Соопштенија
(Видео) Стоилковски: Заев кокетира со руски тајкуни

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на денешната прес-конференција зборуваше за можна релација меѓу премиерот Заев и владата со рускиот бизнисмен, близок до Москва, а распослан низ Грција, Иван Савидис, за која, како што кажа, пишувале повеќе медиуми.
Стоилковски посочи дека Заев мора да одговори дали и колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата и висок функционер од ЛДП.
„Дали Заев знаел чија компанија посетува кога го посети тутунскиот комбинат во Крушево, кој што е дел од синџирот на компании на Савидис? Дали Заев беше придружуван од Панајотис Теранидис, човек од доверба на Савидис? Дали поранешниот директор на Државниот земјоделски инспекторат, Јане Станкоски кадар на привезокот на Заев ЛДП, е главен потписник, прокурист на компанијата на Савидис?“, се само дел од прашањата на кои побара одговор портпаролот на опозициската партија.
Стоилковски порача дека премиерот има обврска да одговори на ваквите наводи во медиумите, особено поради тоа што честопати досега Заев и Владата зборувале и обвинувале за странски руски интервенци во политиките во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Шукова: Системска поддршка за жените и семејствата, прифатилишта и родово одговорно буџетирање за еднакво Скопје

Денеска кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, оствари средба со Националниот совет за родова рамноправност (НСРР), предводен од претседателката Савка Тодоровска, како и со членките на мрежата на НСРР.
Во фокусот беа предизвиците и можностите за унапредување на положбата на жените во градот. Шукова истакна дека Скопје има огромен човечки потенцијал, особено во жените кои секојдневно придонесуваат во јавниот, економскиот и општествениот живот на градот.
„Жените во нашиот град имаат исклучителни капацитети, знаење, храброст и одговорност за извршување на јавни функции. Како градоначалничка ќе се залагам за системска поддршка на жените и семејствата преку обезбедување сервиси за семејства, прифатилишта за жени жртви на семејно насилство и воведување родово одговорно буџетирање како приоритет. Само град што се грижи подеднакво за сите е град што напредува,“ изјави Шукова.
Средбата заврши со заедничка согласност дека Скопје има потреба од поинклузивни и солидарни политики град каде секој глас се слуша, а секоја жена има можност да придонесе и да успее.
Соопштенија
Бошкоски: Прилеп ослободен од политички калкулации, ефикасен и со јасна ориентација

