Соопштенија
(Видео) ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп: Ќе преземат ли МВР и прилепското ОЈО нешто по објавата дека се зема мито за вработување

Прилеп стана град на криминалот, корупцијата и непотизмот, град синоним за насилства, убиства, разбојништва, палење автомобили, тепачки. Ќе беше сè поинаку и сфатено како политичка пресметка доколку ваквите констатации не стасуваа од членови и активисти на СДСМ, изјави на денешната прес-конференција Ирена Стерјовска-Локвенец од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
„Веќе 14 месеци во Прилеп сведочиме за криминал до криминал, афера до афера, за кои немаме сознание дека се поведени постапки пред надлежните органи. За жал, како да сето ова останува незабележано од прилепското јавно обвинителство и од МВР.
Секоја професионална институција досега би постапила по службена должност и би се заинтересирала за расчистување на фактичката состојба поврзана со тврдењето на вработена во Општина Прилеп, која на својот „Фејсбук“ профил имаше објава дека и кажале како за втор случај било земано мито во Прилеп и Општина Кривогаштани за вработување.
Истата вработена, позната по нејзиниот професионален интегритет, долгогодишното искуство во новинарското истражување побара од МВР да го расчисти случајот.
Прашуваме дали МВР досега презеде нешто околу ова? Дали постојат осомничени лица, дали можеби е извршен и распит на истите? Бараме под итно градоначалникот на Прилеп да даде изјава околу оваа констатација и да ги посочи можните сторители“, изјави Стерјовска-Локвенец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Зборувај за убавините на својата земја – Шара, Водно, Пелистер, Плачковица

Има некои работи кои секогаш, без исклучок ни притискаат некое копче, некој нерв за прекрасни емоции, прават да се чувствуваме спокојни, да чувствуваме љубов, да се чувствуваме како дома. Понекогаш тоа е песна со која сме израснале, понекогаш тоа е мирис на омиленото јадење кое ни го готвела баба, а понекогаш тоа е некое место, некоја планина или нејзиниот врв.
Како што е прекрасниот и моќен Љуботен на Шара, како што е Водно над Скопје… Места и пејзажи на кои секогаш им се навраќаме, опеани од нашите поети: од Константин Миладинов во „Т’га за југ“ до Нина Спирова: со „Parlez-vous français за Скопје, за Вардаровиот кеј, за Водно, зборувај за Шар Планина, за убавините на својата земја…“
Животот станува сè побрз, а обврските изгледаат бесконечни. Потиснати од постојаниот стрес на современото живеење, од секојдневното пробивање низ гужвите во сообраќајот, од уморот од работата и постојаниот наплив на информации на интернет, спас и одмор сè повеќе гледаме во нашите природни убавини, како простор каде можеме да почувствуваме внатрешен мир и барем за кратко – спокојство. Престојот на планина е здравје.
Ако Македонија има нешто во изобилство, тоа се планините. 87% од територијата на нашата татковина е планинска и веројатно тоа е најголемото богатство со кое располагаме, затоа СКОПСКО ова лето вниманието го насочува токму кон нив.
Платформата на СКОПСКО, „Наша Гордост. Наша Одговорност“ се стреми да биде вистински пример за силата на заедничката акција во заштитата на природните богатства на Македонија. Од март започнува кампањата „Заедно се грижиме за планините“ преку која од секое продадено шише „скопско“ или „скопско смут“ со специјална етикета ќе се собираат средства за чистење на нашите планини и обезбедување на урбана инфраструктура.
Наши се Шара и Водно и Пелистер и Плачковица, секогаш биле и секогаш ќе бидат, затоа да бидеме дел од напорите да се заштитат најдобро што може. Причината за тоа ја опеа и нашата Нина Спирова во нејзиниот легендарен шлагер „Никогаш не заборавај дека најсреќен си само дома.“
(ПР)
Соопштенија
9-тото електрично возило за чистење на БРАКО излезе на пазарот

