Соопштенија
Единствена Македонија: Заев тврдеше дека има руско влијание и руски пари – сега вели нема такво нешто

Зоран Заев во изминатиот период помпезно најавуваше дека Русија се меша во Македонија преку финансирање навивачки групи и други организации. Заев вчера се поколеба и ја смени изјавата. Наместо првичните тврдења дека има руско мешање и руски пари во Македонија, сега Заев вели дека нема докази за руско мешање и за руски пари во Македонија, обвинуваат од Единствена Македонија.
„Зоран Заев во изминатиот период ширел лажни вести за наводно руско мешање и руски пари во Македонија со цел дефокусирање на јавноста од поразителни настани за него, како на пример, кога полицијата брутално го претепа народот во јуни на собирот пред Собранието, па сокривање на срамот од празните плоштади со т.н. НАТО журки, па грабежот на македонскиот буџет од министри, пратеници, владини советници на СДСМ преку милионски незаконски тендери и разноразни донации од фамозниот владин фонд за иновации.
Вчера дојде потврдата за големите лаги на Заев и тоа не од кого било туку од самиот Заев, кој рече дека нема докази за руско мешање и руски пари во Македонија.
Останува сега Заев да одговори и на прашањето дали има странско мешање и странски пари во Македонија од НАТО и ЦИА со цел спроведување на антимакедонскиот геноциден проект за бришење на цел еден народ од светската мапа на нации.
Лагите на Заев и неговите странски газди повеќе не минуваат, референдумот нема да успее, процесот на бојкот и неизлегување на гласање е тргнат, храбро, решително и во интерес на македонскиот народ и никој повеќе не може да го сопре.
Влијанието во Македонија денеска е македонскиот народ, кој за Македонија ако треба и ќе погине, нема повеќе отстапки пред ниту една сила“, додаваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
„Алкалоид“ на Третата регионална ESG-конференција на AmCham: градење резилиентност во свет што се менува

Во својство на една од пионерските компании во имплементацијата на принципите на еколошко, општествено и корпоративно управување (ESG), „Алкалоид“ зеде активно учество на Третата регионална ESG-конференција, организирана од македонската подружница на Американската стопанска комора, во соработка со AmCham Србија, AmCham Албанија и AmCham Косово.
Настанот собра претставници од деловниот сектор, институциите и граѓанското општество, обезбедувајќи платформа за стратешки дијалог, регионална соработка и усогласување на ESG-приоритетите во контекст на заедничките предизвици и цели на регионот.
„За компаниите во земјава и регионот примената на ESG-принципите повеќе не е избор – тоа е стратешки чекор кон одржлив раст и поголема конкурентност на глобалниот пазар“, истакна во својот воведен говор Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Во својство на член на Бордот на директори на Американската стопанска комора, Мукаетов потенцираше дека иако општествената одговорност на компаниите (CSR) често се смета за правилната работа што треба да се направи, ESG сè повеќе се препознава како паметен пристап, особено во контекст на глобалните предизвици и стремежот кон долгорочна резилиентност и одржливост на бизнисите. Од објавувањето на првиот ESG-водич за известување од страна на Македонската берза во 2022 година, изработен со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), започна видлив напредок во областа на ESG-сообразноста кај компаниите во земјава и регионот.
Сепак, како што беше нагласено од страна на говорниците на Конференцијата, процесот на имплементација сè уште е неконзистентен и нецелосен. Учесниците упатија јасен повик за појаснување на регулативната рамка, воспоставување посилни стимулации и обезбедување техничка и институционална поддршка за градење капацитети, со цел да се овозможи поширока, посистемска и поефикасна примена на ESG-стратегиите во сите сектори на економијата. Особено беше потенцирана важноста од усогласување на националните регулативи со стандардите на ЕУ за одржливост, имајќи предвид дека ЕУ е најголем трговски партнер на регионот.
Во рамките на втората панел-сесија насловена „ESG во рамки на ЕУ-регулативата: клучни импликации за компаниите од Западен Балкан“, говореше координаторот на ESG-одборот на „Алкалоид“ АД Скопје, Димитар Ристовски, кој изјави:
„За ’Алкалоид’ ESG-стандардите не претставуваат само формална обврска – тие се суштински дел од нашето секојдневно работење и стратешки двигател за управување со ризици, поттикнување иновации, обезбедување долгорочна конкурентност, градење доверба кај инвеститорите и пристап до одржливо финансирање. Денес вистинското лидерство не се мери само преку финансиските резултати, туку и преку влијанието што компанијата го има врз луѓето и животната средина.“
„Алкалоид“ досега има објавено три ESG-извештаи, а минатата година компанијата го доби признанието „Добри ESG-практики за 2024 година“ од страна на Македонската берза и Американската стопанска комора за својот најнов консолидаран извештај, изработен на ниво на целата групација.
(ПР)
Соопштенија
„Каде брзаш? Не брзај за да стигнеш!“ – ОКТА, МВР И РСБСП со заедничка кампања за поголема безбедност во сообраќајот