Кандидатот за градоначалник на Прилеп од коалицијата „Искуство за успех“, Жарко Бошкоски е роден во истиот град, дипломиран економист и поголемиот дел од неговото професионално искуство е во финансискиот сектор, поточно во индустријата за осигурување. Никогаш не бил дел од јавната администрација и токму тоа го гледа како предност – пристапот без политички калкулации и со јасна ориентација кон ефикасност.
Тој вели дека неговата главна мотивајција да се кандидира за градоначалник на Прилеп е желбата градот да стане лидер во примената на вештачката интелигенција во локалното управување – не како футуристичка идеја, туку како реален сервис кој ќе им го олесни секојдневието на граѓаните и ќе ја направи општината вистински модерен, дигитален град.
„Сведоци сме секојдневно на залетот на вештачката интелигенција и во колку сѐ области можеме да ја искористиме. Наместо да се плашиме од технологијата, треба да ѝ најдеме употребна вредност и да ја ставиме да работи во корист на нашите граѓани и заедницата. Со тоа значително ќе се подобрат услугите и сервисите кои ги нуди локалната самоуправа. И ве уверувам дека Прилеп ќе биде само почеток и дека на крај, сите општини во државата ќе користат повеќе технологија во своите секојдневни обрврски“.
Според Бошкоски, три проекти се приоритетни доколку стане градоначалник и прилепчани му ја дадат довербата.
„Како што споменав, првиот и најзначаен проект е воведувањето на револуционерен систем за работа кој ќе користи вештачка интелигенција за целосна транспарентност во општинските активности. Со воведувањето на АИ советник секој граѓанин ќе има пристап до сите општински информации во реално време, што ќе биде голем удар за корупцијата и ќе придонесе кон целосна отвореност на институциите“.
Вториот проект е „Возачка за млади“ – иницијатива преку која општината ќе ја субвенционира обуката за возачка дозвола за сите млади лица над 18 години. Со оваа мерка ќе им помогнеме на нашите помлади сограѓани полесно да се вклучат во пазарот на труд и да станат понезависни во носењето на своите одлуки. Лично сметам дека тоа е и една од обврските на локалната самоуправа, да им помага на младите и да ја гради локалната заедница преку воведување на корисни мерки и проекти.
Третиот проект е создавање на атлетска патека со справи за рекреација покрај кејот на градската река, простор кој ќе биде наменет за спорт, дружење и здрав живот. Прилепчани секојдневно го пешачат овој дел од градот и тој е во лоша состојба. Доколку дојдам на градоначалничката позиција имам план како да го сервисираме и ревитализираме кејот, кој наместо срам, треба да го краси градот.
Тој вели дека Општината пропуштила многу работи во изминатите години, но најмногу она да стане вистински сервис на граѓаните.
„Наместо брза и ефикасна администрација, луѓето чекаат со месеци за да извадат најобични документи. Луѓето чекаат со денови за нешто што би требало да биде готово за не повеќе од 1 час. Тоа мора да се промени. Општината треба да работи за граѓаните, а не обратно“.
„Транспарентноста во работењето не се обезбедува со желби и празни изјави, туку со вистински алатки. Затоа ја развиваме платформата „Службеник со АИ“ – дигитален систем „нахранет“ со сите верификувани документи: детални урбанистички планови, закон за јавни набавки, закон за градба, одлуки на Советот и други регулативи. На овој начин, граѓаните во секое време ќе можат да проверат како и каде се трошат нивните пари и ќе бидат активно вклучени во работата на општината. Уморни сме веќе од слушање како овие или оние ќе ја зголемеле довербата во институциите. За да се зголеми довербата треба работа, вистинска посветеност и отвореност кон граѓаните и нивните потреби“, вели тој во однос на прашањето за неговата замисла за транспарентно работење и вклученост на граѓаните во носењето одлуки на локално ниво.
Бошкоски вели дека нуди нешто ново, модерно и револуционерно, и затоа е вистинскиот избори за граѓаните на Прилеп.
„Вештачката интелигенција е иднината, а Прилеп може и треба да биде првиот град кој ќе ја искористи за подобар и потранспарентен живот на своите жители. Тука сум роден, тука сум пораснал, се познавам со многу прилепчани, знам што нѐ мачи сите и имам решенија за проблемите. Со посветена работа и отворена општина за сите граѓани ќе ја зголемиме довербата во институцијата, ќе привлечеме инвестиции и ќе го поттикнеме економскиот развој во Прилеп“.
Соопштенија
Трајановски: Нови катни гаражи, современи пензионерски домови и субвенции за достоинствена старост

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Александар Трајановски, најави нов урбанистички и социјален концепт кој ќе го реши хроничниот проблем со паркирањето кај Зоолошка Градина и во Дебар Маало, но и ќе овозможи изградба на современ пензионерски дом под капата на Градот Скопје.
„Време е да ставиме ред и хармонија таму каде што со години владее хаос. Со новите катни гаражи конечно ќе се ослободи јавниот простор и ќе се реши паркирањето во една од најоптоварените зони во градот,“ изјави Трајановски.
На местото на постојните бараки на Град Скопје ќе се изградат две катни гаражи со по две подземни нивоа, со модерен систем за управување со паркирањето, полначи за електрични возила и зелен покрив. Меѓу нив ќе биде изграден современ пензионерски дом, еден од петте нови домови кои се предвидени во програмата на Трајановски.
„Овие домови нема да бидат недостижни луксузни објекти, туку достапни, човечки и прифатливи за секој што има потреба од грижа. Градот Скопје ќе обезбеди субвенции за сместување, за граѓаните да не мора да плаќаат баснословни суми за достоинствена старост,“ истакна Трајановски.
Програмата предвидува изградба на пет нови пензионерски домови, со вкупно 300 нови апартмански капацитети за сместување и престој на стари и изнемоштени лица. Овие домови ќе бидат изградени со сите современи стандарди, со медицинска грижа, дневни центри, паркови и простори за социјализација и активности.
Покрај тоа што Градот ќе обезбеди субвенции за сместување во пензионерски домови, ќе понуди и дополнителна поддршка за младите брачни парови, за да им се олесни грижата за постарите членови на семејството и да се поттикне солидарноста меѓу генерациите.
„Скопје мора да биде град што се грижи за младите, за старите, за сите. Нашата визија е град кој гради решенија, не проблеми – град што им помага на луѓето да живеат достоинствено и спокојно,“ порача Трајановски.