Соопштенија
(Видео) Стоилковски: Дипломатијата под водство на Димитров тоне во хаос и самоволие

Министерството за надворешни работи под водство на министерот Никола Димитров тоне во хаос и самоволие предизвикувајќи срам за државата во и надвор од нејзините граници, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, во изјава дадена пред зградата на МНР.
„Македонија повторно остана без почеток на преговори, а одговорен за оваа срамна состојба е и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, човекот што лани со премиерот и со двајцата вицепремиери се сликаше со палецот нагоре лажејќи дека Македонија добила датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ“, посочи партискиот портпарол.
Тој додаде дека само со Никола Димитров како дел од кланот на власт Македонија испраќа 10 амбасадори со скриени биографии и тези.
„Димитров мора да одговори зошто биографиите и тезите со кои 10 дипломати од кариера заминаа во странство и веќе ја претставуваат Република Македонија пред меѓународната заедница останаа тајна. Никогаш досега амбасадорските тези на собраниска комисија не биле целосно класифицирани како доверливи. Станува збор за тези на амбасадори што заминаа во Германија, Унгарија, Шпанија, Украина, Шведска, Австрија, Обединетите Арапски Емирати, Словенија и во Босна и Херцеговина. Притоа беше изземен и претседателот на собраниската комисија, Антонијо Милошоски“, нагласи Стоилкоски.
Според него, шефот на дипломатијата треба да објасни и дали и зошто при враќањето на амбасадорите назад во Македонија ги уназадува со звањата, дури и на најниско ниво, како началник на одделение.
„Македонија изостана од европската агенда за проширување и одговорност мора да има, а најголема одговорност има македонската дипломатијата под министерот Никола Димитров.
Време е Димитров повторно да си ја испрати напишаната оставка што ја повлече лани“, порача портпаролот на опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Тренчевски: Граѓаните ја препознаваат искреноста на Левица

На претпоследниот ден од кампањата, на народниот собир во Гази Баба, на кој присуствуваше и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, како и кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ и носителката на листа за советници на Скопје, Катерина Јовановска беа упатени пораки до граѓаните дека и покрај сите притисоци и блокади од власта Левица успева да допре до народот.
„И покрај сите блокади кои се наметнуваат на Левица, од страна на режимот на власт, ние сепак успеавме да допреме до граѓаните преку непосреден контакт со нив и преку социјалните мрежи“, истакна Златко Тренчевски, кандидат за градоначалник на Општина Гази Баба.
Тој додаде дека владејачките партии „ги контролираат медиумите, потрошија милиони на ПР агенции и скапи кампањи, не задолжија со пари со кои сега се фалат дека нешто градат“, но сето тоа, според него, е залудно кога „една партија ќе остане без идеологија и мора да купува гласови“.
„Ние покажавме дека и со малку пари, но со многу креативност и имагинација, може да се шири приказна во која има смисла и надеж, дека иднина има и во Македонија, само ако се сменат оние кои ги создадоа сите проблеми изминативе години“, нагласи Тренчевски.
Во своето обраќање ја презентираше и програмата за Гази Баба нагласувајќи дека ги опфаќа сите сегменти за урбано живеење, од централните урбани зони до руралните средини. За капиталните проекти што ги предлага Левица рече дека се дел од суштинските потреби на жителите и гаранција за рамномерен развој на општината.
„Не ветувам брда и долини, но сѐ што е наведено е реално остварливо за еден мандат, а ќе биде многу повеќе од тоа што е досега направено“, истакна тој.
Тренчевски посебно се осврна на потребата од демократизација на општината која, како што рече, ќе биде клучниот принцип во неговото работење.
„Граѓаните ќе имаат целосен увид во работењето на службите. Ќе воведеме редовни месечни средби, двосменско работење на шалтерите, активна телефонска линија за пријава на проблеми, а финансиското работење на општината ќе биде јавно достапно на веб-страницата“, појасни Тренчевски.
Говорејќи за екологијата и животната средина Тренчевски беше дециден дека таму нема компромиси. „Ќе се превземат сите потребни чекори за справување со депониите и загадувачите. Еден здрав и квалитетен живот зависи од здрава животна средина“, рече тој.
Меѓу најважните мерки го издвои мораториумот за продажба на државно земјиште за изградба на станбени комплекси, а се осврна и на развојот на културата и поддршката на младите и спортот.
На крајот од своето обраќање Тренчевски изрази уверување дека граѓаните ја препознаваат искреноста и непосредноста на Левица: „Јас сум сигурен дека граѓаните ќе ни ја дадат довербата. Време е за нов пристап, нова енергија и вистински промени во Гази Баба“.
Соопштенија
(Видео) Трајановски: Четири години празни ветувања, Горно и Долно Лисиче заборавени од Муцунски и Митески

„Списокот на изневерени очекувања од Муцунски и Митески е голем, во Долно и Горно Лисиче денес не е реализиран ниту еден проект од многу ветените проекти на Муцунски пред четири години. Недостигот на основни инфраструктурни инвестиции зборува за сериозен неуспех на ВМРО-ДПМНЕ во овој дел од општина Аеродром“, вели д-р Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од СДСМ.
„Посебен срам е што и по четири години, патот меѓу Горно и Долно Лисиче остана без никакво осветлување, иако беше ветено негово осветлување и проширување на мостот на Маркова Река. Овој пат ноќе е опасен за движење, а жителите секојдневно ризикуваат поради недостиг на основни услови за безбедност.
Во програмата предвидуваа и проект за велосипедска патека од мостот кај Маркова Река до Долно Лисиче, како дел од визијата за зелен и поврзан Аеродром. Денес, наместо патека, имаме запуштен и небезбеден терен кој потсетува на заборавен крај на градот.
Ниту една од овие обврски не е реализирана, и покрај тоа што жителите на Лисиче, Горно и Долно Лисиче со години апелираат за инфраструктурна санација. Ова не е само прашање на ветувања, тоа е прашање на достоинство и еднаков третман на сите делови од општината.
Затоа во недела, граѓаните имаат шанса да донесат одлука дали сакаат да завршат лажните ветувања и лаги, и да изберат работа и реални ветувања“, изјави д-р Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од СДСМ.
Соопштенија
(Видео) Костовски: Бутел добива два нови мега паркови

За време на следниот мандат ќе изградиме два нови мега паркови, најави Дарко Костовски, кандидат за градоначалник на општина Бутел, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Едниот ќе го изградиме во населеното место Радишани, поточно близу трет влез.
Вториот мега парк ќе го изградиме близу булеварот Христијан Тодоровски Карпош, во населеното место Бутел 1.
Двата парка ќе се простираат на вкупна површина од 30.000 метри квадратни“.