40 продавачи на возилата за чистење на БРАКО од целиот свет денеска во кругот на фабриката во Велес го тестираа новото електрично возило за чистење Грин Машинс кое влегува на пазарот, откако доби меѓународна сертификација од ТУВ Германија.
Грин Машинс 720 ZE e целосно нова машина развиена во последните две години во БРАКО во Велес, од тим составен од врвни домашни инженери.
Покрај вградената технологија од последната генерација, најважна предност на новата електрична метларка е што има зголемен капацитет на контејнерот, но притоа е внимавано тежината на возилото да не надмине 3 и пол тона, за да може да се управува со Б категорија, а што е олеснувачко за комуналните претпријатија и општините кои денес тешко можат да најдат возачи со Ц категорија. Од таа причина се очекува овој модел да биде најбаран во својата категорија на светскиот пазар.
Свиперот работи на електричен погон, со вградени мотори во задните тркала и управување на сите четири тркала, вртење практично во место погодно за тесни улички во градските јадра, воден облак за спречување на прашина при метењето, миење под притисок, дополнителен страничен усисувач, стаклен под за подобра прегледност на полето на чистење и 360⁰ камера.
Грин Машинс на БРАКО продава возила за чистење на електричен, водороден и класичен погон во 50 држави во светот.
ПР
Соопштенија
ИСОС: Преку притисок врз институциите неформална група сака да продолжи да работи во сива зона наспроти 6.300 сметководители, кои работат според законот

Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) денеска оствари средба со пратеници од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, кои во Собранието доставија предлог измени и дополнувања на Законот за сметководствени работи по скратена постапка, а по барање на неформална група.
На средбата со пратениците, членовите на управниот одбор на ИСОС, како единствена организација основана согласно Законот која има јавни овластувања и ги претставува интересите на сите сметководители и овластени сметководители во земјава, истакнаа дека ИСОС ќе достави во најкус можен рок забелешки на предложените измени и ги изнесоа фактите за реалните состојби во оваа професија.
Фактите говорат дека 6300 сметководители и овластени сметководители кои активно се занимаваат со оваа законски регулирана професија во нашата земја, доследно ги почитуваат своите законски обврски, односно навремено и точно ги ажурираат своите податоци во регистрите кои ИСОС законски е обврзан да ги води, ги имаат исполнето законски утврдените часови за континуирано професионално усовршување и во целост ја платиле предвидената членарина.
Наспроти ова, поединци од т.н. „неформална група“, кои и покрај сите укажувања и апели не ги исполниле свои законски обврски, продолжуваат да вршат притисок во јавноста и врз институциите, со цел да им се овозможи да се занимаваат со сметководствена дејност надвор од важечкиот Закон. На ваков начин, преку притисок, овие поединци сакаат и понатаму да им се дозволи да работат во т.н. сива зона, што е една од основните негативни појави за чие сузбивање се залагаат сите учесници во дејноста и надлежните институции и која им нанесува огромна штета на мнозинство активни сметководители кои редовно ги исполнуваат сите свои законски обврски и со право очекуваат да им биде овозможено да работат и да напредуваат во професијата.
Претставниците на оваа неформална група, кои вчера протестираа пред Министерството за финансии, јавно признаваат дека не ги почитувале своите законски обврски само затоа што Законот не им се допаѓа, сметаат дека тие нема потреба да се усовршуваат и да го надградуваат своето знаење од областа и не сакаат да ја плаќаат законски утврдената членарина.
Споредбено на тоа, што ќе се случи доколку претставниците на останатите законско регулирани професии, како што се: лекарите, инженерите, проценителите, адвокатите и други, свесно престанат со своето континуирано стручно усовршување.
На денешната средба, членовите на Управниот одбор на ИСОС, им укажаа на пратениците дека предложените измени во Законот по скратена постапка, кои се резултат на јавниот притисок што го прави споменатата неформална група, задираат во некои од клучните аспекти за регулација на професијата и можат да нанесат долгорочни штетни последици врз нејзиниот натамошен опстанок и развој, што секако негативно ќе се одрази и врз државата и економскиот развој на земјата.
Убедени сме дека институциите заедно со ИСОС ќе успеат да пронајдат соодветно решение, особено во овој период кога, по долг период на застој, ажурираните Меѓународни стандарди за финансиско известување (МСФИ) започнаа да се применуваат во земјата.
ПР текст