Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Добро е што Груби е свесен дека ќе издржува затвор, дури и самиот си ја одреди висината на казната

Добро е Артан Груби што е свесен дека ќе издржува затвор, дури и тој самиот си ја одреди висината на казната, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно денес на прес-конференција првиот вицепремиер рече: „ако се проневери и еден денар од проектот за изградба на Коридорите 8 и 10д на „Бехтел и Енка“, ние политичарите да скапеме во доживотен затвор“.
„Груби лаже и затоа растура пердуви.
Кога не би лажел требаше да одговори:
Зошто прифатиле да се суспендира континенталното право и за „Бехтел и Енка“ да важи англосаксонско право?
Зошто дивоградбите и легалните објекти ќе се легализираат по исти цени?
Зошто сите грешки од проектирањето на „Бехтел и Енка“ ќе ги плаќа државата т.е. граѓаните?
Дали Груби и Ковачевски од свој џеб ќе прифатат да ги платат пеналите за обврската која ја преземале за зголемување на часовите на работна недела?“, се наведува во писмената реакција на опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
БРАКО ги помогна инвестициите во Велес со еден милион денари наменети за проектирање

Велешката компанија БРАКО помогна со финансиска помош од 1 милион денари за побрзо спроведување на проектите на територија на општина Велес. Општината ја искористи донацијата за побрзо и поефикасно да спроведе постапката за повеќе инвестиции во градот кои се во интерес на граѓаните.
Со финансиската помош беа изготвени основни, идејни и урбанистички проекти за реконструкција на младинскиот парк во Велес, за спортското игралиште во населба Тунел, за противпожарниот дом, за основното училиште во с. Црквино, за изградба на катна гаража, за пешачка патека, урбана опрема и улично осветлување на езеро Младост и за инфраструктура за улицата Декада на Роми.
Со донацијата од БРАКО, општината ангажираше фирма за проектирање, урбанизам и инженеринг која во краток временски период ја изготви документацијата за планираните проекти, што во минатото беше фаза која значајно го одолжуваше и забавуваше реализирањето на општинските инвестиции во Велес.
БРАКО останува посветен на помагање на заедницата и вложување во подобри услови за граѓаните на Велес.
ПР
Соопштенија
Во Новаци никна најголемата приватна фотоволтаична централа на Балканот, која ќе произведува 85.000 MWh струја доволна за опслужување 30.000 семејства

Во Новаци, на само 50 метри од одлагалиштето на јаловината од Рудникот Суводол, изградена е најголемата приватна фотоволтаична електроцентрала во земјава – ФЕЦ Новаци која моментално е и најголема на Балканот. Новата централа, која со работа ќе почне до крајот на месецов, е со вкупен капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh што претставува електрична енергија која е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства.
Инвеститор на овој значаен енергетски проект за производство на струја и тоа од обновливи извори е домашната компанија „МЕЈ Енерџи“ чија дејност е производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори. Новата ФЕЦ е значајна за земјата и од вкупен економски аспект бидејќи претставува инвестиција вредна 40 милиони евра.
Соларната фарма, која зафаќа површина од 57 хектари, се состои од 101.062 фотоволтаични панели, а поставени се и над 850.000 метри различни видови кабли. Изградбата на централата, за која административните работи се започнати во 2021 година, а градежните во ноември 2022 година, е завршена за неполна година дена. За проектирање и поставување на централата, ангажирани се консултанатски фирми и стручни лица кои повеќе од 20 години се занимаваат со изградба на централи и нивна оперативност. Изведбата целосно ја извршуваа македонски компании, а опремата е набавена од странство и дел од Македонија, согласно индустриските капацитети на државата.
ФЕЦ Новаци е изградена на целосно приватно земјиште, во соодветена класа за градба, согласно законот за градење на фотоволтаични централи. Една од предностите на локацијата, како што велат од компанијата, покрај поволните временски услови, односно големот број сончеви денови и поволната конекција за поврзување на 110 kV мрежа, е и близината на РЕК Битола. Имено, согласно препораките на ЕУ за трансформација од производство на енергија од конвенционални централи кон централи од обновливи извори до 2030 година, и за нашиот најголем произведувач на електрична енергија, но од јаглен чии резерви се веќе при крај, постојат планови за трансформација во производител на струја од обновливи извори.
„Во време Зелената револуција, особено во енергетиката, кога преминот кон обновливи извори на енергија е присутен насекаде, во 2018 година ни се роди идеја за изградба на капацитет за проиводство на електрична енергија од она што најмногу го имаме – сонцето како обновлив извор на енергија кој секогаш е присутен. Мотив плус за инвестицијата беше и фактот дека и во нашата земја, не само поради преземените обврски за напуштање на производство на енергија од капацитети кои ја загадуваат природата, расте свеста за потребата од поголема грижа за животната средина. Оттаму и силно се работи на реализација на стратегијата за премин кон производство на енергија од обновливи извори и задоволување на потребите од енергија од сопствени капацитети “, велат од МЕЈ Енерџи.
Новата фотоволтаична централа ќе даде голем придонес кон започнатата транзицијата на Македонија кон чисти извори на енергија и создавање систем кој ќе овозможи економија отпорна на климата, што е влог за иднината. Интензитетот на трансформација на Македонија кон на производство на енергија од обновливи извори придонесе веќе сега да биде реализиано Зеленото сценарио што, според Енергетска стратегија, беше планирано да се реализира до 2040 година и од земја во која домашно производство на струја доминантно се базираше на јаглен, сега сé повеќе стануваме земја со големо производство од обновливи извори.
Меј Енерџи која има производен период од 25 години, електричната енергија ќе ја продава на слободен пазар, првенствено на домашната економија, а доколку во даден момент домашната економија нема да има потреба од електрична енергија, истата ќе се продава во регионот во зависност од трошоците за пренос.
ПР Текст
Соопштенија
ШК Алкалоид загуби минимално од репрезентацијата на Италија

