Соопштенија
СДСМ: На ВМРО-ДПМНЕ му пречи тоа што се води неселективна борба против корупцијата, па затоа шири лажни вести за Николовски

ВМРО-ДПМНЕ упорно продолжува да измислува и конструира непстојни случаи во обид да спечали некаков ситен политички поен, реагира СДСМ на прес-конференцијата на Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој обвини дека Љупчо Николовски повеќе од две недели молчи за шверцуваниот тутун на Деве Баир.
„Со недели од белиот дворец лажат за наводен нелегален тутун иако тие лаги досега неколкупати се демантирани. Според јавно објавени информации, за конкретниот случај за кој ВМРО-ДПМНЕ лаже, уште пред неколку месеци отворена е предистражна постапка во рамките на Царинската управа, известен е и надлежен јавен обвинител, пред ВМРО-ДПМНЕ воопшто и да ја отвори оваа тема. Очигледно е дека на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од бранителот на криминалот – Мицкоски, му пречи тоа што денеска се води неселективна и бескомпромисна борба против корупцијата, па затоа шират лажни вести против вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, и неговото семејство“, пишува во реакцијата,
Од СДСМ велат дека времето кога се контролирале и отворале наменски фирми за одредени бизниси и никој не одговараше за ништо, завршило со падот на режимот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес, никој не е над законот, секој што ги прекршил законите – одговара, без разлика кој е. Фрустрирани од поразите и очајни затоа што не успеваат да го одбранат криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, им останува само да шират лажени вести, да конструираат случаи во кои никој повеќе не верува. Ете затоа губат на сите избори во последните четири години, затоа ќе изгубат и на локалните избори наесен“, пишува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Трајановски: Контрола врз загадувачите и редовно чистење на дивите депонии

Контрола врз загадувачите и редовно чистење на дивите депонии ветува Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од ДСМ.
„Аерозагадувањето е сериозен проблем за здравјето на граѓаните, не само во Општина Аеродром, туку и на ниво на целото Скопје. Во зимскиот период, алармот за загаден воздух е многу висок. Нашите деца, повозрасните, хронично болните, сите ние ја чувствуваме оваа закана врз здравјето и квалитетот на живот. Како општина, мораме да преземеме одговорност. Затоа, планираме контрола на загадувачите и редовно чистење на дивите депонии. Ќе воспоставиме континуиран мониторинг на сите регистрирани и потенцијални извори на загадување, со транспарентни податоци достапни за граѓаните. Паралелно, ќе понудиме субвенции за граѓаните кои ќе преминат на еколошки системи за затоплување, со што директно ќе се намали емисијата на штетни честички. Општината ќе вложи и во едукација: подигање на еколошката свест преку кампањи, работилници и училишни програми. Борбата против загадувањето е заедничка задача“, вели тој.
Соопштенија
Реконструкција на училишта, нови сали и современи ИТ кабинети во програмата на ЗНАМ

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денес одржа прес-конференција посветена на образованието во Куманово, нагласувајќи дека тоа е најголемата инвестиција во иднината на градот и неговите жители.
„Квалитетното образование мора да биде право, а не привилегија. Нашата цел е секој ученик и студент да има современи услови за учење и развој, а општината ќе продолжи да вложува во подобрување на наставниот процес, спортските капацитети и инклузивноста,“ беше истакнато на прес-конференцијата.
Во програмата за следниот период се предвидуваат реконструкција и доопремување на централните и подрачните училишта, со акцент на енергетска ефикасност и пристапност за лицата со попреченост, нови и реконструирани училишни спортски сали, современи ИТ кабинети и технолошки зони, уредени училишни дворови со осветлување и нова урбана опрема, целосна реконструкција на повеќе основни училишта и спортски сали низ Куманово и околните населби и промоција на инклузивна средина во сите училишта.
„Нашата визија е преку образованието да создадеме генерации подготвени за предизвиците на новото време, но истовремено свесни за своите корени, култура и вредности. Секој млад ум е искра надеж за подобро утре, а токму образованието е силата што ќе го движи Куманово напред,“ порачаа од Движењето ЗНАМ.
Соопштенија
Бујар Османи најави план за дивоградбите во Чаир

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на прес-конференција вети итни мерки за решавање на проблемот со дивоградбите, нагласувајќи дека граѓаните кои биле измамени нема да бидат жртви на урбаната мафија.
Како што појасни Османи, работа на кризниот штаб, што ќе биде формиран за таа намена, ќе биде мапирање на дивоградбите и нивна темелна проверка за да се утврди дали ги исполнуваат стандардите за безбедно домување.
„Најпрво е тестирање на структурната стабилност на тие згради, бидејќи нашите информации велат дека, брзајќи да се завршат процедурите, не се почитувале правилата на статиката, динамиката, механиката, приклучоците на електричната мрежа, пристапот до вода, и тие објекти се нестабилни. Оценките на некои архитекти се дека еден земјотрес со многу помала јачина може да ги урне. Не се преземени мерки ниту за противпожарна заштита“, рече Османи.
Тој истакна дека поради непочитувањето на принципите на градба, семејствата што живеат во овие згради поминуваат низ вистински хорор секојдневно.
„Имав можност да се сретнам со група семејства од една од зградите на Серава, која е вистинска карикатура или црна дамка на управувањето со Општината изминативе 20 години. Нивните приказни се потресни. Луѓето биле измамени со сосема поинаков приказ на зградата, висината на зградите им била претставена поинаку. Денес тие живеат таму без ниту еден документ, иако ги потрошиле целите животни заштеди. Нивните станови биле препродавани по десет пати. Тие се искачуваат до десетти кат без лифт, бидејќи не е изграден. Јавните простори и ходниците им се продадени на луѓето за комерцијални цели. И сето ова било овозможено во 2011 година, кога мојот противкандидат бил на функција за издавање дозволи“, рече Османи.
По проверките, како што појасни Османи, доколку зградите го поминат тестот на издржливост и стабилност ќе се работи на изнаоѓање начин на нивно легализирање, за граѓаните да ги добијат потребните документи и да можат мирно да спијат.
„Тоа е прво. Второ, начинот на кој се носеле овие одлуки и како се легализирале на нелегален начин е прашање за Јавното обвинителство, кое ќе го истражи тоа. Но, ние веднаш ќе направиме ревизија на сите прашања и на целата документација во секторот за урбанизам“, истакна Османи.