Под мотото „Каде брзаш? Не брзај за да стигнеш!“ стартува кампањата за безбедност во сообраќајот на ОКТА, Министерството за внатрешни работи (МВР) и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП). Целта на кампањата е подигнување на свеста во јавноста за важноста на поголемото внимание на сите учесници во сообраќајот. Во рамките на кампањата ќе бидат преземени низа активности кои на иновативен начин ќе информираат, едуцираат и ќе алармираат за поголема одговорност во сообраќајот.
„Безбедноста во сообраќајот е еден од приоритетите во стратегијата за општествена одговорност на ОКТА. Многу внимателно и посветено пристапуваме кон активностите и кампањите кои што имаат за цел да ја подигнат јавната свест за тоа колку е важно да се биде одговорен учесник во сообраќајот. И тоа не го правиме само преку донации, туку и преку едукативни работилници и кампањи во кои што се вклучени релевантни партнери од општеството во кое работиме. Едукацијата и превенцијата се вистинскиот начин за подобрување на сообраќајната култура и намалување на негативната статистика од патиштата во државата“, изјави главниот извршен директор на ОКТА Димитриос Пасхос.
Кампањата „Каде брзаш? Не брзај за да стигнеш!“ е фокусирана на предупредување на јавноста за опасноста од неодговорно однесување во сообраќајот преку реални животни ситуации, со цел да поттикне промена на навиките и однесувањето на учесниците во сообраќајот.
„Состојбите на терен укажуваат дека покрај редовните контроли на нашите екипи, потребна е соработка и активно вклучување на повеќе чинители во подигнување на свеста кај луѓето. Праксата покажува дека информирањето и едукацијата се многу важни во превенцијата на поголем број на сообраќајни несреќи. Затоа сме уверени дека оваа кампања ќе допринесе кон она што е наша заедничка цел – безбедни улици и патишта за сите учесници во сообраќајот“, истакна Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Според податоците, најголемиот број на незгоди се случуваат како резултат на невнимание во текот на сообраќајот.
„Брзиот и динамичен начин на живот го зголемува процентот на сообраќајни незгоди, што за нас е дополнителен аларм за интензивирање на активностите во насока на превенција преку едукација за подигнување на јавната свест кај сите учесници во сообраќајот. Веруваме дека и оваа кампања преку иновативни и суштински пораки ќе даде придонес учесниците во сообраќајот да бидат совесни и повеќе да внимаваат“, потенцираше Горан Ангеловски, претседател на Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.
Кампањата „Каде брзаш? Не брзај за да стигнеш!“ ОКТА ја лансира преку платформата „Јас Внимавам“ која што е еден од столбовите на кои што се базира стратегијата за општествена одговорност на компанијата. Во 2017 година оваа платформа беше прогласена за најдобра национална општествено одговорна практика на годишната манифестација организирана од Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија. Платформата беше оценета како најефективна и најсеопфатна во однос на прашањата со кои се занимава. „Јас внимавам„ беше избрана во конкуренција на 15 големи компании со вкупно 24 проекти.
(ПР)
Соопштенија
Клиника Жан Митрев официјален медицински партнер на Кошаркарската федерација на Република Македонија

Клиника Жан Митрев и Кошаркарската федерација на Република Македонија потпишаа договор за официјална медицинска соработка за сезоната 2025–2026, со што Клиниката станува официјален медицински партнер на македонските кошаркарски репрезентации.
Предмет на оваа стратешка соработка е обезбедување на професионална здравствена грижа, редовни дијагностички и специјалистички прегледи, спортска медицина за сите селекции под капата на КФСМ, сениорската машка и женска репрезентација, како и за младинските репрезентации (М16-М20) машки и женски на возраст од 12 до 20 години кои ќе настапуваат на европските првенства во рамки на сезоната.
„Нашата мисија отсекогаш била да вложуваме во здравјето и квалитетот на животот. Поддршката на спортот, особено на кошарката која обединува и инспирира генерации, е природно продолжение на таа мисија. Оваа поддршка е одраз на нашата верба во младите, во нивниот потенцијал и во потребата од силни, здрави и мотивирани идни лидери. Уверени сме дека преку ова партнерство ќе придонесеме за унапредување на спортските достигнувања и, уште поважно, за негова поширока афирмација меѓу младите, а нашата експертиза станува дел од успехот на националните репрезентации. Здравјето на спортистите мора да биде приоритет, а ние сме тука да го гарантираме тоа“, изјави д-р Жан Митрев, основач на Клиника Жан Митрев.
Оваа соработка претставува важен исчекор за КФСМ, обезбедувајќи системска, квалитетна и навремена медицинска грижа за сите категории на кошаркари кои настапуваат под државното знаме.
„Професионалната спортска медицина е клучен фактор за врвни резултати. Благодарение на ова партнерство со Клиника Жан Митрев, нашите репрезентативци добиваат врвна здравствена поддршка, дијагностика, консултации и континуирана грижа. Веруваме дека ова е модел на соработка кој ќе ја подигне грижата за спортистите на ново, европско ниво“, изјави Томе Главчев, претседател на КФСМ.
Со овој договор, Клиника Жан Митрев не само што станува медицински партнер, туку и симбол на поддршка за македонскиот спорт, градејќи мост помеѓу врвната медицина и врвните спортски напори.
(ПР)