Во очекувано тежок меч, селекцијата на Италија успеа со минимални 2,5:1,5 да му го нанесе првиот пораз на ШК Алкалоид во рамки на 4. коло од Светското екипно првенство за сениори (категорија над 50 години), што се игра во Струга.
По поразот од првиот тим на Англија во 3. коло, Италија како треторангиран носител беше соочена со можност за елиминација од борбата за медали доколку повторно загуби, поради што нашите шахисти внимателно го започнаа мечот.
На сите четири табли се играше внимателно, а речиси ниту еден од нашите претставници немаше видливи проблеми по отворањето. Сепак, освен на четвртата табла каде што ВМ Звонко Станојоски контунуирано беше во егал-позиција и партијата заврши со реми, во другите партии се случија моменти кои влијаеја на конечниот исход.
ВМ Кирил Георгиев на првата табла повторно покажа дека одлично се ја разбира Најдорф варијантата од Сицлијанската одбрана, создавајќи ситуација во која по размена на лесните фигури, противничкиот крал беше пред егзодус со расплет кој не ветува добра завршница, па по 28 потези противникот се предаде.
На втората табла се играше Отварање на четири коњи, во која ВМ Трајко Недев ги имаше белите фигури и почетната иницијатива, но меѓу 21 и 32 потег противникот ја искористи непрецизната игра на Недев и се стекна со предност, по што влезе во добиена топовска завршница.
Во партијата на третата табла, ВМ Влатко Богдановски исто така имаше солидна позиција, каде што по првите неколку потези настана ситуација од познатата варијанта на размена во Словенска одбрана. Се водеше изедначена борба, се до цајтнотот, каде што Богдановски направи превид и дојде во загубена позиција.
Имајќи предвид дека во претходното коло ШК Алкалоид ремизираше со прворангираниот тим, при што во еден момент имаше шанса за победа, неминовно е потсетувањето на старата изрека според која кога шансите не се користат на една страна, казната стигнува на спротивната.
– Штета е што изгубивме во ваков меч каде што постојано бевме најмалку рамноправни, а на моменти и подобри. Малку несфатливо, но тоа е, едноставно нештата несреќно се свртеа против нас. И тоа се случува, мораме спортски да честитаме и да излеземе посилни во продолжението на турнирот,- рече капитенот ВМ Драган Јаќимовиќ.
– Ако веќе си испуштил некоја подобра можност, најважно е веднаш да го заборавиш тоа. Во шахот секогаш се продолжува понатаму, мора да се мобилизираш повеќе и да се обидеш да го поправиш она што си го испуштил,- вели ВМ Кирил Георгиев, кој своевремено, во 1983 беше Светски јуниорски шампион.
Алкалоид останува во борбата за медал, при што особено решавачки ќе бидат наредните 2-3 кола. Денес шахистите на Алкалоид играат против репрезентацијата на Полска која е седморангирана.
Единствениот поен за македонските екипи го освои селекцијата на слепи и слабовидни шахисти која играше нерешено со Шкотска (категорија над 50 години), додека македонските ветерани во категоријата над 65 години (18. место по стартен рејтинг) и покрај триумфот на Александар Кралевски, го загуби дуелот со Косово која е 9-рангирана екипа на турнирот, исто така со 2,5:1,5.
Фото: Архива на ШК Алкалоид
(ПР)