кочо Анѓушев кога стапуваше на функцијата знаеше дека треба да заборави на тендерите и дека неговата работа мора да биде во интерест на граѓаните, а не во интерест на неговите фирми? Дали Кочо Анѓушев извршил било какво влијание за да го добие и овој тендер? Дали фирмата на Кочо Анѓушев имала предност при тендерската постапка?“ прашува Арсовски.
Тој побара од Анѓушев да даде оставка од функцијата, бидејќи наназад година дена, како што вели, не прекинал да работи спротивно етичките принципи и антикорупциските правила.
„Што порано си дадеш оставка, толку подобро за граѓаните. Во спротивно ќе треба да поставиме еден бројчаник пред твојата канцеларија во Владата и еден на твојата компанија „Брако” кој ќе мери колку државни тендери си добил додека си на функција. Сигурен сум дека тоа ќе биде со многу нули и тоа во евра“ рече Арсовски.
Како што вели тој, институциите мора да покажат храброст, да се спротивстават на притисоците на СДСМ, да го поништат овој тендер и да не чекаат дали Анѓушев ќе даде налог „Брако“ да се повлече од истиот.
„Кога ќе се врати правната држава, кога нема да може СДСМ да има влијание во судството, за сите овие случки ќе се отвори постапка да се провери колку недоследности има и најважно, ќе се одговара за сето ова. Сега е јасно дека може да се чувствувате моќни бидејќи Зоран Заев наместо да Ве разреши застана во ваша одбрана. Тешко беше да се очекува осуда од човек кој бара „едно евро за Вицето”, ги ангажира камионите на сопствениот брат во РЕК, доделува концесии за марихуана на својот брат или му дава дозволи за градење. На крајот, правдата ќе стигне, а Македонија и граѓаните ќе победат!“ изјави Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
Наместо нови лица- стара банда, велат од СДСМ за реформите во ВМРО-ДПМНЕ
Христијан Мицкоски ги отстрани сите потпретседатели во ВМРО, по примерот на Вучиќ, апсолутно да владее и со партијата, како што сака да владее со Македонија, тврдат утрово од СДСМ преку соопштение до медиумите.
„Ги постави своите најблиски другари. Томовски – за организациски секретар, со цел да ги „организира“ односно контролира тендерите.
Како оние 161 тендер за семејната фирма на Томовски.
Тука е и човекот на Сашо Мијалков од службите, очигледно за контакти со руските служби – Драган Ковачки.
Човекот кого НАТО го одби, кој не исполнува услови за сертификат, сега е првиот човек за Мицкоски во партијата.
ВМРО се враќа во времето кога службите беа главни во партијата додека се спроведува грабеж.
Покрај ова, негов најблизок соработник во Владата е вицепремиерот Стоилковиќ, човек со години во служба на БИА и во интерес на руските служби. Човек кој слави со Ноќните волци и странски анти-ЕУ пропагандисти.
Сега кругот е целосно затворен.
Медиумите се под целосна контрола преку Орбан, со преземање на телекомуникациите и енергетиката.
Го презеде МВР, Обвинителството и судовите.
Вели дека во мај–јуни ќе има реконструкција на владата за да постави уште некои свои луѓе кои му требаат.
Уздите ги стави во свои раце и продолжува со ограбувањето на државата во својот најтесен круг на пријатели. Буџетот одамна е во канџите.
Може да започне забрзување на процесот на целосна изолација од ЕУ.
Тоа се „реформите“ во ВМРО, наместо нови лица – стара банда“, стои во соопштенитео на СДСМ.
Соопштенија
Како 5 тони дрога поминала граница и кој ќе одговара ако била незаконски произведена, праша СДСМ
Помина цела недела откако беше објавен картелскиот скандал со 5 тони дрога од Македонија, запленети во соседна Србија, потсети утрово Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ).
„И после цела недела нема одговор како 5 тони дрога поминала преку македонската граница? Кој ќе одговара? Кој во врвот на власта стои зад криминалниот бизнис со шверц на дрога?“ параа од СДСМ.
Без поддршка од власта, структури во МВР, во Царина, во други институции, не може 5 тони да се шверцуваат, сметаат од СДСМ.
„Поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија е пред очите на јавноста. Молкот од власта е најсилна потврда.
Со медиумска кампања на заплени канабис власта дополнително се заплетка. Ако се запленети 40 тони нелегално произведена марихуана тогаш што правела власта изминатите 2 години?
Кој го дозволил тоа? Кои се институции потфрлиле? МВР, Здравство, Земјоделие…?“, велат од СДСМ.
Партијата укажува дека има точно пропишана законска процедура за производство и чување на медицински канабис за што се надлежни повеќе институции и ако незаконски се произведени 40 тони бараат Владата да одговори кој ќе понесе одговорност од врвот на власта.
Соопштенија
„Гласаа против ’Безбеден град’, а сега бараат да се казнат тие со нерегистрирани возила и без возачка“, ВМРО-ДПМНЕ ги обвини за лицемерие Филипче и СДСМ
„СДС и Венко Филипче со двојни аршини, биле и останале. Кај нив ништо не се менува, се останува исто. Тоа се потврди и овој пат со проектот ’Безбеден град’. Прво во Собрание гласаат против закони кои овозможуваат негова имплементација и со кој проект се овозможува и гарантира сообраќајната безбедност, а од друга страна велат дека тие што возат без возачка дозвола треба да се казнат“, реагираат утрово преку соопштение ВМРО-ДПМНЕ.
„Изминатиов период јавноста беше сведок како активисти на СДС кои работеле за Оливер Спасовски, дивееја по македонските градови за да продолжат за возат без возачки дозволи, и јавно се закануваа со тепање и убивање на полициски службеници.
Ваквиот насилен начин на протестирање не е демократски чин на изразување незадоволство и истиот за нас, како ВМРО-ДПМНЕ, е неприфатлив и остро го осудуваме.
А од друга страна, СДС и Венко Филипче во Собранието гласаа против овој проект кој ја гарантира безбедноста на учесниците во сообраќајот, ги открива прекршителите на законите и прописите и ги детектира сите оние кои возат без возачки дозволи и со нерегистрирани возила.
Човекот кој најгласно се спротистави на „Безбеден град“ е координатор на пратеничката група на СДС, Оливер Спасовски кој додека беше министер за внатрешни работи не направи ништо да ја зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот.
Во периодот на власт на СДС и министерувањето на Филипче и Спасовски не се имплементираше ниту еден проект кој системски и на дигитален начин овозможува контрола и безбедност во сообраќајот, како „Безбеден град“, а со транспарентно санкционирање, намалување на сообраќајните прекршоци.
Затоа сега, кога конечно се воведува системот кој носи ред и безбедност во сообраќајот, а еднаквост пред законот СДС и Филипче гласаат против, за од друга страна лицемерно да тврдат дека се против возење на нерегистрирани возила и без возачка дозвола.
Овде се гледа контрадикторноста, лицемерието и двојните аршини на СДС и Филипче.
Но, на СДС, Венко Филипче и Оливер Спасовски треба да им е јасно дека проектот „Безбеден град“ ја надминува нивната партиска агенда, затоа што тој е системско решение за заштита на животите на граѓаните.
И секој кој сака ред, поредок, безбедност и законите да важат еднакво за сите, безрезервно го поддржува овој проект, сè останато е политичка калкулација на сметка на животот и безбедноста на граѓаните“ стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

